Дебатот за родова рамноправност на социјалните мрежи сè повеќе го доминираат изопачени наративи, сензационализам и недостаток на контекст, каде алгоритмите фаворизираат поделбена содржина наспроти суштинска дискусија. Во оваа реалност, медиумите честопати не успеваат да ја играат својата информативна улога, паѓајќи во замката на кликови и засилувајќи стереотипи или проблематични гласови. За овие предизвици и влијанието на социјалните платформи врз перцепцијата на родовите прашања, во разговор за Mollëkuqja, новинарката и истражувачката од Тирана, Валбона Сулче, зборуваше за тоа како јавниот дебат се деформира и што треба да се промени во медиумскиот пристап.
Како го гледате влијанието на медиумите на социјалните мрежи врз обликувањето на дебатот за родова рамноправност — дали го поттикнуваат овој разговор напред или го деформираат и штетат?
Улогата на социјалните медиуми ја гледам повеќе како огледало на менталитетот што постои во општеството за темите на родова рамноправност, отколку како фактор на влијание. Таму повеќе се полемизира за изјави извадени од контекст, поврзани со родовите улоги во денешното општество, кои ги изведуваат и мажите и жените.
Колку што сум следела, дискусиите отворени на социјалните мрежи во Албанија поврзани со родовата рамноправност се однесуваат на економската независност на жените, на нивната улога како мајки, и на обрасците на однесување што ги прикажуваат жените и девојките на социјалните мрежи. Создаден е нарратив дека жените добиваат премногу права и ги занемаруваат своите обврски. Во таа смисла, социјалните мрежи го деформираат дебатот за родова рамноправност, ставајќи го во искривена светлина и според застарена гледна точка која ги мери правата на луѓето на вага.
Родовата рамноправност не е стока што се става на кантар — толку права за жените, толку за мажите — тоа се човекови права. Родовата рамноправност се мери со еднакви шанси и еднакви можности за секој човек да го исполни својот потенцијал. Слободата никогаш не е претерана, за никого.
Kako начинот на медиумско известување на социјалните мрежи (наслови, фотографии, кратки видеа) влијае врз начинот на кој јавноста ги перцепира родовите прашања — дали медиумите ја вршат својата функција или повеќе создаваат сензација и кликови?
Медиумите историски многу влијаеле на начинот на кој јавноста ги перцепира родовите прашања — почнувајќи од бројот на жени и девојки поканети во улога на експерти во вестите, па сè до аголот од кој се пристапува кон приказните со жени во центарот. Додека пред појавата на социјалните мрежи сензационализмот им припаѓаше на таблоидите, денес оваа тенденција масовно се прошири во сите медиуми.
Денес медиумите паднаа во стапицата на алгоритмите, кои намерно ја заменуваат популарноста со успех, со цел што повеќе луѓе да останат приклучени на мрежата што подолго. Но тоа не е целта на квалитетното медиумство. Погрешно, медиумите денес се изедначија со платформите на кои работат, претворајќи се во медиум — односно само во алатка преку која другите фрлаат содржина — сводувајќи ја својата улога на пасивен пренесувач. Всушност, медиумите се создадени за да ја држат власта одговорна и да им дадат на луѓето арена за здрава дебата преку судир на мислења, потпирајќи се на факти и основните принципи на етиката.
Брзината на консумирање информации преку наслови, фотографии или кратки видеа им одзеде на медиумите еден важен елемент — контекстот на настаните и прашањата како и зошто — кои бараат повеќе време за обработка, но од друга страна создаваат публика која размислува, а не само пасивен потрошувач кој прелистува од една страница на друга без ништо да му остане во свеста.
Кои се некои од најпроблематичните практики што ги забележувате кај онлајн медиумите кога известуваат за родови прашања на социјалните платформи?
