Во време кога социјалните мрежи сè повеќе влијаат на обликувањето на јавното мислење, начинот на кој се третираат прашања како родовата рамноправност во дигиталниот простор останува значаен предизвик. Во разговор за Mollëkuqja.mk, комуникологот Бојан Кордаллов зборуваше за улогата на алгоритмите, поларизацијата на социјалните мрежи, опасноста од сензационалистичка содржина и потребата за поодговорна, поинклузивна и фактички заснована комуникација во јавните дискусии за родова рамноправност.
Како го оценувате влијанието на социјалните платформи врз обликувањето на јавниот дискурс за родовата еднаквост, и каква улога играат алгоритмите и начинот на дистрибуција на содржината?
Социјалните медиуми и алгоритмите денес имаат огромно влијание врз тоа кои информации ќе бидат пласирани и консумирани, а со самото тоа дали и како јавноста ќе ги перципира прашањата за родова еднаквост. Практично, токму од (зло)употребата на дигиталните платформи зависи дали ќе се создаде простор за поголема видливост на темата родова еднаквост и тоа преку споделување на позитивни примери, лични искуства или пак за дезинформации, сеење страв и пораки полни со стереотипи и дискриминација кои ја назадуваат слободата и економскиот напредок на секој човек. Затоа, важно е да нагласиме дека платформите не се неутрален простор, туку место каде луѓе, индивидуи или организирани групи, пласираат содржини и го креираат дигиталниот медиумски простор.
Дополнително, во денешно време, алгоритмите најчесто ја наградуваат содржината што предизвикува силна реакција, а не секогаш онаа што е најточна, најодговорна или најкорисна. Затоа, начинот на дистрибуција на содржината останува клучен. Ако алгоритмот постојано турка поларизирачки, сензационалистички или емоционално набиени содржини, јавниот дискурс станува површен и конфликтен. Но, ако организирано, а тоа значи институционално, медиумски и демократски, се промовираат содржини базирани на факти, искуства, решенија и почитување, дигиталниот простор може и ќе биде силен сојузник на еднаквоста и почитувањето на слободата и правата на секоја индивидуа.
Дали социјалните мрежи ја продлабочуваат поларизацијата околу родовите прашања или создаваат простор за поинформиран дијалог?
Како што и претходно споменав, социјалните медиуми можат да бидат и на светлата и на темната страна. Каде ќе застанат зависи од нас, луѓето, регулацијата на платформите и ажурноста на институциите со надлежност во оваа сфера за спроведување на законите и заштита на демократскиот интерес на секој човек. Оттука, секако дека социјалните медиуми можат да ја продлабочат поларизацијата, особено кога родовите прашања се претставуваат како идеолошка битка, а не како прашање на права, еднакви можности и фер демократско општество. Во таков случај, луѓето често остануваат во свои „ехо-комори“, каде што слушаат само ставови слични на нивните.
Но, социјалните мрежи исто така создаваат простор за поинформиран дијалог. Особено кога има добро модерирани дискусии, квалитетни медиумски содржини, лични сведоштва, податоци и експертски објаснувања. Значи, проблемот не е само во платформите, туку во тоа како ги користиме и каква содржина наградуваме како публика.
Како влијае начинот на „пакување“ на содржината (сензационалистички наслови, емотивни наративи) врз јавната перцепција на прашањата за родова еднаквост?
Начинот на кој се пакува содржината може да биде пресуден, особено ако земем предвид дека статистички е докажано дека и денес и порано, во најголем процент ги читаме насловите и клучните неколку реченици од одредена информација. Тоа значи дека сензационалистичките наслови можат за неколку секунди да ја искриват перцепцијата за една сериозна тема. Кога родовата еднаквост се прикажува преку конфликт, а особено низ призмата на страв или провокација, јавноста може да реагира емоционално, наместо рационално. Тоа понатаму се прелева врз јавниот дискурс на политичките партии и институциите и наместо за функционална демократија и институции, продолжуваме да се вртиме во кругот на поделбите, кавгите и поларизацијата.
Главниот проблем настанува кога одредена емоција се користи за манипулација, наместо за информирање. Затоа е важно содржината да биде јасна, човечка, но и одговорна и инклузивна, да содржи факти, а да исклучува и најмала можност за какво било дополнително стигматизирање.
Колку е одржливо влијанието на онлајн кампањите и активизмот врз промена на ставовите и однесувањето во реалниот живот, дали тие создаваат само кликови или и реална промена?
Онлајн кампањите можат да создадат реална промена, но само ако не останат на ниво на бенфит или профит базиран на кликови, лајкови и хаштагови. За да има одржливо влијание, онлајн активизмот треба да биде поврзан со образование, институционални мерки, локални активности, јавни политики и првенствено промена во комуникациската култура на која во јавноста се разговара на овие важни теми.
Само кампањи за подигање на јавната свест кои поттикнуваат разбирање, вклучуваат претставнички и претставници на сите заедници, нудат конкретни решенија, објаснуваат придобивки за секој човек од целосно спроведување на родовата еднаквост, но и создаваат партнерства, можат да влијае позитивно на одржлива промена на јавната свест. Значи, прашањето не е дали онлајн активизмот е важен и дали е потребен, туку дали е добро осмислен, поврзан со реалниот живот и инклузивен кон сите кои се подготвени да се приклучат. Без исклучок на ниту една група, освен на оние поединци што прават кривични дела, а за кои се надлежни јавните институции да постапуваат.
Кои конкретни практики треба да ги следат медиумите, институциите и креаторите на содржини за поодговорно комуницирање на прашањата за родова еднаквост во дигиталниот простор?
Би рекол неколку основни принципи: позитивен тон на пораките, неисклучување на ниту еден поединец или група, фактички информации кажани на разбирлив јазик и многу лични приказни зошто е важна родовата еднаквост и е позитивна за секоја индивидуа.
Дополнително, но исклучително важно е да се избегнува говор кој создава стереотипи или ја сведува родовата еднаквост на партиска или идеолошка пресметка.
Исто така, доколку зборуваме само за дигиталната комуникација, повторно би нагласил дека треба да биде јасна и достапна за секој човек: разбирлив јазик, визуелно примамлива содржина во тренд со најновите алгоритамски подесувања на популарните социјални медиуми и пораки кои поттикнуваат дијалог и емпатија, а не на поделби.“




