Сексуалното насилство во бракот: Анонимен разговор со една жртва

Во некои општества владее убедувањето дека бракот автоматски ти дава сексуални права врз телото на брачниот партнер. Дури во последните децении во некои земји сексуалното насилство во бракот со закон се смета за кривично дело, а во некои земји тоа се уште не се практикува. Но, за тоа како е ситуацијата во РСМ ни објаснува Ера Ѓакова, која го третирала сексуалното насилство во два циклуса на магистерски и докторски студии. Таа вели:

„Кога станува збор за силување, тоа е инкриминирано во член 186 од Кривичниот законик, кој го регулира не само силувањето, туку и нејзините квалификувани форми. Во РСМ силувањето е дефинирано како: вршење сексуален однос или кое било друго сексуално дејствие што се состои од вагинална, анална или орална пенетрација со кој било дел од телото или предмет без волја на другото лице. Ова кривично дело како такво е казниво со 1-8 години затвор. Но, кога силувањето е извршено во рамките на семејното насилство, односно силувањето е извршено од актуелниот сопружник, поранешниот сопружник или интимниот партнер, сторителот се казнува со најмалку 3 години затвор. Кривичниот законик предвидува и случаи кога сексуалното насилство е извршено од актуелниот брачен другар, поранешниот брачен другар или интимниот партнер, но со употреба на сила или закана по животот или телото на жртвата или нејзините роднини, тогаш сторителот ќе биде осуден на најмалку 5 години затвор. Како што можеме да видиме, кога силувањето е извршено од актуелниот брачен другар, поранешниот брачен другар или интимниот партнер, минималната казна е поголема, но исто така сторителот на сексуалното насилство во рамките на семејно насилство може да се соочи со максимална казна од 20 години затвор, за разлика од силувањето извршено од лица кои не се сметаат за актуелен брачен другар, поранешен брачен другар или интимен партнер каде што максималната казна е 8 години затвор.„

Ова е тоа што се однесува до правниот аспект. А како на тоа гледа една жртва на овој феномен, можете да прочитате во анонимниот разговор во продолжение.

- Ти благодарам што се согласи да ја споделиш твојата приказна, посебно поради фактот што тука зборуваме за малку поделикатен однос, за семејно насилство. Како реши да се спасиш?

- Сум се обидела повеќе пати, но без успех. Побегнав во куќата на моите родители на село, бидејќи моите родители се во странство. Таму останував подолго време, еден месец, два, три. Потоа повторно се враќав кај него. Тој ми пишуваше, инсистираше. Ми се чинеше дека никогаш нема да се спасам. Немав никаква поддршка. Бев сосема сама во куќата на моите родители. Не работев. Како жена мислев дека сум должна да ги исполнам сите негови желби. Сè додека болката не стана неподнослива и не сфатив дека нашата врска не е нормална. Имаше моменти кога по сексуалниот однос јас завршував во болница.

- Како реагираа лекарите? Не те прашуваа ли дали си жртва на насилство?

- Не, тие само ја вршеа својата работа и толку.

- Како започна сето тоа?

- Започна одамна, но со тек на времето постојано се влошуваше сè додека еден ден не решив да му ставам крај. Немав право да го одбијам. Ми велеше: „Ти си моја жена, зошто мислиш дека се венчавме“.

-Како се чувствуваше секој пат кога ќе ти се случеа такви немили работи?

- Само мојата душа си знае. Не можев да му кажам на никого. Тоа не е нешто што се споделува со никого. Мислев дека никогаш нема да можам да се спасам. Неколку пати размислував за тоа да му ставам крај на мојот живот.

- Кога те контактиравме за оваа интервју, неколкупати го спомна зборот „срам„. Зошто?

- Се чувствував засрамено. Не знам ни самата зошто. Срам од себе си, од околината ако слушнеа за мојот случај, срам од моето семејство. Но, повеќе не размислувам така.

- Дали си им објаснила за причините за разводот?

- Да. Но, не сум им раскажала до детали. Само им кажав дека тој човек беше насилен кон мене.

- Дали беше насилен и надвор од брачната постела?

- Надвор не. Но, внатре да. Таму беше друг човек.

- Дали се обиде да му кажеш дека ви нанесува болка?

- Да, но тој ми велеше дека претерувам и дека брак без односи не постои.

- Дали побара професионална помош од психолог, или дали размислуваше да го пријавиш случајот во полиција?

- Во полиција не. Но, сум нашла еден психолог во кој имам доверба, со него споделувам се.

- Како влијаеше ова насилство на тебе од психолошки аспект?

- Ме уништи целата. Бев нервозна, депресивна, чувствував одбивност од себе си и страв од него секогаш кога тој беше во близина.

- Што беше тоа што ти даде сила?

- Видов една жена во една емисија, без да и се види лицето, како зборува за сексуалното насилство и таа кажа нешто што верувам дека за сите жени е проблем. Тие не знаат како да го препознаат насилството, мислат дека така треба да биде, дека една добра жена треба да се однесува како што сака нејзиниот сопруг. Тогаш за прв пат сфатив дека не сум единствената на која ѝ се случува ова.

- Каква порака имаш за жените кои поминуваат низ истото?

- Знам колку е тешко да се каже стоп на насилството. Едно нешто што знам е дека насилството не е љубов, никогаш и не било. Не плашете се да зборувате и да побарате помош. Ако не верувате дека тукашните психолози ќе ја чуваат вашата тајна, денес има психолози од Косово и Албанија.

- Каква порака имате за општеството кое можеби не верува во семејно насилство?

Да сватат дека сексуалното насилство се случува и во бракот. Ако сте жена жртва на насилство, веднаш обратете се до психологот и верувам дека ќе најдете начин да се спасите. Сега сум многу добро. Одново почнав да живеам, да работам и да се обидувам да си посветам себе си повеќе време.

Овој напис е дел од проектот „ЗАШТИТА СО ЗАКОН: Се грижиме за правна поддршка и заштита за жртвите на сексуално и родово-базирано насилство“, кој го спроведува Центарот за Еднакви Можности „Бубамара„, во рамки на акцијата „СЕ ГРИЖИМЕ: Заедно се бориме против сексуалното и родовото насилство “, финансирана од Европската Унија, а предводена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Содржината на овој документ е единствена одговорност на Центар за Еднакви Можности „Бубамара„, и на никој начин не може да се смета дека ги претставува ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Друго