Ниту еден лекар и ниту една здравствена институција нема пријавено семејно насилство за свој пациент во Центарот за превенција и контрола на семејно насилство во Тетово. Лекарите, без оглед на областа во која работат, имаат законска обврска да пријават семејно насилство кога кај пациент ќе забележат знаци што можат да бидат последица на претрпено насилство. Од здружението ХЕРА предлагаат пријавувањето на насилството да се овозможи преку системот „Мој термин“.
Од Центарот за превенција и контрола на семејно насилство во Тетово велат дека најчестите пријави доаѓаат од полициските станици, додека пријави од лекари или здравствени институции воопшто нема.
„Немаме ниту една регистрирана пријава за случаи на семејно насилство доставена од здравствени институции или лекари директно до нас; почесто имаме пријавени инциденти од Министерството за внатрешни работи – СВР Тетово.“
Вена Матевска, програмска координаторка во ХЕРА, посочува дека сè уште нема конкретни протоколи за пријавување насилство од страна на здравствените работници и предлага пријавувањето на семејното насилство да се врши преку системот „Мој термин“, што би помогнало да се добие јасна слика за состојбата и да се преземат мерки во конкретни случаи.
„Сè уште нема јасни протоколи според кои сите здравствени работници ќе постапуваат и ќе обезбедат сензитивна поддршка при пријавување, евидентирање и обезбедување психосоцијална поддршка. Недостасува евиденција и пријавување на насилство од страна на здравствените работници, и тоа е аспект на кој треба дополнително да се работи. Здравствените работници треба да можат во ‘Мој термин’ да ги евидентираат и сомнежите за семејно насилство и/или родово базирано насилство.“
Министерството за здравство не води евиденција колку лекари пријавиле семејно насилство во Министерството за внатрешни работи, а МВР, пак, не ги класифицира профилите на пријавувачите, па затоа не може да се утврди професионалниот статус на пријавувачот.
„Во однос на бројот на лекари што пријавиле семејно насилство, ве информираме дека во рамки на статистичката обработка на Министерството, статистичкиот показател е општиот назив ‘пријавувач’ (распределен според родова структура), односно според прописите за статистичка обработка не постои одредница за професионалниот статус на лицата што пријавуваат семејно насилство или други видови кривични дела.“
Многу често лекарите се првите што се во контакт со жртвите на семејно насилство.„Медицинскиот персонал често е првиот што има контакт со жртвата“, потврдуваат од Центарот,„па нивната улога во препознавање и пријавување на насилството е клучна за заштита и безбедност на жртвата.“ Ова го потврдува и Матевска од ХЕРА. Таа информира дека лекарите се обучуваат да ги препознаат физичките и психолошките знаци, како и одредени однесувања што можат да бидат индикација за семејно насилство.
„Здравствениот систем е една од влезните врати за жртвите на семејно и родово базирано насилство и не смееме да дозволиме здравствените работници и соработници да не бидат обучени за навремена идентификација и поддршка. Обврска на државата и институциите е да обезбедат обуките и услугите да бидат достапни и долгорочни. Затоа Министерството за здравство треба да подготви и Превентивна програма за родово базирано насилство преку која континуирано ќе се обезбедуваат финансирање на услугите, обуки, собирање податоци и кампањи, како и мултисекторска соработка.“
Нефункционирањето на секторскиот синџир кога станува збор за пријавување семејно насилство често доведува до доцнење на процедурите, а жртвите остануваат по болничките или полициските ходници. Според Центарот, недостасува информираност и сензибилизација на здравствениот персонал во однос на жртвите, а не се почитуваат меморандумите за соработка и програмата за мултисекторска соработка.
„Постои нестабилна и неформална комуникација меѓу институциите и недоволна вклученост на здравствените работници во континуираните обуки со Центрите и Министерството за внатрешни работи.“
Министерството за здравство, заедно со организации од граѓанскиот сектор, спроведува обуки за медицинскиот персонал во насока на подигање на свеста за семејното и родово базираното насилство. Според Министерството, во 2025 година основна обука за препознавање на семејно и родово базирано насилство посетиле 30 гинеколози.
„Министерството за здравство организира редовни обуки за здравствените работници, како за зголемување на свеста за семејното и родово базираното насилство, така и за постапување и третман, во соработка со организации од граѓанското општество што работат во оваа област, како и со меѓународни организации и професионални здруженија како ХЕРА, УНФПА и МАГО.“
Од ХЕРА потврдуваат за „Mollëkuqja“ дека од 2019 година, заедно со Министерството за здравство и Центарот за семејна медицина, спровеле систематски обуки за повеќе од 250 здравствени работници.
Вена Матевска, програмска координаторка во ХЕРА, ја нагласува важноста на пријавувањето семејно насилство од страна на лекарите и здравствените работници, бидејќи токму тие можат да бидат првата врата на која жртвата ќе затропа.
„Податоците се важни за подобрување на статистиката, но самото постоење на податоци и статистики овозможува и соодветно креирање на услуги според потребата и обемот што се бара.“