Некои од најпроблематичните практики што ги забележувам кај онлајн медиумите кога известуваат за родови прашања се поврзани со кршењето на приватноста и објавувањето фотографии или лични податоци на жени и девојки вклучени во случаи на сексуална злоупотреба, особено на малолетници.
Исто така, за проблематично го сметам давањето платформа на мизогини и омразни личности кон жените во онлајн медиумите под претекст на слобода на мислење. Тоа се поделбени пораки за општеството и наместо да градиме заедница, создаваме парцели кои ги држат луѓето заробени во ровови, како во времето кога жените немаа права — ниту да зборуваат, ниту да работат, ниту да се школуваат.
Тоа создава какофонија и враќање назад кон вредности кои општеството ги стекнало со мака. Уште еден проблем е управувањето со коментарите во онлајн медиумите — или поточно, неуправувањето со нив. Таму се одвиваат најбезобразните напади врз жени и девојки и тие стануваат многу висока цена за јавните гласови. Исто така, непроверувањето на видеата или фотографиите генерирани од вештачка интелигенција е уште една проблематична практика распространета во онлајн медиумите.
Дали имаме примери каде медиумите на социјалните мрежи навистина придонеле за зголемување на свесноста и заштитата на родовата рамноправност?
Да, имаме. Mollëkuqja е една од нив. Во Албанија, подкастите на AWA за феминизмот и сексуалното вознемирување, подкастот AJO со жени новинарки и филмски работнички, наидоа на поддршка од публиката со илјадници кликови. Во Косово, емисијата ZANAT е многу добра платформа за дебата за родови прашања. Сепак, тие не се доволни за да ја подигнат свеста за заштита на родовата рамноправност на потребното ниво, додека контра-наративот е многу поприсутен и поинтензивен.
Мрежата за известување за разновидност RDN врши одлична работа со месечните мониторинзи низ цел Балкан и би ве поканила да ги следите на социјалните мрежи за да ги видите трендовите — негативните, но и позитивните примери од кои можеме да научиме како подобро да ја вршиме нашата улога на медиуми.
Кога во медиумите или на социјалните мрежи се користи јазик кој ги стереотипизира жените или жртвите на насилство, колку се ефективни постојните механизми за санкционирање и институционална реакција — и каде го гледате поголемиот проблем: во отсуството на правила или во нивната неспроведливост во дигиталниот простор?
Тука ќе зборувам за Албанија, бидејќи од 2023 година го изменивме законот за аудиовизуелни медиуми со воведување на членот кој ја санкционира сексистичкиот јазик во аудиовизуелните медиуми. Со гордост можам да кажам, како една од иницијаторките на промената на законот, дека по 3 години имаме поголема свесност кај аудиовизуелните оператори — кои имаат присуство и на социјалните мрежи — за сузбивање на сексистичкиот јазик.
AMA — Органот за аудиовизуелни медиуми, кој е институцијата одговорна за спроведување на законот, евидентирал десетици барања за отстранување на сексистичка содржина од екранот или социјалните мрежи и ги казнил засегнатите медиуми со опомени или глоби. Секако, ова важи за телевизиите, додека за социјалните медиуми, прашањето останува нерегулирано. Сепак, сметам дека давајќи го примерот со телевизиите и инвестирајќи повеќе во медиумската писменост на публиката — која треба да пријавува секоја сексистичка содржина — состојбата ќе се подобри понатаму.
Што треба да променат медиумите во начинот на кој ги користат социјалните платформи за да имаат поголемо позитивно влијание врз прашањата за родова рамноправност?
Медиумите треба да ги користат социјалните мрежи за она за што тие служат — како средство за допирање до што повеќе луѓе со верифицирана содржина и неотровни мислења. Да се оддалечат од искушението да бидат кликабилни по секоја цена и да не им даваат платформа на разгорени глави и поделбени наративи кои сакаат луѓето покорни кон една идеја или еден пол. Премалку сме за да се мразиме меѓусебно и да се делиме уште повеќе.




