Foto: Nora Kaliqi (profili në Facebook)
Foto: Nora Kaliqi (profili në Facebook)

Интервју | Нора Калиќи: Без тематско новинарство, медиумите известуваат за последиците, а не за причините

Во мал медиумски пазар какав што е оној во Северна Македонија, новинарството честопати останува заробено во вестите на денот, оставајќи во сенка една од своите најважни форми: тематското новинарство. Токму отсуството на овој пристап го ограничува јавниот дебат на брзи и површни реакции, без навлегување во длабочината на проблемите кои ги засегаат општеството.

Во разговор за Mollëkuqja, Нора Калиќи, претседателка на Советот за медиумска етика во Северна Македонија, зборуваше за важноста на тематското новинарство како алатка за градење критичко мислење и за обработка на теми кои честопати остануваат во сенка — од родовата нееднаквост до дискриминацијата и родово базираното насилство.

Таа нагласува дека без овој пристап, медиумите ризикуваат да останат на ниво на инциденти — известувајќи за последиците, но не и за причините.

Калиќи предупредува дека ова отсуство директно влијае и на квалитетот на известувањето, отворајќи простор за стереотипи, дискриминаторски јазик и сензационализам.

Во тој контекст, таа повикува на поголема професионална одговорност, зајакнување на саморегулацијата и медиумска култура која го поставува етиката и човечкото достоинство над „трката" за кликови и сензационализам.

Во нашата земја има малку тематски медиуми. Зошто се случува тоа и колку е важно да постојат такви медиуми кои поттикнуваат критичко мислење, особено за „нечуени" или табу теми?

Во мал медиумски пазар каков што е нашиот, поголемиот дел од медиумите работат под постојан финансиски притисок, со мали редакции, ограничени капацитети и непрекинато барање за брзо производство на содржина. Во такви услови, фокусот честопати се поместува кон вестите на денот, кон динамиката на политичките настани и кон темите кои бараат итна реакција. Како последица, тематското новинарство останува ограничено, иако е една од најважните форми на квалитетното новинарство.

Токму ова новинарство има посебна вредност, бидејќи не застанува само при настанот, туку се труди да го објасни процесот, контекстот и последиците. Тематското новинарство постојано обработува теми кои честопати остануваат надвор од јавното внимание — родовата нееднаквост, дискриминацијата, правата на жените, родово базираното насилство, сиромаштијата, менталното здравје или положбата на маргинализираните групи. Затоа, неговата улога е суштинска — не само за информирање на јавноста, туку и за развој на критичкото мислење, проширување на јавниот дебат и создавање на поодговорна општествена култура.

Кога недостасуваат такви медиуми, се губи токму онаа димензија на продлабочување и континуитет која и е потребна на општеството за да ги разбере проблемите надвор од површината. А кога проблемите не се разбрани во суштина, тешко е да се третираат со сериозноста која ја заслужуваат.

Кога зборуваме за известување на родови прашања, честопати изгледа дека медиумите реагираат само кога ќе се случи голем инцидент. Дали е токму отсуството на тематско новинарство тоа што дискусијата ја задржува на ниво на инциденти, а не на феномени?

Да, во голема мера тоа е поврзано токму со отсуството на тематско новинарство и со отсуството на конзистентен уредувачки пристап кон родовите прашања. Кога родовите теми влегуваат во медиумите само преку случаи на насилство, трагедии, убиства или скандали, тогаш јавноста се соочува само со најтешката последица на проблемот, но не и со причините, структурите и културата кои го создаваат.

Родовата нееднаквост не се јавува само во моменти на криза. Таа се огледа во јазикот, во застапеноста, во начинот на кој жените се претставени во медиумите, во нивното отсуство од просторите за донесување одлуки, во стереотипите кои постојано се повторуваат и во нормализацијата на нееднаквите општествени улоги. Кога известувањето се ограничува само на инциденти, тогаш дебатот останува епизодичен и емоционален, но не и аналитичен и трансформативен.

Родовото известување бара многу повеќе од моментална реакција. Бара континуитет, контекст, познавање на феноменот и внимателност во начинот на градење на наративот. Тематското новинарство го прави токму тоа — го поместува фокусот од изолираниот настан кон разбирањето на феноменот како општествен проблем. И тоа е суштинско, бидејќи без ова поместување медиумите ризикуваат да известуваат за последиците, без реално да помогнат во разбирањето на причините кои ги предизвикале.

Колку отсуството на тематско новинарство за родови прашања влијае на репродукцијата на стереотипи и на дискриминаторскиот или сексистичкиот јазик во известувањето?

Влијае многу и на директен начин. Кога недостасува професионален, специјализиран и родово-сензитивен пристап, медиумите многу полесно паѓаат во репродукција на стереотипи, во банализација на нееднаквоста и во употреба на јазик кој, наместо да го расветли проблемот, го деформира.

Многу честопати жената продолжува да биде прикажана во тесни и однапред одредени улоги — како жртва, кревка и емоционална фигура, во семејна улога — додека многу поретко е претставена како експертка, компетентен глас, носителка на јавен авторитет или рамноправен актер во општествениот живот. Овој начин на претставување не е неутрален. Тој директно влијае на тоа како јавноста го разбира местото на жената во општеството.

Ова е особено проблематично во известувањето за насилство врз жени. Честопати се употребуваат формулации кои го ублажуваат насилството, го релативизираат или го преместуваат вниманието од одговорноста на сторителот кон личните, емоционалните или семејните околности. Употребата на изрази кои го романтизираат или банализираат насилството не само што ја искривува реалноста, туку и влијае на нормализацијата на стереотипите и на слабеењето на општествената чувствителност кон проблемот.

Поради тоа, родовото известување не е декоративен додаток на професионалното новинарство. Тоа е негов суштински дел. Тоа бара не само јазична коректност, туку етичка свест, концептуална прецизност и целосен респект кон човечкото достоинство.

Во вашата практика во Етичкиот совет, колку честопати наидувате на прекршувања поврзани со известувањето на родови прашања и кои се најпроблематичните форми во медиумите?

Во практиката на Советот, прекршувањата поврзани со известувањето на родови прашања не се ретки. Тие не се манифестираат секогаш директно, туку честопати стануваат видливи преку начинот на кој темата е рамкирана, преку тоа како е составен насловот, кои детали се нагласени, кои гласови се вклучени и што недостасува од контекстот.

Меѓу најпроблематичните форми се: сензационализацијата на случаите на насилство врз жени, објавувањето на интимни детали од приватниот живот без јасен јавен интерес, употребата на јазик кој го релативизира или романтизира насилството, отсуството на сочувство кон жртвите и нивните семејства, како и дозволувањето дигиталните простори на медиумите да се претворат во места за морално осудување, стигматизација и јавен линч.

Токму поради тоа, ние постојано нагласуваме дека довербата на јавноста се гради врз основа на етика и професионализам, а се губи кога трагедиите се третираат на сензационалистички начин. Објавувањето детали од приватниот живот, наслови кои предизвикуваат љубопитност и пристапот кој ја претвора човечката болка во содржина за консумирање или кликови не и служат на информирањето на јавноста, туку го нарушуваат достоинството и можат да го продлабочат виктимизирањето.

Исто така, суштинско е да се направи разлика меѓу јавниот интерес и љубопитноста на јавноста. Не е секоја информација вест и не треба секој детал да биде јавно објавен. Токму на оваа точка се мери професионалната зрелост на медиумот и неговата етичка одговорност.

Кои конкретни механизми би ги препорачале за зајакнување на одговорноста на медиумите во оваа насока? Дали саморегулацијата е доволна или се потребни посилни политики?

Саморегулацијата е многу важна основа и треба да остане еден од главните столбови за одржување на професионалните стандарди. Но, саморегулацијата не смее да се сфати само како формалност. Таа мора да биде работна култура, уредувачка одговорност и секојдневна професионална рефлексија.

За зајакнување на одговорноста на медиумите во родовото известување, потребни се неколку конкретни механизми: постојани обуки за новинарите и уредниците за родово-сензитивно известување, појасни уредувачки политики внатре во редакциите, побрза и поконзистентна реакција на прекршувањата, поодговорна модерација на содржините на дигиталните платформи, како и поголемо вклучување на експерти, истражувачи и компетентни гласови во обработката на овие теми.

Еднакво важно е и медиумското образование на јавноста, бидејќи свесна публика помага во подигнувањето на стандардите и во одбивањето на содржини кои го банализираат насилството, дискриминацијата или човечката болка.

Затоа, и во новиот Етички кодекс препорачуваме поjасни стандарди за поодговорно и поосетливо известување, особено кон жените и ранливите групи. Акцентот е ставен на заштитата на приватноста, избегнувањето на сензационалистичка содржина, поовнимателното третирање на случаите на насилство и трагедии, како и на поголемата професионална одговорност при изборот и верификацијата на информациите. Во суштина, целта е медиумите да информираат со чувствителност, прецизност и почит кон човечкото достоинство.

Значи, саморегулацијата е неопходна, но мора да оди паралелно со поjасни упатства, со повисока професионална свест и со уредувачка култура која го поставува достоинството на човекот над логиката на кликовите.

На крајот, известувањето за жените и родовите прашања не е само прашање на јазична коректност. Тоа е прашање на правда, почит и јавна одговорност. Токму тука започнува вистинската улога на медиумите — не само да информираат, туку да придонесат кон поосвестено, почувствително и поправедно општество.

Друго