Аларм: Северна Македонија стои полошо во Западен Балкан за правата на ЛГБТИК+ заедницата

Северна Македонија и во најновиот извештај на ILGA Europe е рангирана при дното на листата на држави кога станува збор за правата на ЛГБТИ заедницата. ILGA Europe е независна меѓународна чадор-организација која се залага за човековите права и еднаквоста на ЛГБТИ заедницата во Европа и Централна Азија.

Според овој извештајво 2025 година земјата е оценета со 29,26% и е рангирана на 31 место од вкупно 49 држави во однос на правната и политичката положба на ЛГБТИ лицата. Проценката ги опфаќа областите како што се еднаквоста, говорот на омраза, правното признавање на родот и просторот за граѓанското општество. 

Северна Македонија бележи мало влошување во споредба со минатата година и има најслаб резултат во споредба со земјите од Западен Балкан. Подобро рангирано во регионот е Косово, кое се наоѓа на 28. место со 34,82%, по што следуваат Србија на 27. место со 35,26% и Албанија на 26. место со 35,45%. Најдобро рангирана меѓу земјите од регионот е Црна Гора, која се наоѓа на 19. место со 49,28%, додека Босна и Херцеговина со 39,63% е рангирана на 24. место.

Во првите пет држави се рангирани Малта – 88,83%, Белгија – 85,31%, Исланд – 84,06%, Данска – 80,10% и Шпанија – 77,97%. Просекот на Европската Унија изнесува 51,13%, додека европскиот просек е 41,85%.

Организацијата ILGA Europe објави и дополнителен извештај за правната и политичката состојба на оваа заедница во 2025 година. Во делот што се однесува на Северна Македонија се наведува дека повлекувањето на финансирањето од САД, а особено од USAID, имало сериозно влијание врз работата на организациите и активистите кои се занимаваат со правата на ЛГБТИ заедницата, како и врз обезбедувањето услуги и програми за застапување на оваа заедница. Организации како Coalition MARGINS, LGBTI Support Center, TRANSFORMA и Skopje Queer Center биле принудени да го намалат својот персонал и да затворат голем дел од програмите и услугите наменети за заедницата, особено за најранливите ЛГБТИ лица кои имаат итна потреба од поддршка.

„Ова вклучува затворање на услугите за психосоцијална поддршка, правна помош, програми за обука за државните институции и давателите на услуги, културни активности, работа со заедницата и програми за застапување. LGBTI Support Center беше принуден да ја затвори Сигурната куќа – засолниште за бездомни ЛГБТИ лица кои биле изложени на насилство. Невладината организација Еквалис беше принудена веднаш да ја прекине својата работа. Преостанатите организации очекуваат дека во иднина ќе бидат принудени да се затворат, бидејќи финансирањето од САД претставуваше значителен дел од нивните буџети“, се наведува во извештајот.

ILGA Europe ја оценува оваа состојба како загрижувачка, имајќи ги предвид зголемените капацитети и засиленото делување на организациите кои се спротивставуваат на правата на ЛГБТИ лицата, зголеменото ширење на дезинформации и говор на омраза, како и стеснувањето на просторот за невладините организации кои работат за човекови права и еднаквост.

„И покрај аспирациите за интеграција во Европската Унија, Северна Македонија се соочува со алармантно стеснување на граѓанскиот простор, поттикнато од зголемената мобилизација против родовата еднаквост и демократскиот регрес. Организациите на граѓанското општество, особено оние кои се залагаат за родова еднаквост и правата на ЛГБТИ лицата, се соочуваат со растечки правни, финансиски и институционални бариери – од административни пречки и прекинување на финансирањето до јавно делегитимирање. Бранителите на човековите права често се етикетираат како „странски агенти“ и стануваат цел на кампањи за дезинформации кои родовата и сексуалната еднаквост ја прикажуваат како штетна идеологија“, се наведува понатаму во извештајот. 

Со оглед на оваа состојба, ILGA Europe ѝ препорачува на Владата на Северна Македонија да ги третира и процесира случаите на дезинформации и говор на омраза, како и да обезбеди заштита за активистите кои се соочуваат со клеветнички кампањи. Исто така се препорачува развивање и спроведување сеопфатни кампањи за подигнување на јавната свест и образовни програми во согласност со меѓународните принципи за човекови права, со цел активно да се промовира инклузивен и почитувачки јавен дискурс, како и разбирање и почитување на различностите и родовата еднаквост.

Дополнително, се препорачува Владата да обезбеди ефективна примена на механизмите за борба против говорот на омраза и дезинформациите, да ги зајакне капацитетите на јавните обвинителства и да го уреди онлајн просторот со цел заштита на човековите права и спречување на говорот на омраза и дезинформациите. Исто така се нагласува потребата од заштита на постојните гаранции за родова еднаквост и недискриминација, обезбедување на безбедноста на бранителите на човековите права и спречување на слабеење на веќе стекнатите права преку нетранспарентни законодавни процедури или политички притисоци од движења кои се спротивставуваат на родовата еднаквост. 

Друго