Безбедноста на девојките на јавните места во Струга: Дали избегнуваaт одредени улици?

 „Кога шетам навечер често разговарам со некого на телефон за да се чувствувам побезбедно.
„Секогаш избегнувам места каде што нема осветлување.
„Има некои улици по кои никогаш не поминувам затоа што се плашам.

Ова се само неколку ситуации кои опишуваат колку девојките се чувствуваат безбедни на јавни места и една од честите теми на разговор меѓу нив. Стравот од демнење, напад или вознемирување често е секојдневен придружник на девојките кои се движат по улиците на нивните градови, па и на улиците на еден мал град како што е Струга.

Јавното сексуално вознемирување е форма на родово базирано насилство кое влијае на животот на младите. Овој тип на вознемирување подразбира: свиркање, зјапање, сексуални коментари за облеката, следење, пресретнување на пат/запирање, заканување. Сите млади луѓе, било тоа да се девојчиња или момчиња, можат да станат жртва на овој феномен. Меѓутоа, податоците и истражувањата ширум светот покажуваат дека јавно сексуално вознемирување далеку повеќе доживуваат жените, девојките и маргинализираните групи.

Mollëkuqja.mk разговаше со девојчиња од различни возрасни групи во Струга. Од тие разговори произлезе дека без разлика на нивната возраст, голем дел од нив го чувствуваат истиот страв и несигурност кога се движат низ градот, а посебно кога се излезени навечер и се движат по улици или улички каде што нема многу раздвиженост.

„Навечер ми е потешко е да се движам ако улиците се празни. Да, чувствувам страв, но кога има луѓе и осветлување е поинаку. Чувството на несигурност доаѓа од самите наши мисли: што ако ме нападнат или вознемируваат, дали ќе можам да се одбранам? Што се однесува до полицијата, немам многу доверба. Постојано слушаме за отстапки од институциите, затоа немам толку доверба“.

„Не чувствувам некоја голема опасност по улиците на Струга. Повеќе се плашам од кучињата скитници кои се собираат во глутници. За жал, мислам дека полицијата не може да ми помогне во некоја конкретна ситуација“.

„Не се чувствувам безбедно на улиците без осветлување и таму каде што нема многу движење. Мислам дека треба да се преземат чекори од институциите за зголемување на нивото на безбедност, особено во ноќните часови. Полициското патролирање и нивното присуство во секој дел од градот би помогнало многу“.

„Тоа што го слушаме во вестите ме прават да се чувствувам несигурно и да се плашам дека нешто слично може да ми се случи и мене. Не сум сосема сигурна дека полицијата ќе го следи случајот до крај, но се надевам дека ќе помогне“.

„Во Струга насекаде се чувствувам сосема безбедно бидејќи тоа е мал град и се познаваме речиси со сите. Да, и да не познавам некого, мислам дека слободно би побарала помош во одредена ситуација“.

„Се чувствувам небезбедно затоа што мислам дека треба да има повеќе патроли низ градот, полицијата дефинитивно може да ги спречи инцидентите, но не постапуваат праведно затоа што се функционира со познанства и многу пати не се постапува како што треба.

Фактори кои влијаат да се чувствуваме небезбедни

Од разговорите и добиените податоци произлегува дека некои од главните фактори кои го зголемуваат чувството на несигурност се:

  • Недостатокот на осветлување на јавните места;
  • Кучињата скитници,кои често се наведуваат како причина за страв и вознемиреност;
  • Недовербата во полицијата,што го зголемува чувството на несигурност;
  • Етикетирањето и предрасудите,кои ги спречуваат жените и девојките да пријават случаи на вознемирување или насилство.

Според Секторот за внатрешни работи во Струга, во 2024 година биле пријавени само 13 случаи на нарушување на безбедноста на девојчињата и жените на јавни места. 12 од овие случаи се однесуваат на физички напад на жртвата, а 1 на вознемирување, навреда и омаловажување.

Со оглед на ниската доверба во оваа институција, од таму потенцираат дека преземаат превентивни активности преку соработка со различни невладини организации и преку други државни сектори за спречување на родово базираното насилство.

„Одделот за внатрешни работи Струга, во рамки на општите активности на СВР Охрид, според планот за превенција презема превентивни кампањи за сузбивање на насилството и во овој контекст и на насилството врз жените. Овие превентивни активности се преземаат преку секторот за превенција, но и во соработка и координација со други инстанци и невладини организации кои делуваат во оваа област“,

се изјаснија од оваа институција за Молекуќја.мк.

Безбедноста во јавните места не е само право, туку и должност на институциите да ја гарантираат слободата и достоинството на сите граѓани.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго