Во дигиталната ера, платформите за социјални мрежи повеќе не се само места за споделување фотографии или комуникација со пријателите. Тие станаа значајни фактори во обликувањето на јавното мислење и општествените интеракции, кои честопати носат и негативни влијанија.
Еден од најзагрижувачките феномени на социјалните мрежи е мизогинијата, односно омразата или презирот кон жените. Онлајн мизогинијата се јавува во различни форми: од сексистички коментари и вознемирување до закани со насилство и координирани кампањи за дискредитација.
Едно од најголемите загрижувања е тоа дека онлајн насилството може брзо да се трансформира во физичко насилство.
Молекукжа анализираше две обемни студии за загриженостите и влијанијата што социјалните платформи ги предизвикуваат кај девојчињата/жените и кај момчињата/мажите.
Како социјалните мрежи влијаат на родовите норми кај адолесцентните момчиња?
Претходните истражувања биле фокусирани главно на влијанието на онлајн родовата нееднаквост врз девојчињата и жените.
Сепак, порастот на мизогини инфлуенсери како Ендру Тејт и зголеменото внимание кон насилството ги засилија загрижувањата за негативното влијание што социјалните мрежи можат да го имаат врз момчињата и младите мажи.
Истражување спроведено од ALIGN за употребата на социјалните мрежи и родовите норми кај адолесцентните момчиња покажува дека малку студии биле директно фокусирани на влијанието на социјалните мрежи врз родовите норми или машкоста кај адолесцентните момчиња, додека пак постојните истражувања за влијанието на социјалните мрежи врз родовите норми кај момчињата и младите мажи не се унифицирани и наодите не можат лесно да се генерализираат.
Наодите сугерираат дека влијанието кај адолесцентите зависи од начинот на кој тие комуницираат со социјалните мрежи и од видот на содржината што ја гледаат или користат.
„Употребата на социјалните мрежи кај адолесцентите е под влијание, но истовремено и само влијае на родовите норми кои постојат во нивните семејства, општествени групи и мрежи. Некои адолесценти може да бидат поподложни на влијанијата на социјалните мрежи отколку други. 'Невидливиот дел' на социјалните платформи — начинот на кој функционираат алгоритмите, деловните модели и нивото на регулација — има значајно, но честопати потценето влијание врз содржините што ги гледаат адолесцентите", се наведува во студијата.
Извештајот нагласува дека се потребни повеќе истражувања, но и она што е познато досега покажува дека дебатата за влијанието на социјалните мрежи врз родовите норми и машкоста треба да се третира со внимание.
Наместо социјалните мрежи да се гледаат исклучиво како ризик, извештајот предлага фокусирање на конкретните ризици, но и на позитивниот потенцијал што тие можат да го имаат во одредени контексти.
Влијанието на социјалните мрежи врз жените и девојчињата
Истражување спроведено од Одделот за права на граѓаните и уставни прашања при Европскиот парламент покажува дека во Европската Унија, употребата на социјалните мрежи е нешто повисока кај жените отколку кај мажите во сите возрасни групи.
Студијата покажува дека Facebook, Instagram, Snapchat, TikTok, WhatsApp и Pinterest се попопуларни кај жените, додека Twitter, LinkedIn, Reddit, Discord, Twitch и Telegram се повеќе користени од мажите.
Студијата наведува дека момчињата и мажите се поверојатно дека ќе се вклучат во ризично онлајн однесување, како сексуален разговор преку пораки, споделување насилни материјали, онлајн вознемирување, хакирање и сајбер измами.
„Поминувањето повеќе време на социјалните мрежи е поврзано со зголемување на симптомите на депресија и кај момчињата и кај девојчињата, но влијанието е поголемо кај девојчињата. Факторите вклучуваат недостаток на квалитетен сон, онлајн вознемирување, ниска самодоверба и негативна слика за телото", се наведува во студијата.
Студијата покажува дека девојчињата и жените се поверојатно отколку момчињата и мажите да доживеат проблеми со телесната слика и нарушувања во исхраната поврзани со употребата на социјалните мрежи.
„Девојчињата и жените почесто доживуваат сексуална и родова злоупотреба онлајн, вклучувајќи примање несакани сексуални фотографии, барања за интимни фотографии и споделување на нивни снимки без нивна дозвола. Жените политичарки и новинарките се соочуваат со повисоки нивоа на родова и сексуална злоупотреба и вознемирување онлајн отколку нивните машки колеги", вели студијата.
Меѓу другото, се наведува дека нормализирањето на мизогинијата и идеологиите на машка супремација кај младите претставува сериозна и итна закана за жените и девојчињата на социјалните мрежи.
„Девојчињата исто така известуваат дека лесниот пристап до насилна порнографија влијае на начинот на кој момчињата го разбираат сексот и врските", се наведува во извештајот.
Меѓу препораките се наведува дека треба да се ревидираат образовните програми за да се обезбеди дека момчињата и девојчињата добиваат разбирливо и факти засновано образование за медиумска писменост, дигитална согласност, дигитална етика, сексуална злоупотреба преку слики, онлајн родово насилство и родови норми.
Инаку, соочени со овие предизвици, експертите препорачуваат комбинирање на технолошките иновации со поефикасна регулатива, медиумска писменост и политики за родова еднаквост, со цел социјалните мрежи да служат како алатка за учество, а не за насилство.




