Од родовите стереотипи кон еднаквоста: патот преку патријархализмот

Во едно општество со патријархални и обичајни норми како што е нашето, и со сета почит кон некои од вредностите што традиционално сме ги зачувале и негувале, некои од конзервативните концепти сепак имале забележителен негативен ефект во унапредувањето на некои права на жените и во тој поглед создавајќи разни родови стереотипи го продлабочиле уште повеќе родовиот јаз. Затоа, ова општество е познато по родовите стереотипи, како во семејството, пазарот на трудот, спортот, уметноста, однесувањето, облекувањето, професиите, рекреативните активности, па речиси во сите сфери на животот. Богатата правна рамка, политиката и воведените мерки, институциите формирани специјално за надминување на оваа родова сегрегација, очигледно дека немале голем успех, па затоа граѓанското општество преку организирање и каузата за надминување на родовите стереотипи игра многу важна улога во промовирање на еднаквоста, како и во подигање на својот глас преку застапување за едукација за подигање на свеста на општеството и институциите во однос на преземените обврски во насока на почитување на човековите права во сите сфери на животот.

Балканската култура и менталитет е присутна во најголемиот број на семејства кои живеат под балканското небо. Тука меѓусебно се поврзани традиционалните, религиозните и моралните норми, кои, поради промените што ги доживува современото општество и семејството, се во постојан конфликт. Затоа, приватното право, во кое спаѓа и семејното право, многу тешко се менува и се прилагодува на динамиката која што создаде едно општество и современо семејство на глобално ниво. Заминувањето на граѓаните од балканските земји кон различни земји во светот заради работа, подобар животен стандард или студии, во голема мера влијаеше на прилагодувањето на балканските граѓани на условите за живот, но и на законската рамка што им е наметната во местата каде што живеат и работат. Ова на некој начин влијаеше некои семејства да почнат да бидат полиберални кон традиционалните норми. Друг фактор за позитивните промени во надминувањето на родовиот јаз е секако еманципацијата и финансиската и имотната независност на жената. Сè додека имаме жени кои почнале да ги бараат правата што им припаѓаат, тоа ќе биде еден многу важен чекор кон подобрување на родовите стандарди. Зголемувањето на стапката на вработеност на жените овозможило и финансиска поддршка за семејството и домаќинството, што за многу мажи претставува споделување на финанскискиот товар за издржување на семејството што до пред неколку години им се препишуваше како нивна главна обврска. Значи, воспоставувањето на партнерството во брачните односи секако има позитивно влијание врз надминувањето на поделбата на семејните обврски врз основа на полот. Меѓутоа, нашето општество сè уште го нема надминато стереотипот за вклучување на жените во сите сфери на кариерата, така што имаме многу малку жени на чело на компании, институции и политички улоги, а како резултат на тоа жените генерираат помал приход од мажите, па мажите продолжуваат да доминираат во професиите со повисоки плати од жените. Што се однесува на аспектот на прифатеноста на жените во јавниот и политичкиот живот, мора да се нагласи фактот дека жените се соочуваат со сериозни обвинувања за занемарување на семејните обврски и за давање на приоритет на својата кариера; Говорот на омраза и сексистичкиот јазик е многу присутен не само кај мажите туку и кај жените; Претпоставката за неспособност за извршување на менаџерски функции се поткрепува со тоа што жената се смета за кревка и има „ограничени вештини“ за донесување на одлуки. Придонесот и ставовите на жените кон општествените промени, иако многу значајни, продолжуваат да се минимизираат со тоа што нивната улога се гледа само на зголемување на наталитетот во општеството преку способноста за репродукција. За да се надмине оваа деградирачка средина на улогата и активноста на жената присутна во балканското општество, мора да работиме заедно за едукација на семејството и општеството, со цел да го приспособиме менталитетот на современите промени и на семејната и на социјалната структура. Тоа е затоа што се покажа дека ратификацијата и изготвувањето на различни правни инструменти не донесе никаков успех, бидејќи тие останаа само ветувања и обврски на хартија. Затоа, жените не треба да се гледаат како непријатели и неспособни, туку треба да се гледаат како соработници во надминувањето на сите бариери со кои се соочува ова општество.

Од друга страна, многу значајно за темата е усогласувањето на семејното право во европските земји од аспект на негово промовирање како многу важна гранка во правните системи што доби значење на сериозен проект, особено во контекст на градење обединета и рамноправна Европа од аспект на семејните и социјалните права. Со унапредувањето на процесот на интеграција во различни сфери на општествениот, економскиот, културниот и правниот живот, идејата за „европско“ семејно право станува сè поприсутна. Од аспект на семејното право, ова усогласување започна со формирањето на Комисијата за европско семејно право, чија цел е да го идентификува „заедничкото јадро“ на правила и решенија што постојат во европските земји за секое прашање од областа на семејното право. Оваа Комисија си поставила една амбициозна цел - избор на еден „најдобар закон“ од европските системи за семејно право. Меѓутоа, напорите за усогласување на нормите што ги регулираат семејните односи се соочуваат со бројни предизвици, вклучително и со решавањето на родовите стереотипи кај членовите на семејството. Културните традиции и општествените очекувања поврзани со родовите улоги во семејството значително се разликуваат од една до друга земја, создавајќи на овој начин дилеми за можноста и ефективноста за целосна хармонизација на семејното право на европско ниво. Регулирањето на семејните односи не е само правно прашање, туку е и одраз на општествените норми и вредности кои се под влијание на родовите стереотипи и традиционалните, културните, моралните и религиозните концепти за улогата на жените и мажите во семејството и општеството. Поради тоа активностите на европските институции, особено на Советот на Европа, за создавање на заедничко семејно право што ќе гарантира родова еднаквост меѓу сите членови на семејството, како во личните така и во имотните односи, се соочуваат со големи предизвици токму поради културната, традиционалната и моралната различност меѓу различните општества на различни европски земји.

Од друга страна, гледајќи ги овие прашања од перспектива на нашата земја, ратификацијата на многу меѓународни документи и изготвувањето на стратегиите за родова еднаквост (конкретно Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027) ја обврзуваат Владата и институциите во Република Северна Македонија да се ангажираат во унапредување на човековите права на жените и мажите во сите сфери на општествениот живот, како и во преземање на сите активности во насока на постигнување на родова еднаквост.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго