Поминаа многу години откако првпат почнав да го чувствувам различниот третман од машките членови на семејството, честопати за истите постигнувања. Без оглед на тоа колку голем беше успехот или постигнувањето, тоа речиси никогаш не можеше да се натпреварува со „големината“ на постигнувањата на браќата, соучениците или братучедите. Само затоа што ним им се случило да се родат мажи.
Честопати, всушност, не се чувствував целосно достојна за пофалби; се чувствував како да не ги заслужувам.
Притисокот, насилството и малтретирањето, особено кога започнуваат во потесното семејство, а потоа и во поширокиот круг, имаат моќ да ги убедат девојките и жените дека не вредат, да предизвикаат ниска самодоверба и самосомневање. Честопати, целиот овој третман може да ги наведе девојките несвесно да ги усвојат овие норми. Овој синџир на дејства е опасен, бидејќи може да доведе до тоа жените, самите жртви на овој менталитет, еден ден да ги сторат истите тие дела кон други девојки.
Се вели дека „сексизмот“ и „мизогинијата“ се концепти што лесно се забележуваат — доволно е да знаеме каде да гледаме. Најпрво можеме да ги анализираме во наједноставната форма на човечкото изразување: јазикот и комуникацијата. Начинот на кој ги кажуваме работите, и тоа што го кажуваме, открива многу за начинот на кој го гледаме светот; на крајот на краиштата, јазикот е првиот човечки чин на разбирање на светот околу нас.
Ако еден збор има навредлива структура кон една маргинализирана група, детето што расте во средина каде што тој збор постојано се користи, без никаков контекст, никогаш нема да го преиспита неговото значење. Туку тоа ќе предизвика формирање на специфичен тек на размислување — еден вид менталитет што гласи „така е затоа што така е“. Сето ова води кон процес на колективно размислување наречен „егрегор“ — што значи дека, штом доволно луѓе веруваат и практикуваат нешто, тоа станува сосема природно; на пример, некои родови стереотипи: жените се емотивни, мажите се логични.
Поголемиот дел од девојките се раѓаат и растат во средини што не се гостопримливи кон нив. Тие се третираат како да се граѓани од втор ред; живеат во места каде што нема закони што диктираат што смее маж да прави со своето тело, но има безброј закони и предрасуди насочени против жените.
Да мразиш една личност е едно, но да мразиш некого поради нешто што самиот не го избрал е сосема друго.
Можеби поединците што шират толку многу омраза се во криза на идентитетот: не се познаваат самите себе, ниту ја гледаат реалноста. За нив, сѐ што се наоѓа од другата страна на ѕидот им изгледа како закана. Тоа е, се разбира, спартански менталитет, при што не можам да разберам дали причината е стероидниот тестостерон што им го надул мозокот речиси надвор од черепот, или едноставно стравот од непознатото — стравот дека можеби би ја изгубиле својата моќ, а заедно со неа и машкоста. Сето ова почива на фактот дека, кога една личност нема ниту една добра лична особина, фанатично ќе ги турка и брани идеите како етничката припадност, религијата, па дури и родовите идеологии.
Ова штетно однесување е многу тешко за сите, не само за жените, туку и за мажите.
Не успеав да ја пронајдам суштината или причината за сите неправди и постојаната дискриминација кон жените. Можеби доаѓа од страв, можеби од неспособност за разбирање, или можеби дискриминацијата со текот на годините се претворила во непишано правило што им легнало на мажите како леано, а целиот овој менталитет го бранат како зеницата на окото.
Жените денес мора да разберат дека не се ничие мерило за чест. Тие претставуваат само себеси, и тоа треба да го прават најдобро што можат. Жените не се сопственост и не припаѓаат никому, освен на самите себе.Share


