Успешни жени – 2024 година и бројните концерти на Дајана Маљолари и Агона Чупи

„Moлекуќја“ го продолжува циклусот профили на успешни жени кои зборуваат за успехот на другите жени. Во претходниот напис актерката Ѕака Јонузи Челику ја одбра сопранистката Бесарта Муртезани, а таа пак ја одбра сопранистката Дајана Маљолари Пајазити како жена која постојано реди успеси. Таа пак ги издвои активностите на диригентката Агона Чупи. Повеќе за тоа за што се истакнаа тие во оваа година и за нивните активности можете да прочитате во продолжение во нивните кратки биографии.

ДАЈАНА МАЉОЛАРИ ПАЈАЗИТИ

Уникатноста на оваа година за мене лежи во различноста на презентираните програми, почнувајќи од рециталните концерти, оперските претстави, па се до промоцијата на нашата национална музика, едно достоинствено заокружување на една година исполнета со емоции и уметничка посветеност. Можам да истакнам дека оваа година беше доста интензивна и продуктивна, со богата и разновидна уметничка агенда, со различни настапи на национално и меѓународно ниво, од кои би ги издвоила следните:

- Концертот „Звуци во рамка“, чија уникатност беше во спојот на познатите дела на класичната музика со елементи на рок музиката и со професионален оркестар како што е камерниот оркестар, чиј составен дел беа класичните акустични и електричните музички инструменти.

- Рециталниот концерт во рамките на Меѓународниот музички фестивал „Меридијани“ во Тетово, со разновидна програма во која се опфатени сите епохи на развојот на класичната оперска музика.

- Оваа година септември беше еден од најинтензивните месеци, со голем број на значајни активности, од кои може да го издвоиме концертот „Виа Игнација“ во придружба на Камерниот оркестар од Елбасан, Република Албанија, рециталниот концерт во Тетово и солистичкиот концерт во рамките на Меѓународниот музички фестивал „Leshok Chamber Music Festival” (Лешочки фестивал на камерна музика).

- Концертот на кој настапив како солистка со Камерниот оркестар „Ода“ е еден од концертите што може да го означи месецот октомври.

- Исто така и интерпретацијата на улогата на Евридика во операта „Орфео и Евридика“ во рамките на фестивалот „Фриме вјеште“, улога која ми даде извонредно задоволство, не само поради нејзиното музичко и драмско значење, туку и поради големата одговорност кое лежи во пренесувањето на еден таков симболичен и емотивно сложен карактер.

- Концертот во Истанбул, Турција беше едно од најпосебните искуства за оваа година, на кој јас изведов една богата програма на различни јазици од светски познати композитори. Оваа уметничка и културна разновидност ми даде можност да ја истражам и да ја пренесам универзалната моќ на музиката пред една преполна сала со публика која ја ценеше уметноста и класичната музика.

- Не можам да не го спомнам и свечениот концерт „Со звуците на ноември“ во организација на Музичкиот ансамбл на РСМ во кој интерпретацијата на нашата албанска музика не само што ја воодушеви публиката, туку и мене како солист ми даде длабоко чувство на гордост поради исполнување на мисијата за пренесување на вредностите и традициите на нашата автентична национална музика.

*Како успешна жена за 2024 година ја избирам диригентката Агона Чупи, поради бројните концерти што ги имаше оваа година.

Дијана Маљолари Пајазити - Родена е во Тирана и таму и го завршила своето образование. Студиите по пеење ги започнала кај професорката Елеонора Аслани, а подоцна и на Уметничкиот Лицеј „Јордан Мисја“ кај познатата професорка Зина Здрава („Заслужен уметник“ (Artiste e Merituar). Додипломските студии ги завршила на Универзитетот на уметностите во Тирана, отсек за Канто и музичка педагогија, со просек 10 во класот на познатата професорка Едит Михаљи, која ги носи титулите „Заслужен уметник“ и „Голем мајстор“. Актуелно е професорка по соло пеење на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ како и на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Тетово.

Учествувала на многу концерти, фестивали, спектакли, семинари, а исто така е и добитничка на многу признанија и награди на различни натпревари во земјата и во странство. Работела како професорка по канто (соло пеење), пијано, теорија на музиката и солфеж во Тирана.

Како солистка учествувала на различни концерти во: Албанија, Македонија, Косово, Италија, Германија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Турција итн. Во јули 2019 година одржа концерт со меѓународно реномираната сопранистка Инва Муља во Корча, Албанија.

Истата година одржа концерт во Ле Ноармон, Швајцарија, со меѓународно познатите сопрани Бенедикт Тауран и Контралто Сара Мингардо. Овие успеси ги издвојивме од нејзината многу богата биографија.

АГОНА ЧУПИ

„Оваа година имав многу концерти со многу добри солисти и од земјава и од регионот, концерти во кои уживав многу и во кои имаше многу добра соработка со сите. Многу сум среќна и го сметам за голем успех, не мој личен, туку заедничка победа за целата албанска музичка уметност во Македонија, формирањето на Ансамблот во Тетово и сите проекти што успеа да ги реализира и покрај тоа што сè уште нема ниту еден вработен. Еден многу убав аспект од мојата професијата што ќе го паметам оваа година се концертите за деца, како ''Петар и волкот'', како и концертот кој го подготвуваме за 27-ми со млади таленти кои ќе дебитираат за прв пат како солисти во толку млада возраст. Претставувањето на класичната музика на малите деца ми даде многу надеж и волја за во иднина.

Оваа година ќе ја заокружам со длабока благодарност до сите уметници со кои ја делевме сцената и со кои се потрудивме да го дадеме најдоброто од себе за публиката. Сметам дека сум многу среќна што ја делам сцената со луѓе со кои сме пораснале заедно и со кои сонувавме за овие моменти, и со некои други кои сум ги гледала како мала и кои ми биле инспирација.

*Како успешна жена за оваа година би сакала да ја споменам режисерката Афердита Нухији, со многубројни ангажмани како и секоја година.

Агона Чупи - Родена е во Кичево. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје (2017) во насоката оркестарско диригирање во класата на професор Борјан Цанев. Магистерските студии ги завршила на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје (2018) во насоката хорско диригирање во класата на професор Сашо Татарчевски. Во 2019 година ја завршува втората магистратура на „Новиот бугарски универзитет“ во Софија во насоката оркестарско диригирање во класата на професор Најден Тодоров. Сега ги завршува докторските студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во насоката „Музичка изведба и композиција – хорско диригирање“.

Во текот на овие години таа беше и ко-основач на неколку ансамбли во Северна Македонија, како што се: Младинскиот камерен оркестар (2015 година/основач и раководител), Женскиот хор „Лоренц Антони“ при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (2016 - 2018 година/ко-основач и диригент). Од нејзините досегашни изведби ги издвојуваме: концертот со Градскиот симфониски оркестар на Софија, мјузиклот „Свирач на покривот“ од Џери Бок (асистент) во продукција на Факултетот за музичка уметност во Скопје во соработка со Македонската опера и балет, концертот со Гудачкиот оркестар на Косовската филхармонија, концертот посветен на Лоренц Антони со Државниот ансамбл на албански народни песни и ора во Македонија, хорот „Про Арс“ и др. Таа има одржано десетици концерти со оркестарот „Грифон“ со реномирани солисти од регионот. Има учествувано на повеќе фестивали: „ТЕХО“ - Меѓународен хорски фестивал (Тетово), ДАМ - Меѓународен музички фестивал (Приштина) и на Националната средба на гудачките оркестри во Елбасан. Покрај ова има учествувано и на многу други активности, панели на дискусија и форуми за зајакнување и еманципација на жената Албанка во општеството. Била ангажирана и како асистент, а од 2022 година таа е професор со звање доцент на Државниот универзитет во Тетово по предметот оперско студио и хорско диригирање. Од декември 2022 година е вработена како културен новинар во Радиото на Северна Македонија - трет сервис. Од јуни 2023 година е член на Управниот одбор на Националната установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија - Тетово, каде работи и како диригент.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго