Lila Miliq, foto nga arkivi privat, e përdorur me leje
Lila Miliq, foto nga arkivi privat, e përdorur me leje

Интервју | Лила Милиќ: Недостигот од правно признавање на родот го отежнува животот на трансродовите лица во Македонија

Недостигот од правно признавање на родот и институционалните пречки продолжуваат да го отежнуваат животот на трансродовите лица во Северна Македонија, и покрај постојната законска рамка. Лила Милиќ,коосновачка на Трансформа, за Mollëkuqja зборуваше за овие предизвици и за потребата од промени во практиката, нагласувајќи ја важноста на политичката волја и вклучувањето на заедницата во процесите на одлучување.

Како ја оценувате состојбата со правата на трансродовите лица и на лицата од LGBTIQ+ заедницата во Северна Македонија и кои се клучните институционални пропусти?

Состојбата со правата на трансродовите лица и пошироката LGBTIQ+ заедница во Северна Македонија може да се оцени како делумно уредена на законско ниво, но недоволно заштитена во пракса. Донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој експлицитно ги вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, претставува важен напредок. Сепак, неговата примена останува ограничена, а трансродовите лица и понатаму се соочуваат со дискриминација, институционална неинформираност и недостиг од ефективни механизми за заштита.

Клучните институционални пропусти се однесуваат на отсуството на системски и координирани решенија. Сè уште нема функционална и достапна постапка за правно признавање на родот, нема јасни и обврзувачки протоколи за транс- афирмативна здравствена грижа, ниту политики кои обезбедуваат еднаков пристап во образованието, социјалната заштита и вработувањето. Дополнително, случаите на говор на омраза и насилство често не се соодветно препознаваат и процесираат од страна на институциите.

Во нашата работа континуирано документираме случаи на дискриминација и институционален третман кој не е во согласност со законските обврски, што укажува на сериозен јаз помеѓу постојната законска рамка и нејзината практична примена.

Проблемот не е само во законите, туку и во недостигот од политичка волја, институционални капацитети и проактивен пристап. Како резултат на тоа, трансродовите лица во Северна Македонија и понатаму живеат во услови на правна несигурност и ограничен пристап до основни права и услуги.

Како влијае недостигот од правно признавање на родот врз секојдневниот живот на трансродовите лица и зошто овој процес се одолговлекува со години?

Недостатокот на правно признавање на родот има директни и сериозни последици врз секојдневниот живот на трансродовите лица, бидејќи нивниот правен идентитет не одговара на нивниот реален живот и изглед. Тоа значи дека речиси секоја административна или институционална постапка, како аплицирање за работа, користење здравствени услуги, патување, отворање банкарска сметка или едноставна идентификација, може да доведе до понижување, сомнеж, одбивање услуга или изложување на дискриминација и насилство. Поради ова, многу трансродови лица избегнуваат формално вработување, здравствени услуги или административни процедури, што дополнително ја продлабочува нивната економска и социјална маргинализација.

Оваа состојба создава и постојан психолошки притисок и чувство на небезбедност, бидејќи секоја интеракција со институциите носи ризик од присилно откривање на родовиот идентитет и потенцијален дискриминаторски третман.

Особено загрижува фактот што Северна Македонија има јасни меѓународни обврски во оваа област. Европскиот суд за човекови права, во предметот X против Северна Македонија, утврди повреда на правото на приватен живот поради отсуство на јасна, достапна и функционална постапка за правно признавање на родот и нагласи дека државата има обврска да воспостави брза, транспарентна и правно сигурна процедура. И покрај оваа пресуда во 2019 година, сè уште не е воспоставен систем кој во пракса овозможува остварување на ова право.

Долготрајното одолговлекување на процесот е резултат на политичка неволност, институционална неодлучност и избегнување на одговорност. Наместо координиран пристап, надлежностите често се префрлаат меѓу институциите, додека темата се третира како политички чувствителна поради притисокот од антиродови и конзервативни наративи. Како резултат на тоа, трансродовите лица со години живеат во правен вакуум, и покрај јасните меѓународни стандарди и обврски на државата.

Со кои системски пречки најчесто се соочувате во вашата активистичка работа, во институциите, здравствениот систем или јавниот дискурс и на кој начин ги адресирате?

Во нашата активистичка работа најчесто се соочуваме со институционална неинформираност, бирократски отпор и недостиг од системски пристап кон проблемите со кои се соочуваат трансродовите лица. Во многу институции недостига основно разбирање за родовиот идентитет, што резултира со несоодветен третман, административни пречки или одбивање на услуги.

Во пракса се соочуваме и со конкретни случаи на дискриминација, вклучително и на работното место. Имавме случај на трансродов маж кој беше изложен на директна дискриминација од страна на работодавач, што подоцна беше утврдено и од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Ова покажува дека трансродовите лица и понатаму се соочуваат со сериозни бариери во пристапот до пазарот на труд и безбедна работна средина.

Во здравствениот систем, дополнителен проблем е отсуството на јасни протоколи и обучен кадар за транс-афирмативна здравствена грижа. Недостатокот на институционална подготвеност се одразува и во ограничениот простор за стручна и академска дискусија. Како пример, панел посветен на здравствените потреби на трансродовите лица на Медицинскиот факултет беше откажан под притисок на антиродови движења, што укажува на тоа дека темата често се политизира и дека стравот од јавни реакции влијае врз одлуките на институциите.

Истовремено, во јавниот простор и онлајн средината се соочуваме со дезинформации, стигматизација и говор на омраза. Овие предизвици ги адресираме преку документирање на случаи, обезбедување правна и психосоцијална поддршка, едукација и сензибилизација на професионалци, како и преку јавно застапување и зајакнување на самата заедница.

Колку реално се вклучени трансродовите лица во процесите на одлучување што директно ги засегаат нивните животи и дали институциите навистина го слушаат гласот на заедницата?

Реалното вклучување на трансродовите лица во процесите на донесување одлуки што директно ги засегаат е сè уште ограничено и најчесто има формален или симболичен карактер. Иако институциите повремено организираат консултации, јавни расправи или работни групи, учеството на претставници од заедницата не секогаш значи и реално влијание врз конечните одлуки.

Во пракса, често се случува мислењата и препораките на организациите и активистите кои работат директно со трансродови лица да не бидат суштински вклучени во креирањето на политики и мерки. Ова резултира со решенија кои не ги одразуваат реалните потреби на заедницата или остануваат неупотребливи во пракса.

Дополнителен проблем е што недостига континуиран и структуриран дијалог со заедницата. Вклучувањето најчесто е ад-хок и зависи од конкретни проекти или иницијативи, наместо да биде системски воспоставен механизам за соработка и консултација.

Иако постојат поединечни позитивни примери на институционална соработка, потребно е институциите да ја препознаат експертизата што доаѓа од самата заедница и да обезбедат нејзино суштинско вклучување од самиот почеток на процесите. Без значајно учество на трансродовите лица во донесувањето одлуки, тешко може да се очекуваат одржливи и ефективни политики што ќе одговорат на нивните реални потреби.

Дали зголемената видливост на LGBTQI+ заедницата се претвора во поголемо општествено прифаќање и зошто, според вас, општеството во Северна Македонија сѐ уште останува резистентно и затворено кон оваа заедница?

Зголемената видливост на LGBTQI+ заедницата во последните години не секогаш се претвора во поголемо општествено прифаќање. Од една страна, настани како Скопје Прајд и Маршот на видливост на трансродовите лица создаваат простор за заедницата да биде видена, да ги сподели своите искуства и да отвори јавен дијалог. Овие иницијативи се важни бидејќи придонесуваат за видливост, солидарност и постепено рушење на стереотипите.

Од друга страна, зголемената видливост често е проследена и со засилени негативни реакции, дезинформации и говор на омраза, особено кога станува збор за трансродовите лица. Наместо разбирање, различноста сè уште често се претставува како закана, што дополнително ја продлабочува стигмата и поларизацијата во општеството.

Отпорот кон LGBTQI+ заедницата во Северна Македонија е поврзан со длабоко вкоренети патријархални и традиционални норми, силното влијание на конзервативни и антиродови наративи, како и недостигот од системска едукација за родот, сексуалната ориентација и човековите права. Дополнително, кога институциите не реагираат доволно јасно и доследно на дискриминација и говор на омраза, тоа испраќа порака дека ваквите ставови се општествено прифатливи.

Видливоста е важен чекор кон општествена промена, но сама по себе не е доволна. Таа мора да биде проследена со јасна политичка волја, образовни политики и активна институционална заштита, за да се создаде средина во која LGBTQI+ лицата ќе можат да живеат без страв и дискриминација.

Покрај правната и институционалната дебата, општествената реалност останува подеднакво загрижувачка. Во текот на само една година, во Северна Македонија се регистрирани 230 случаи на говор на омраза насочени кон LGBTIQ+ заедницата.

Говорот на омраза продолжува да претставува сериозен предизвик, најчесто насочен кон етничките заедници и LGBTIQ+ лицата. Политичките настани и изборните процеси дополнително ја зголемуваат веројатноста за појава на вакви содржини. Според извештајот на Хелсиншкиот комитет, најголемиот дел од случаите на говор на омраза и вознемирувачки говор се регистрирани на социјалните мрежи, во форма на коментари или објави на лични профили.

Друго