Сеќавањето после војна никогаш не е неутрално. На Балканот војните во 1990-тите оставија длабоки рани не само во животите на оние кои ги преживеаја, туку и во начинот на кој општествата се сеќаваат или избираат да го заборават своето минато. Во многу повоени држави официјалните споменици често се фокусираат на војниците мажи, жртвите херои и етнички дефинираната виктимизација, оставајќи го главно невидливо искуството на жените.
Меѓутоа, жените постојано го предизвикувале овој молк. Преку различни форми на активизам, тие сеќавањето го претворија во алатка за отпор. Тие зазеле јавни простори, ги преобликувале наративите и инсистирале да искуствата на жените, посебно оние на сексуалното насилство, да бидат препознаени како централен дел од воената историја.
Еден исклучителен пример за овој феминистички пристап кон сеќавањето е „Мислејќи на тебе“,јавна уметничка инсталација од 2015 година на косовската уметничка Алкета Џафа Мрипа, реализирана во соработка со Мрежата на жени на Косово. Во склоп на Проектот се собраа над 5.000 фустани донирани од жени од цело Косово, секој од нив претставувајќи по една преживеана жртва на сексуалното насилство за време на војната. Овие фустани беа поставени на националниот фудбалски стадион во Приштина, трансформирајќи го просторот традиционално поврзан со прослави и маскулинитет во место за сеќавање, солидарност и видливост.
Со одржување на овој евент во националниот стадион „Мислејќи на тебе“, „Мислејќи на тебе“ испрати една моќна порака: приказните на жените мора да бидат во центарот на националното сеќавање. Инсталацијата не беше само еден симболичен гест, туку и чин на граѓанско учество. Илјадници жени придонесоа со својата облека, при што секое парче од нив носеше лично значење, а некои беа и со рачно напишани зборови како: „Ова здолниште ја криеше својата приказна цели петнаесет години“. Преку овој процес исчезна линијата помеѓу уметникот, активистот и јавноста, создавајќи така еден заеднички меморијал каде индивидуалната тага стана колективно признание.
За авторката проектот имаше за цел да им даде глас на жртвите на сексуалното насилство без да ги трауматизира одново. Таа изјави: „Сакав да ги направам видливи оние жени кои предолго молчеа, да го изнесам на виделина она што општеството сакаше да го сокрие“. Инсталацијата привлече национално и меѓународно внимание, истакнувајќи една група на луѓе чии страдања отсекогаш беа маргинализирани во колективната меморија на Косово.
„Мислејќи на тебе“, ги предизвика вкоренетите хиерархии на сеќавањето. Доминантните повоени наративи во Косово се фокусираа на машките борци и жртвите херои, оставајќи ги преживеаните жени во сенка. Со полнење на фудбалски стадион со илјадници фустани Џафа Мрипа ја преобликуваше географијата на сеќавањето, ги стави искуствата на жените во центарот и побара преживеаните од сексуалното насилство да бидат вклучени во колективната историја на земјата.
Влијанието на проектот се прошири и надвор од Косово. Тој беше повторен во различни земји во светот, во Хаг и Стразбург, поврзувајќи го локалниот молк со глобалните кампањи против сексуалното насилство во конфликти. Овие повторувања ја покажуваат приспособливоста на симболичката уметност како алатка за признавање таму каде што формалните механизми често потфрлаат.
Во еден регион каде што военото сеќавање често е селективно, а искуствата на жените се маргинализирани или инструментализирани „Мислејќи на тебе“, нуди алтернатива. Таа покажува дека сеќавањето може да биде чин на отпор, солидарност и трансформација. Алкета Џафа Мрипа преку својата работа нè потсетува дека жените не се само лица ѓто преживеале, туку и активни обликувачи на сеќавањето и на повиците за правда.



