Разговор со една девојка со посебни потреби: Ме гледаат како да сум падната од Марс

Канарина е уметничкото име што ќе го користиме за една девојка со посебни потреби. Таа е зависна од својата инвалидска количка, а тоа и оневозможува да ужива во животот на начин на кој ние останатите сме независни за основните потреби како што е излегувањето, пешачењето и прошетките.

Таа жали само по едно нешто: нејзиното образование. Таа всушност има и многу други неостварени желби, но пронашла една мала вратичка кон спасот, а тоа е литературата, светот на книгите, поезијата.

Канарина знае дека некој ѝ ја украл песната, таа знае дека другите не се виновни, бидејќи тоа е нејзината судбина, но другите, почнувајќи од оние најблиски до неа, не создале една поддржувачка средина за неа. Таа не се жали многу, зборува со оптимизам затоа што само една девојка како неа има сила да се соочи со судбината што ја снашла.

- Канарино, кога сфати дека си поинаква ?

- Уште како малечка сфатив дека сум поинаква од начинот на кој реагираа луѓето... знаеш, оние реакции од типот „за греота“, тоа е менталитетот на селото каде што пораснав.

Тоа е чувство што не може да се опише со зборови, тоа се оние погледи на луѓето што ме повредуваат толку многу, како да гледаат Марсовец.

- Дали и ти се чувствуваш поинаку?

- Порано, кога бев дете и другите ме гледаа поинаку, но и јас се чувствував така, можеби поради влијанието на околината, но денес не се чувствувам поинаку без оглед на тоа како другите ме гледаат!

- Дали мислиш дека си лишена од нешто?

- Лишена сум од многу нешта, но меѓу другото е тоа што не излегувам многу, особено со друштвото, со нив речиси воопшто не излегувам.

- Дали се чувствуваш булизирана?

- Не можам да кажам дека сум булизирана директно или вербално, но тие зборови што се кажуваат зад мојот грб биле и се уште се најчестата форма на булизирање.

- Како се однесуваа со тебе во училиште?

- Во училиште поминав многу малку време, меѓутоа во тоа време бев многу добро примена од наставниците, а и од децата. Не беше тешко да се адаптирам бидејќи во селото сите се познававме едни со други, меѓутоа, постоеше таа детска љубопитност, тие ми поставуваа различни прашања, како да сум од некоја друга планета.

- Што најмногу те повредува?

- Најмногу ме повредуваат кога ме потценуваат затоа што ме гледаат само како девојка во количка и мислат дека сум целосно неспособна.

Полно пати сум била повредена, но има два случаи што ќе ги паметам дури сум жива.

Бев малечка, со мајка ми одевме на свадба, и еден од најблиските луѓе ѝ рече на мајка ми: „каде го носиш детево, таму има многу луѓе“?!

Ова никогаш нема да го заборавам, но и другиот случај што ми се случи, ми се чини како да беше вчера, јас сакав да одам да гледам една претстава и некој ми рече „Како ќе влезеш ти таму?“

Разбирате ли? Немаше врати низ кои ќе можев да влезам. Ова за мене сè уште е една отворена рана, која не верувам дека некогаш ќе заздрави.

- Што би сакала да биде поинаку?

- Би сакала нашиот менталитет да беше поинаков за луѓето со посебни потреби да не се гледаат со сожалување или како неспособни од страна општеството, а што се однесува до мојот живот и реалноста во која живеам, би сакала да имам малку повеќе слобода!...

- Како се бориш против својата осаменост?

- Така што читам книги, пишувам поезија или што и да ми падне на ум, зависи од моментот,

но исто така слушам и музика.

- А тагата?

- Се додека имам книги и музика, нема тага (се смее).

- Те посетуваат ли другарките?

- Тие ме посетуваат кога можат и одржуваме контакт преку интернет. Да живее интернетот, сега сите пријатели станаа виртуелни. (се смее)

- Зошто не се осамостоиш, зошто не купиш една електрична инвалидска количка и да не зависиш од никого?

- Се плашам.

- Од кого?

- Од луѓето.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго