Бирање на полот во ерата на ИВФ - меѓу желбата на родителите и родовата еднаквост

Дали одредувањето на полот е апсолутно право на родителите, чин на човечката интервенција во природниот поредок или предизвик во најдобар интерес на детето?

Бурниот развој на технологијата и медицината, особено во полето на асистираната репродукција, овозможил големи придобивки за паровите кои се соочуваат со тешкотии при биолошката концепција, и ова е за поздравување, бидејќи голем дел од нив успеале да станат родители. Меѓутоа, овој начин на стекнување на статусот родител отворил и многу правни, морални, етички и религиозни дискусии, особено кога станува збор за бирањето на полот на детето и за некои други потенцијални методи во полето на биомедицината, но кои се забранети со закон. Со помош на процедурите за вештачко оплодување и предимплантационата генетска дијагноза (PGD) може да се одреди биолошкиот пол на ембрионот, овозможувајќи така бирање на полот на идното дете како момче или девојче. Но, бирањето на полот е исклучиво поврзано со биолошкиот пол на детето и не влијае на неговиот/нејзиниот родов идентитет или биолошкиот пол, кои се различни концепти и не можат да се одредат однапред пред раѓањето на детето преку биомедицински методи. Биолошкиот пол се одредува од хромозомите и вродените физички карактеристики, додека пак родовиот идентитет го одразува начинот на кој поединецот се доживува и изразува себеси како жена, маж или на друг начин, а исто така не може да се одреди со методите на медицинската технологија. Од друга страна, семејното сродство претставува правен однос помеѓу две или повеќе лица, врз основа на кој се создаваат права и обврски во рамките на семејството. Овој однос може да се создаде: 1) биолошки (крвно сродство); 2) врз основа на посвојување (граѓанско сродство); или 3) преку склучување на брак (Сродство по сватовство) и изразува лични односи кои се тесно поврзани со структурата на семејството.

Кога станува збор за бирање на полот, Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување во Република Северна Македонија во член 24 изрично забранува употреба на процедурите за биомедицинско потпомогнато оплодување за бирање на полот, освен во случаи кога тоа се прави за превенција на наследни болести поврзани со полот. Оваа законска забрана ги штити основните принципи на родова еднаквост, недискриминација и заштита на човековите права и човековото достоинство, преку воспоставување на јасна граница помеѓу родителската автономија, правото и општествената одговорност. 

Слично на тоа, во Албанија дозволени се методите на вештачко оплодување и предимплантационата генетска дијагноза, но бирањето на полот поради немедицински причини е изрично забрането со Законот бр. 8876 „За репродуктивно здравје“. Според овој закон, бирањето на полот на идното дете е дозволен само во исклучителни случаи, и тоа во ситуации кога постои ризик од наследување на болести поврзани со полот (член 37). Освен во овие случаи оваа практика е во спротивност со принципите на родова еднаквост, загарантирани со Уставот и законите за заштита на човековите права, како и со Конвенцијата за човекови права и биомедицина (Употребата на репродуктивните техники со помош на медицински елементи не е дозволена за бирање на полот на идното дете, освен во случаи кога мора да се избегне сериозна наследна болест поврзана со полот, член 14, 1997). Не случајно ја правиме оваа споредба со Албанија, затоа што во пракса желбата да се има „момче“ или „девојче“ е силна, особено во албанските семејства, каде што оваа постапка се перцепира како многу посакувана и често се гледа како можност за остварување на очекувањата на една патријархална и патрилинеарна култура. Овие причини довеле до појавата на феноменот познат како „репродуктивен туризам“, каде што многу парови од РСМ се упатуваат до приватни клиники во Албанија за да можат да ја спроведат постапката за бирање на полот на нивното дете. Иако нема целосни статистички податоци, овој феномен ја одразува тензијата помеѓу личната желба на родителите и законските ограничувања, нагласувајќи ја потребата за еден структуриран етички и правен дијалог. Но, да не заборавиме дека Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување е еден од најлибералните и најмодерните закони и ги признава речиси сите методи на вештачка репродукција, но го забранува бирањето на полот.

Никако не треба да се заборави дека родителите имаат право да одлучуваат за начинот и времето на основање на семејство, право кое произлегува од почитувањето на приватниот и семејниот живот, исто така заштитено со член 8 од Европската конвенција за човекови права. Но, некои индивидуални желби ни даваат до знаење дека оваа слобода не е апсолутна. Кога желбата за бирање на полот на детето ги заобиколува здравствените цели, тоа може да се злоупотреби, станувајќи на тој начин средство за наметнување на индивидуалните преференции врз одредувањето на полот на идното дете. Преку законската регулатива и почитувањето на етичкиот кодекс државата интервенира не за да ја ограничи желбата на родителите, туку за да спречи создавање на еден „мозаик“ за човечкиот живот и да го заштити јавниот интерес, принципот на родова еднаквост и достоинството на неродената индивидуа. Во овој контекст, законските ограничувања за бирање на полот се оправдани, бидејќи тие обезбедуваат да напредокот на медицинската наука му служи на животот, а не на личните преференции. Она што најмногу ме изненадува е тоа што ова се случува во едно општество кое често е против концептите за родов идентитет и кое на нив гледа како на моралистичка опасност, а во меѓувреме тивко станува дел од процедурите за одредување на биолошкиот пол на нивните деца. 

Од етичка перспектива, бирањето на полот покренува суштински прашања за границите на родителската автономија: дали правото да се стане родител го вклучува и правото за бирање на полот на своето дете? Според современата биоетика, секое дејство што влијае врз идната индивидуа мора да ги почитува принципите на правдата, осигурувајќи дека репродуктивните избори не го идентификуваат детето како објект на желба и не ја нарушуваат родовата еднаквост. Изборот на пол од немедицински причини ги нарушува овие принципи, бидејќи го третира детето како средство за исполнување на желбите на родителите, го ризикува зајакнувањете на родовите стереотипи и ги поткопува напорите за еднаквост, особено во едно општество со историја на родови преференции.

Асистираната репродуктивна технологија овозможува високопрецизна идентификација на полот, и ова е докажано, но во овој контекст законската регулатива и етичкиот кодекс се неопходни за да се избегнат злоупотребите. Законот мора да гарантира дека напредокот во медицинските науки мора да служи за човечките потреби и за подобрување на животот, а не за пазарот или родителските очекувања. Затоа, правните системи преку законските забрани поставуваат ограничувања токму за да ги задушат неконтролираните човечки амбиции и патријархалните ега. Да не заборавиме дека бирањето на полот, подобрувањето на физичките или интелектуалните капацитети на идното дете и слични методи се дел од евгенетиката и се универзално забранети од етички и правни причини, заштитувајќи го почитувањето на достоинството и правата на неродената индивидуа.

Рамнотежата што мора да се воспостави и одржува е јасна: почитување на репродуктивната автономија на родителите, заштита на родовата еднаквост за детето и општеството и исполнување на законските обврски во рамките на етичките и моралните граници. Само со разбирање на разликата помеѓу биолошкиот, родовиот идентитет и семејното сродство (крвно, граѓанско и сватовство), можеме да изградиме политики и практики за наталитет кои имаат корист од научниот напредок, а воедно ќе го зачуваат и достоинството, еднаквоста и социјалната правда, и секогаш ќе ги имаат предвид најдобрите интереси на детето од моментот на негово зачнување. Во обид да избере, човекот често заборава дека животот не е проект што може да се програмира, туку дар кој што мора да се почитува. Затоа, не е во рацете на човекот да го менува природниот тек на животот, кој останува надвор од нашите желби и контрола. Иако технологиите за асистирана репродукција на човекот му ја нудат оваа можност, тие не можат да ја заменат природната возвишеност на создавањето, не заборавајќи дека во детето нема ништо вештачко, бидејќи интервенцијата се случува само во процесот на зачнување, кога истото не може да се реализира на биолошки начин. Биоетиката ја штити токму оваа рамнотежа и се грижи да научниот напредок не ги надминува границите на човековото достоинство и не го нарушува природниот тек на животот што законот цели да го сочува. 

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго