ИНТЕРВЈУ | Фифи Јаневска за Mollekuqja: Страшно беше да се биде транс личност на Балканот, уметницата за предизвиците на транзицијата

Фифи Јаневска, позната за регионалната публика како пејачка и јавна личност уште од нејзиното појавување во X Factor Adria, за Mollekuqja.mk носи длабоко лично сведоштво за живот кој, како што самата вели, „започна како долг филм исполнет со болка, предавства и борба за опстанок“. Од моментот кога станала свесна за својот идентитет уште на петгодишна возраст, па сѐ до транзицијата, предрасудите, јавните дебати и соочувањата со институционална дискриминација – приказната на Фифи е сведоштво за една постојана борба за автентичност.

Во ова интервју, таа отворено зборува за предизвиците на тоа да се биде трансродова личност на Балканот, за тешките искуства во јавниот простор, но и за силата на видливоста, заедницата и животот изграден врз прифаќање и еднаквост во Шведска. „Автентичноста не е избор, туку потреба“, вели таа.

Кога денес ќе се навратиш на твојот животен пат, како би ја раскажала својата приказна, од моментот кога го разбра сопствениот идентитет до одлуката да ја започнеш транзицијата?

Мојот животен пат е искрено како еден долгометражен филм, кој што започна премногу тешко, исполнет со болка, предавства, тага, борба за опстанок , манипулативни врски со нарцисистички мажи и крик да мојот глас биде слушнат. Но овој филм за мене прерасна во бајка којашто јас самата успеав да ја искреирам. Сите негативности ги претворив во мои доблести, станав многу силна, јака, самоуверена личност и благодарение на тешките почетоци и падови јас сега го живеам мојот сон и сум остварена како личност. На секое искуство гледам како благослов, без разлика на тоа дали било негативно или позитивно. Бескрајно сум благодарна на сите искуства кои ме направија да бидам ова што сум денес.

Јас за својот идентитет бев самосвесна уште од пет годишна возраст. Никогаш не се ни трудев ниту пак сакав и знаев како да го сокријам мојот идентитет. Од многу мала знаев дека при првата прилика кога ќе се осамосталам јас ќе ја започнам својата транзиција. Знаев дека патот по кој чекорам ќе биде трнлив и нема да биде лесно, но за себе и моите права бев спремна на се! Бидејќи не беше лесно легално и финансиски да ја почнам и завршам транзицијата во Македонија, се одлучив едноставно да се преселам во држава каде што ќе можам да ги исполнам моите цели без да имам нибулозни и непотребни препреки. Автентичноста не е избор, туку потреба. И животот во постојано прикривање носи многу повеќе болка отколку ризикот да се биде свој.

Каков беше процесот на транзиција за тебе, и во практична и во емоционална смисла, кои беа најголемите предизвици и моментите што најмногу те зајакнаа?

Процесот на транзиција за мене беше комплексен и на практично и на емотивно ниво. Практичниот дел вклучуваше медицински, административни и социјални чекори кои често беа исцрпувачки поради недостиг од информации и поддршка. Емотивно, тоа беше пат исполнет со страв, но и со огромно олеснување – секој мал чекор кон усогласување на мојот внатрешен идентитет со надворешниот свет ми даваше сила. Најголемите предизвици беа сите промени низ кои морав да поминам , чудните фетишисти кои поробува да ми се закачат и да ми ја исцрпат животната енергија, тоа што е тежок процес да во Македонија легално промениш пол во документите и поради тоа променив се само во Шведска, а најзајакнувачките моменти беа кога почнав да се препознавам себеси во огледалото и кога добив поддршка од луѓе кои ме гледаа и прифаќаа онаква каква што сум.

Како е да се биде транс личност на Балканот, каде најмногу се чувствува недостигот од прифаќање и каде се забележуваат знаци на промени?

Поминати се многу години откако јас живеев на балканот. Во времето кога јас бев таму беше страшно и ужасно, а мислам дека сега веќе им е многу полесно и се надевам дека не поминуваат и не се соочуваат со сето она со коешто јас се соочував како дел од моето секојдневие. Мислам дека да се живее како транс личност на Балканот значи постојано да се балансира помеѓу личната видливост и личната безбедност. Недостигот од прифаќање најчесто се чувствува во институциите, здравствениот систем и секојдневните социјални интеракции, каде што непознавањето често води кон стигма. Сепак, и покрај тоа, гледам знаци на промени – сè повеќе млади луѓе, активисти и независни медиуми отвораат простор за дијалог, а темите за родов идентитет стануваат повидливи отколку порано. Промените се бавни, но постојат. Нешто што за мене е многу важно е тоа да се научи да се прави разлика помеѓу дијагностицирано вистинско Транссексуално лице и фетишисти кои се преправаат дека се транссексуални лица поради свои лични интереси, многу често поради проституција на Балканот за жал.

Со какви предрасуди или форми на дискриминација си се соочила лично и како тие влијаеја врз твојата перцепција за улогата на LGBTQI+ заедницата во општеството?

Лично сум се соочила со различни форми на предрасуди , од погледи и навреди, до институционална дискриминација и непочитување на мојот идентитет. Но, искрено мене никогаш и не ме засегало туѓото мислење и туѓите животи, па поради тоа најверојатно многу полесно можев да поминам преку одредени ситуации. Јас бев до тој степен дискриминирана што на Х фактор мораа да ме стават во бендови со Маринела Џогани бидејќи не беа сигурни дали треба да ме сместат во мажи или жени. Имаше и дебати и предлози во парламент од Х политичари да бидам забранета на ТВ и слично, а се што јас правев е само пеев и постоев на планетава. Овие искуства ме научија колку е важно постоењето на силна и солидарна LGBT заедница. Тие не ме скршија, туку ми ја зацврстија свеста дека видливоста и гласот на заедницата се клучни за општествени промени. Верувам дека преку заедничка борба, едукација и присуство во јавниот простор, може да влијаат на создавање поправедно и поинклузивно општество, како на пример тука во Шведска каде што сите луѓе си живеат во мир и спокој и еднаквост и никој не го засега што прави комшијата и каква ми е ориентацијата. своите земји, што дополнително ја продлабочува нееднаквоста.

Колку земјите на Балканот нудат можности за транзиција и кои се главните предизвици во тој процес?

Можностите за транзиција во земјите на Балканот се ограничени и нерамномерни. Во некои држави постои минимална правна или медицинска рамка, но процесите се долги, скапи и често понижувачки. Главните предизвици се недостигот од стручни медицински лица, нефункционалните законски процедури и отсуството на системска поддршка. Поради тоа, многу транс лица се приморани да бараат решенија надвор од своите земји, што дополнително ја продлабочува нееднаквоста.

Каква порака би им упатила на транс лицата кои се на почетокот од својот пат, како и на општеството и институциите кои често не ја разбираат нивната реалност?

На транс лицата кои се на почетокот на овој пат би им порачала да знаат дека не се сами и дека нивниот идентитет е валиден, без разлика на тоа колку е тежок патот. Нема „правилен“ начин или рок за транзиција – секој чекор е личен и заслужува почит. До општеството и институциите би упатила порака дека транс реалностите не се идеологија, туку човечки животи, и дека прифаќањето, едукацијата и институционалната заштита не се привилегија, туку основни човекови права. Бидете свои, уникатни и секогаш полни со самодоверба. Светот ќе ве гледа со оние очи со кои вие се гледате самите себе.

Друго