ЛГБТИ+ лицата во РСМ се движат во ограничени зони поради страв, само 21% отворено зборуваат за својот идентитет

ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија и понатаму се соочува со распространета дискриминација, насилство и социјална исклученост, како и со системски пречки што ги ограничуваат нивните права и безбедност, покажуваат извештаи на релевантни домашни и меѓународни организации кои ја анализираат и следат состојбата во оваа област. 

Според истражувањето на Агенцијата на Европската Унија за основни права (FRA),во Северна Македонија само 21% од испитаниците можат отворено да зборуваат за својот идентитет – значително помалку од европскиот просек од 51% – додека 74% активно избегнуваат јавно изразување на наклонетост поради страв од вознемирување.

Нивото на загриженост за сопствената безбедност се потврдува и со податокот дека 43% избегнуваат одредени области со цел да го намалат ризикот од напад. Дискриминацијата се протега и на работното место, каде што 27% од ЛГБТИ+ лицата се соочиле со дискриминација на работното место или со проблеми при вработување во годината што му претходела на истражувањето, што е повисоко од просекот на ЕУ-27 од 19%.

Според аналитичкиот извештај за правата на ЛГБТИ+ лицата во Северна Македонија 2023–2025, објавен од Институтот за европска политика, главниот орган за еднаквост во земјата е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сепак, од нејзиното формирање во 2021 година, таа и понатаму се соочува со предизвици што го попречуваат нејзиното ефикасно функционирање.

„Клучен предизвик е недостигот од финансиска независност, што ја ограничува способноста на Комисијата да постапува автономно и да го исполнува својот мандат без надворешни притисоци. Дополнително, недостигот од доволен административен персонал значително влијае врз капацитетот на Комисијата да ги разгледува претставките, да спроведува истраги и да реализира активности за подигнување на свеста. Овие структурни ограничувања директно влијаат врз заштитата на ранливите групи, вклучително и ЛГБТИ+ заедницата, чии членови често се потпираат на Комисијата за постапување по случаи на дискриминација и за заштита на нивните права“, се наведува во извештајот.

И покрај овие податоци, државата сè уште нема усвоено стратегија за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, на што беа укажани забелешки и во последниот извештај на Европската комисија, каде што, меѓу другото, се наведува дека правната заштита на правата на ЛГБТИК лицата треба да се подобри.

„Усвојувањето на стратегија или национален план за еднаквост на ЛГБТИК лицата сè уште не е реализирано. Не се преземени чекори за спроведување на пресудата од јануари 2019 година на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во врска со правното признавање на родот. Говорот на омраза кон заедницата продолжува на социјалните мрежи. Во 2024 година, организациите на граѓанското општество пријавиле 230 сомнителни случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет (298 случаи во 2023 година), сепак правните реакции остануваат недоволни“, се истакнува во извештајот.

Понатаму се наведува дека правната рамка за процесните права на осомничените и обвинетите, како и за правата на жртвите на кривични дела, е делумно усогласена со правото на ЕУ (acquis) и има потреба од дополнително подобрување. 

„Бесплатната правна помош е достапна преку 34 регионални канцеларии на Министерството за правда, релевантни здруженија на граѓани, правни клиники при правните факултети и преку адвокати сертифицирани за обезбедување секундарна правна помош. Сепак, системот на правна помош во кривичните постапки треба дополнително да се зајакне со цел да се подобри пристапот до правда. Особено е потребно ревидирање на критериумите за подобност за задолжителна одбрана и за бесплатна правна помош за лица без доволни средства, како и за застапување на интересите на жртвите на кривични дела“, посочуваат од Европската комисија.

Од друга страна, процесот на Обединетите нации – Универзалниот периодичен преглед (UPR) – ги идентификува правата на ЛГБТИ+ лицата како приоритетна област што бара подобрување. Се препорачува посилна правна заштита, подобра реакција на полицијата во случаи на дискриминација и насилство, како и усвојување поинклузивни политики за заштита на правата на ранливите групи.

Според нив, усогласувањето на националните политики со овие обврски е од суштинско значење не само за исполнување на меѓународните обврски во областа на човековите права, туку и за унапредување на демократскиот развој на Северна Македонија и за зајакнување на нејзините перспективи за интеграција во Европската Унија.

Друго