Науката за сексизмот: Како нашите мозоци се научени да ги потценуваат жените

Сексизмот не е само општествен конструкт, туку е една длабоко вкоренета структура во начинот на кој нашите мозоци го обработуваат и толкуваат светот. И додека ние зборуваме за родовата дискриминација како надворешна сила, вградена во институциите, политиките и традициите, невронауката и психологијата откриваат дека таа делува подеднакво моќно и во нас. Човечкиот мозок, обликуван од миленијалната патријархална култура, не ги вреднува мажите и жените на реципрочен и рационален начин. Тој се двоуми. Се сомнева. Се спротивставува.

Истражувања во невронауката со употреба на функционална магнетна резонанца (fMRI) покажуваат дека кога луѓето ги оценуваат жените на лидерски позиции, нивната амигдала, регионот во мозокот поврзан со несигурноста и стравовите, се активира посилно за разлика од случаите кога се оценуваат мажите.

Префронталниот кортекс, одговорен за донесувањето на одлуки, исто така покажува зголемена активност, што укажува на поголемо когнитивно оптоварување кога треба да го согледа концептот на лидершипот од женски пол. Во суштина, мозокот се двоуми кога се соочува со жена на власт, како да се соочува со несвесно присвоена контрадикција.

Една значајна студија спроведена во Универзитетот Јеил ја истакнала длабочината на оваа предрасуда. На учесниците на ова истражување истражувачите им презентирале идентични биографии, при што единствената разлика меѓу нив била полот на кандидатот. Кандидатот од машки пол бил оценет како покомпетентен и му била понудена повисока почетна плата, и покрај тоа што имал исти квалификации како и неговата колешка. Оваа пристрасност била евидентирана и кај машките и кај женските оценувачи, што покажува дека сексизмот не е само надворешно наметнато чувство, туку е еден когнитивен рефлекс вграден длабоко во нашата потсвест.

Психолозите долго време ги проучувале потсвесните предрасуди што влијаат на тоа како ја перцепираме реалноста. Овие студии постојано покажуваат дека, и покрај нивните артикулирани и свесни верувања, луѓето имаат тенденција да ги поврзуваат мажите со интелигенцијата, лидерството и амбицијата, а жените со нежноста, грижата и поддршката за другите.

Историски гледано лидерството било привилегија што им припаѓала само на мажите, и како резултат на тоа нашите мозоци го прифатиле овој модел како норма. Жените се соочуваат со поголем скептицизам бидејќи тие го предизвикуваат тоа длабоко вкоренето очекување за нив. Умот, патријархално обучен со векови, нивната компетентност ја перцепира како аномалија.

Сексизмот не е биолошки предодреден туку се негува преку социјализацијата, која со текот на времето го обликува начинот на кој функционира мозокот. Истражувања во невронауката за невропластичноста, способноста на мозокот да се преобликува како одговор на искуствата, покажуваат дека родовите норми влијаат врз когнитивниот развој уште од најрана возраст. Истражувањата во развојната психологија покажуваат дека до шестгодишна возраст девојчињата веќе се склони да не ја поврзуваат интелигенцијата со својот пол. Ова рано сомневање во себе има длабоки последици и влијае на самодовербата во академските способности и професионалните аспирации.

Во ова обликување клучна улога игра влијанието на родителите и општеството. Студиите покажуваат дека родителите, честопати без да го сфатат тоа, со момчињата повеќе разговараат за наука и математика, а девојчињата ги охрабруваат да се насочат кон социјалната и емоционалната интелигенција. Медиумите дополнително ја продлабочуваат оваа предрасуда претставувајќи ги мажите како решавачи на проблеми и иноватори, а жените како подредени или во споредни улоги. Овие постојани ситуации влијаат врз формирањето на невронските патеки во мозокот, зајакнувајќи ги потсвесните верувања за полот и способностите.

Најубедливиот аспект на невронауката е нејзиниот доказ дека предрасудите, иако длабоко вкоренети, не се непроменливи. Пластичноста на мозокот овозможува обнова на менталните модели преку намерно изложување на нови искуства. Студиите покажале дека соочувањето со примери што ги предизвикуваат стереотипите, како што се жените на лидерски позиции или мажите во улога на негуватели, со тек на времето може да ги ослабне потсвесните предрасуди.

Но, промената само на индивидуално ниво не е доволна. Потребни се системски интервенции за да се демонтираат механизмите што ги зајакнуваат начините на размислување под влијание на полот. Програмите за обука против предрасудите, политиките за еднакво вработување и зголемувањето на застапеноста на жените на лидерските позиции не се само етичка обврска, туку вистинска невронаучна потреба. Умот се прилагодува на светот што го перцептира; менувањето на овој свет е клучот за трансформирање на вкоренетите предрасуди.

Сексизмот не е само апстрактна идеологија, туку е докажана невролошка и психолошка реалност. Меѓутоа, истата таа наука што ги открива нејзините механизми, нуди и начин до нивното елиминирање. Феминизмот не е само движење за правда, туку и револуција на начинот на размислување, повик за промена на начинот на кој го разбираме и доживуваме светот, повик за преиспитување не само на нашите институции, туку и на нашите инстинкти.Нашиот мозок е условен да се сомнева во женските способности. Иднината е во наши раце, во нашата способност и нашата храброст да ја ослободиме од ова наследено ограничување.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго