Додека сè уште се чека усвојувањето на Стратегијата за спречување и заштита од родово базирано и семејно насилство, Северна Македонија се соочува со алармантни бројки на жртви на родово базирано насилство. Најновиот извештај на Евростат (Генералниот директорат на Европската комисија, надлежен за обезбедување статистички податоци на ниво на Европската Унија) покажува дека Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа според бројот на фемициди, односно убиства на жени извршени од нивните интимни партнери.
Податоците на Евростат за 2023 година покажуваат дека во овој период во Северна Македонија се регистрирани шест фемициди на еден милион жители. По неа следи Босна и Херцеговина со пет фемициди, а потоа Австрија, Обединетото Кралство и Украина со по четири убиства на еден милион жители.
Според податоците на Евростат, во Европската Унија стапката на жени убиени од нивните интимни партнери изнесува четири жени на еден милион жители, додека кај мажите таа стапка е двојно пониска и изнесува 2,2 мажи на еден милион жители.
Во меѓувреме, според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), во периодот од 2018 до 2023 година се евидентирани вкупно 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, и тоа: убиства (33 кривични дела), обиди за убиство (14 кривични дела), телесна повреда (3.792 кривични дела), тешка телесна повреда (155 кривични дела), присила (38 кривични дела), загрозување на сигурноста (2.179 кривични дела), противправно лишување од слобода (29 кривични дела) и посредување при вршење проституција (2 кривични дела).
И покрај овие загрижувачки бројки, државата сè уште нема усвоено Стратегија за спречување и заштита од родово базирано и семејно насилство. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Mollëkuqja изјавија дека во декември 2025 година, нацрт-текстот бил доставен до членовите на Националното координативно тело, кое согласно законот е задолжено за подготовка на Стратегијата.
„Откако Националното координативно тело ќе ја финализира Нацрт-стратегијата, ќе се одржат јавни дебати, по што документот ќе ѝ биде доставен на Владата на Република Северна Македонија, а неговото усвојување ќе го изврши Собранието на Република Северна Македонија. Самата Национална стратегија и Акцискиот план за секоја предвидена активност вклучуваат и буџет за нивна реализација. За успешна имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, беше усвоен Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за периодот 2018–2023 година и беше изготвена евалуација на Акцискиот план за истиот период“, наведоа од Министерството.
Оттаму дополнуваат дека во изминатиот период продолжила имплементацијата на активностите предвидени во Акцискиот план, кои не биле реализирани во предвидениот рок, со цел унапредување на системот за превенција и заштита од насилство врз жените и зајакнување на механизмите за превенција и заштита, со поддршка на меѓународни донатори.
Инаку, Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство претставува најнапредниот меѓународен договор за справување со вакви сериозни прекршувања на човековите права.
Конвенцијата го признава насилството врз жените како прекршување на човековите права и како форма на дискриминација, што значи дека државите сносат одговорност доколку не одговорат соодветно на ваквото насилство.
Со Конвенцијата се криминализираат дела како што се: генитално осакатување на жените, присилен брак, прогонување, присилен абортус и присилна стерилизација, со што државите за првпат се обврзуваат овие кривични дела да ги вклучат во своите национални законодавства.






