Од собата до екранот: Мутациите на сексуалното насилство

Сексуалното насилство не е еден единствен чин, туку е еден цел спектар на прекршувања кои се протегаат низ целиот живот на жените. Ја опфаќа бруталноста на силувањето, тортурата на сексуалниот напад при кој се употребуваат алатки или предмети, принудата за гледање или учество во порнографија и ужасот на присилната проституција. За многу жени насилството се манифестира во форма на понижувачко принудување на сексуален однос со пријателите на нивниот насилник, третирајќи ги нивните тела како предмет кој може да се пренесе од еден насилник кај друг.

Овие дејствија, колку и да се разликуваат според методот, ја делат истата суштина: сите се стратегии на доминација, дизајнирани да ја нарушат автономијата на жените и да ги потсетат дека нивните тела не им припаѓаат целосно нив.

Последиците од сексуалното насилство се протегаат и преку моментот на нападот. Жените кои ги премолчуваат трауматските сексуални искуства имаат доживотни лузни - анксиозност, депресија, несакани бремености, сексуално преносливи инфекции и еден постојан страв од интимитет. Сексуалното насилство не е насочено само кон телото; тоа влијае на психата, душата и општествениот поредок кој што ја минимизира болката на жените, го доведува во прашање нивниот глас и го нормализира нивното страдање.

Но, ако минатото ни ја покажа бруталноста на физичкото сексуално насилство, сегашноста ни ги ги открива нејзините дигитални мутации. 21-от век донесе нова форма на насилство: споделувањето на интимни фотографии од жени без нивна согласност. Мажите ги споделуваат голите фотографии од жените кои тие им ги испраќаат во доверба со цел да ја зајакнат интимноста во оваа доба на дигитализација, користејќи ги овие фотографии како трофеи во разните групи на социјалните платформи каде што разговараат со своите пријатели, кои стануваат арени на колективно понижување за жените. Оваа „привлечност“ не е „пошегување меѓу пријатели“, туку е опасно и брутално сексуално насилство каде што се негира правото на избор, се нарушува приватноста, а интимноста на жената се претвора во спектакл. 

Жените кои се соочуваат со изложување на нивната интимност против својата волја, доживуваат иста траума како жените кои се принудени на проституција или жените кои се принудени на сексуални односи против нивната волја: тие се објективизирани, лишени од каква било контрола врз своите тела/себе си и изложени на суровоста на културата што ја релативизира нивната болка. Дигиталниот свет, за жал, го направи ова насилство полесно, побрзо и потрајно. Она што некогаш беше ограничено на една соба, сега со еден клик може да се прегледува и репродуцира бесконечно, да се архивира во cloud и да се појави повторно во најнеочекуваните моменти од животот на жената.

Во сржта на сите овие форми на насилство, без разлика дали е физичко или дигитално, е истата брутална логика: жените не се сопственици на своите тела. Тие се третираат како сопственост на мажите, алатка за исполнување на нивните задоволства и каприци, женските тела се инструментализирани за да се користат како симбол на моќ. Сексуалното насилство не претставува желба или сензуалност, тоа е контрола, тоа е наметнат молк, тоа е потсетник дека патријархалното општество ги става мажите и нивните каприци над женските тела и животи.

За борба против сексуалното насилство во сите нејзини форми општеството прво мора да престане да го фрагментизира и да го прифати нејзиниот целосен и повеќедимензионален спектар. Жртвата на силување, жената принудена да учествува во порнографија, проститутката принудена на ропство и младата девојка чии голи фотографии циркулираат во дигитални групи меѓу пријатели - сите се жртви на истиот синџир на насилство, наистото угнетување – на она ​​што ве лишува од вашето најосновно право: правото на припадност. И овие дела мора да се именуваат со нивните вистински имиња: насилство, а не „грешка“; криминал, а не „шега“; системска неправда, а не „случајна несреќа“.

Сексуалното насилство се храни со молк, се множи во сенка. Цути кога жените се криват зошто верувале, кога мажите ги оправдуваат своите постапки како безопасни и ова оправдување е одобрено од целото општество, кога законите не можат да го следат темпото на технологијата и кога заедниците не успеваат да се соочат со културата на правдата. За да се спречи потребно е повеќе од едноставно казнување на сторителите, потребно е да се искоренат системите што дозволуваат маргинализација на страдањето на жените и системите што ги промовираат нивните тела како достапни за употреба како инструмент на моќ и забава.

Затоа што, без разлика дали во темна уличка, зад затворени врати или под заслепувачката светлина на телефонскиот екран, вистината останува иста: интимноста не е отворена за јавна експлоатација, слободата на жената е неспорна, а жената не е ниту предмет, ниту имот, ниту стока што треба да се експлоатира и разменува. 

Овој напис е дел од проектот „ЗАШТИТА СО ЗАКОН: Се грижиме за правна поддршка и заштита за жртвите на сексуално и родово-базирано насилство“, кој го спроведува Центарот за Еднакви Можности „Бубамара„, во рамки на акцијата „СЕ ГРИЖИМЕ: Заедно се бориме против сексуалното и родовото насилство “, финансирана од Европската Унија, а предводена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Содржината на овој документ е единствена одговорност на Центар за Еднакви Можности „Бубамара„, и на никој начин не може да се смета дека ги претставува ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Друго