Децата се голем трошок, државата не помага: Родителството станува луксуз во Северна Македонија

Одгледувањето на едно дете во Северна Македонија чини најмалку 2.400 евра годишно. Поради високите трошоци за одгледување на децата многу семејствата се соочуваат со сиромаштија. Премиерот Мицкоски предупредува на пад на наталитетот bën thirrje до паровите да имаат повеќе деца, но од друга страна, државата не обезбедува соодветна помош за да им овозможи на паровите да одгледуваат деца без да живеат во финансиска несигурност. 

Истражувањето спроведено од Центарот за еднаквост и правда, кое опфаќа 646 испитаници и 4 фокус групи со родители, открива дека годишните трошоци на родителите (само покривање на основните потреби) достигнуваат до 3.200 евра. На табелата се прикажани годишните трошоци за секоја возрасна група на деца од првиот ден на раѓање, па се до 18-годишна возраст. 

tabela për shpenzimet by Era Gjakova

Како што можеме да видиме од табелата, трошоците никогаш не се под 2.400 евра. Најниските трошоци, односно 2.400 евра, се евидентирани за децата од 7 до 14 години, додека пак секоја друга возрасна група го надминува износот од 2.445 евра. Најголеми трошоци прават родителите чии деца се на возраст од 15 -18 години, односно 3.200 евра. Неда Чаловска Димовска од Центарот за еднаквост и правда вели дека испитаниците идентификувале уште повисоки трошоци, во зависност од возраста, од вкупните податоци од истражувањето.

„Во однос на трошоците според возраста, нашите испитаници пријавиле највисоки трошоци за адолесцентите, кои достигнуваат и до 200.000 денари годишно, потоа за доенчињата до 2 години, кои достигнуваат и до 190.000 денари годишно, а потоа за децата на школска возраст, кои достигнуваат до 150.000 денари годишно.“

Но, овие бројки не ги одразуваат реалните трошоци што родителите ги прават секоја година за своите деца, бидејќи постојат и скриени трошоци за кои не се дискутира иако се тежок товар за родителите, вели Неда Чаловска.

„Истражувањето откри дека во целиот образовен систем, од градинка до крајот на средното образование, има многу скриени трошоци. Не постои такво нешто како бесплатно образование, ниту пак сумата во градинка е навистина 2.000 денари, бидејќи се плаќа за материјали за работа, за хигиена, книги, опрема, спортски активности, фотографирање, претстави, екскурзии и многу други скриени трошоци.“

Имајќи ги предвид годишните трошоци за одгледување на децата, Абил Бауш, економист, вели дека со минималните и просечните плати во Северна Македонија тешко е да се живее удобно без страв од сиромаштија.  

„Од економска перспектива, имајќи ги предвид документираните реални трошоци за одгледување на дете во Северна Македонија, за семејствата што живеат со минимална плата, а честопати дури и оние со просечна плата, многу е тешко да си дозволат да одгледуваат деца без да бидат изложени на финансиска несигурност.“

Несигурноста се зголемува и во семејствата каде што има повеќе од едно дете родителите дури се принудени и да се задолжуваат, вели економистот.

„Месечните трошоци за едно дете, во зависност од возраста, достигнуваат нивоа што претставуваат значителен дел од семејниот приход, додека пак ако се работи за две или повеќе деца овој притисок се зголемува непропорционално. Во вакви услови семејствата се принудени да ги намалат основните трошоци, да се задолжуваат или да се потпираат на неформални трансфери, што ја прави финансиската стабилност несигурна и краткорочна.“

ДАЛИ ДОНЕСУВАЊЕТО НА ДЕТЕТО НА ОВОЈ СВЕТ Е ЕМОЦИОНАЛНА ИЛИ ЕКОНОМСКА ОДЛУКА?

Желбата за големо семејство сè повеќе е надвадувана од чувството на страв и неизвесност, кои доаѓаат како резултат на драстичното зголемување на цените и животниот стандард, како и политиките кои само декларативно го поттикнуваат наталитетот. 

Анита Латифи, мајка на две деца, на три и четири години, вели дека секој ден е борба за намалување на трошоците, но како што растат децата тие постојано се зголемуваат. 

„Одгледувањето деца денес е значително потешко отколку пред неколку години. Ние сме семејство со средни приходи и постојано сме принудени да ги балансираме нашите финансии. Цените се зголемуваат речиси секој месец, а нашите приходи остануваат исти. Иако на почеток се чини дека како што растат децата некои дневни трошоци како што се оние за млеко, пелени и слично се елиминираат, во реалноста трошоците само се зголемуваат.“

Основните потреби и понатаму се најголемите трошоци кога станува збор за одгледувањето на децата, додава Латифи. 

Се трудиме да не им создаваме зависност од скапи играчки и ја применуваме практиката „носи и донирај“ за облека, но и покрај ова, и понатаму најголемите трошоци се за храна, облека, здравје, активности за нивниот развој и секојдневни потреби.

ФИНАНСИСКАТА НЕСИГУРНОСТ ГО НАМАЛУВА НАТАЛИТЕТОТ

Абил Бауш нагласува дека последиците од секојдневната борба за менаџирање со финансиите за семејствата да не се соочат со сиромаштија се долгорочни и директно влијаат на одлуката дали да станат родители или на бројот на децата што ќе ги имаат.

„Овие финансиски притисоци даваат јасни сигнали за сегашните и идните трендови на наталитетот во Северна Македонија. Падот на наталитетот не е само културно или лично прашање, туку е директна последица на економските услови. Трошоците за одгледување на децата, за образование, здравствена заштита и домување создаваат финансиски товар што ги тера паровите да ја одложат одлуката за раѓање на деца, да го ограничат нивниот број или да го одложат родителството за подоцна во животот. На долг рок се очекува ова да доведе до стареење на населението, намалување на работната сила и зголемен притисок врз пензиските и здравствените системи.“

Анита Латифи го дели истиот став. Според неа, одлуката за раѓање деца сега повеќе се базира на финансиската состојба и можноста за обезбедување на сигурна иднина за децата, отколку на желбата за поголемо семејство. 

„Од разговорите со млади парови се добива впечатокот дека финансиската несигурност е една од главните причини зошто многу парови ја одложуваат одлуката да имаат деца или се ограничуваат на едно или две. Тие сè помалку се потпираат на популарната изрека „Секое дете доаѓа со своја среќа“ како мотивација или надеж дека со доаѓањето на детето ќе се подобри и финансиската состојба. Денес, децата не се само емоционална желба, туку и огромна финансиска одговорност. Кога имаме одно несигурно утре - за работа, цени, здравје или образование, стравот од неможноста да излезете на крај со месецот преовладува над желбата за поголемо семејство.“

Абил Бауш оценува дека на семејствата им се потребни приходи значително повисоки од минималната плата, а честопати дури и повисоки од просечната плата. Анита Латифи, од друга страна, вели дека на семејствата им е потребна системска помош. 

„Доколку имаше вистинска поддршка за семејствата, како што е економската стабилност, финансиската помош за децата и политики што навистина го штитат семејството, многу парови би се чувствувале посигурни во врска со тоа да имаат деца или да имаат повеќе деца.“

Врз основа на сите спроведени истражувања и анкети, се препорачуваат следниве мерки: 

  • Состојбата треба систематски да се следи преку подобрување на методологијата на Државниот завод за статистика за семејните трошоци, да се додадат прашања за бројот и возраста на децата во семејството и да се спроведат целни анализи на потрошувачката, како и за мерење на влијанието на трошоците поврзани со различните животни циклуси на децата; 
  • Да се разгледа начинот и износите на надоместоците за поддршка на семејствата, така што тие ќе ги одразуваат реалните трошоци за одгледување на детето, а не да се одредуваат административно; 
  • Поддршката треба да се базира на проценките на пазарот и редовно да се усогласува, со цел да ги одразува моменталните потреби на семејствата според возраста на детето, видот на семејството и регионалните разлики; 
  • Треба да се одреди една минимална детска кошничка, преку која ќе се обезбедува поддршка за сите семејства.
"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго