Теута Ајдини Јегени е актерка во Албанскиот театар во Скопје, добитничка на многу награди и многу посебни улоги. Покрај театарските улоги, таа постигна голем успех и со улогата во филмот „Вера сонува за морето“. Првиот долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи од Косово ја раскажува приказната за Вера, толкувачка на знаковен јазик, која по самоубиството на нејзиниот сопруг, познат судија, се наоѓа во ситуација да преговара за иднината на својата ќерка. Во филмот главен лик е Вера, улога која ја игра актерката Теута Ајдини Јегени од Албанскиот театар во Скопје, која со овој филм го достигна и својот сон за Венеција. Филмот кој ја следи судбината на Вера која ја глуми Теута, е успешно прикажан на над 20 фестивали низ целиот свет и освои осум важни награди, вклучувајќи ја наградата „Најдобар филм“ на престижниот фестивал во Токио и две награди на Меѓународниот фестивал во Венеција. Но, како влијаеше оваа улога врз нејзиниот живот и што мисли за негираниот дел од наследството што им припаѓа на ќерките, ќе дознаете преку разговорот во продолжение.
Како ја одбра глумата?
Не знам точно дали јас ја одбрав глумата или глумата ме одбра мене, бидејќи откога знам за себе, уште пред да знам да читам и пишувам, глумев. Изгледа дека имав среќа да го наследам талентот на мојот татко, бидејќи тој ја негуваше оваа љубов кон театарот во мене ангажирајќи ме секаде каде што беа потребни деца на претстави. Оваа љубов продолжи да расте сè додека не ме остави без дилема кога стануваше збор за која професија да се определам.
Дали во тоа време имаше предрасуди за оваа професија?
Во тоа време јас немав осет за предрасудите, поради фактот што потекнував од семејство каде што уметноста, литературата и образованието беа високо ценети. Татко ми беше глумец, чичко ми писател, а дедо ми учител во многу албански региони. Доаѓам од град каде што традицијата и културата имаат свое гнездо. Албанките во тие околности беа присутни насекаде и речиси рамноправни во јавниот живот.
Единственото нешто што го разбирав уште во моите почетоци беше личната потреба да се едуцирам за оваа професија за да можам да бидам пример за актерките што ќе дојдат по мене.
Дали се променило нешто во однос на тоа како се гледало на актерките во минатото, како се гледа на нив денес?
Никогаш не сум размислувала за тоа, но сега кога ми го постави тоа прашање ме натера да размислам. Се работи за долго временско растојание и секако дека многу работи се промениле. Во мое време имаше многу малку актерки, но бевме повисоко ценети во интелектуалните кругови од тоа време, и поради храброста а и поради професионалните вештини што ги изразувавме. Само што интелектуалецот од минатото беше интелектуалец во целосна смисла на зборот интелектуалец, не политизиран, денес, сите се нарекуваат себеси интелектуалци, но ја немаат тежината и вредноста што ја имаа некогаш. Денес имаме многу актерки, но малкумина од нив можат да се истакнат и да бидат ценети затоа што сме опкружени со незнаење и ни недостасува култура на вистинско ценење. За жал, оваа стагнација се случува во секоја професија, не само во областа на глумата.
Што имаш заедничко со Вера од филмот?
Вера, ликот во филмот „Вера го сонува морето“ е универзален лик, има многу жени низ целиот свет кои имаат многу заедничко со неа, како на пример силата како една од нејзините посебни особини.
Залудно не велат: „Дај ѝ на жената болка, таа ќе ја претвори во сила, дај ѝ немир, таа ќе го претвори во мир. Жената не се раѓа силна, туку животот ја прави таква.“ Ликот на Вера, уште од прво читање ме натера да ја засакам и да дадам сè што имав за да истакнам една силна жена, бидејќи така чувствував дека треба да се покажам, како хероина, а не како жртва.
Што мислиш за негираниот дел од наследството на жените?
Мислам дека овој дел е во вековен конфликт со нашите традиции и општеството во кое живееме. Во минатото, жените многу страдале и се соочувале со незамисливи ситуации затоа што не биле поддржани од самите родители кои ги донеле во живот. Сега, ова веќе е променето и јас сум среќна поради овој факт.
Меѓутоа, образованието на девојчињата сè уште останува најголемата поддршка што може да ѝ ја понуди на жената нејзиното семејство. Недостатокот на образование ја натерало да биде покорна и неспособна да се бори за рамноправност и морална благосостојба.
Како беше да се оствари еден сон како што е Венеција?
Тоа е сон што го имам уште од почетоците на мојата кариера. Сонував и бев сигурна дека еден ден ќе прошетам по црвен тепих што ќе ме исполни и реализира на ова мое професионално патување.
Овој прекрасен сон ме мотивира и обврзува да продолжам со многу енергија бидејќи имам уште многу други соништа.
Што би ѝ рекла на една девојка која се определила за глума?
Би им порачала да го доживеат тоа како најголема љубов во животот, бидејќи само љубовта ве прави да ја совладате оваа деликатна професија каде што се соочувате со многу предизвици кои честопати изгледаат непремостливи. Мора да се зачува силата на жената и да одржува рамнотежа помеѓу професијата и семејството, кое секогаш мора да биде тука како поддршка за да продолжиш.
Што те научила оваа професија?
Без да сфатам поминале многу години кариера, сум поминала низ многу интересни ситуации што ми ги донела оваа професија, но најинтересното е тоа што ме научи да ги оживеам судбините на многу луѓе, да го разликувам добриот од лошиот, тој што знае од тој што не знае и овие искуства да ми послужат во мојот секојдневен живот. Со еден збор, глумата ви дава можност да доживеете работи кои што ниедна друга професија не ги овозможува.
Дали некогаш си се покајала што си избрала глума?
Никогаш! И да имав уште сто животи, повторно би ја избрала глумата.