Пишуваат: Фатос Груби и Марта Стевковска
Сè почестите случаи на малолетничко сексуално насилство и стануваат сериозен и широко распространет проблем, поттикнат од културолошки норми, системски слабости и ограничен институционален капацитет за ефикасен одговор. Според извештај на УНИЦЕФ иако државата ја зајакна својата правна рамка и усвои документи како Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство, празнините во финансирањето, недостигот од квалитетни податоци и недоволната испорака на услуги ја отежнуваат практичната примена.
Високите стапки на насилно дисциплинирање, малтретирање и онлајн злоупотреба укажуваат на итна потреба од превентивни мерки и системски одговор. Дополнителен предизвик претставува преоптовареноста и недоволната подготвеност на институциите, особено центрите за социјална работа, кои се соочуваат со ограничени ресурси во справувањето со комплексните облици на насилство, вклучително и родово базираното.
Она што особено загрижува е појавата на дигитални облици на злоупотреба – од онлајн намамување (grooming), до производство и дистрибуција на детска порнографија, па сè до правење на вакви содржини достапни за деца преку интернет. Денешните предатори не мора да бидат физички присутни за да нанесат штета – доволен е пристап до интернет и комуникациски платформи за да се воспостават интеракции со потенцијално длабоки психолошки и емоционални последици. Токму затоа, превенцијата, едукацијата и навременото реагирање од страна на институциите и семејствата се клучни за спречување на насилството.
Правната рамка и недостатокот од превенција и казнување
Правниот аспект за заштита на децата од сексуална злоупотреба останува едно од најслабите точки во системот. Според Албана Метај, професорка по граѓанско право и феминистка, законската рамка во Македонија формално обезбедува одредени механизми за санкционирање, но во практика тие често остануваат неефикасни. Таа укажува дека постојат правни празнини и недоволна имплементација на постојните закони, што резултира со тоа што многу случаи завршуваат без соодветна казна за сторителите.
„Во дигиталната ера, заштитата од онлајн злоупотреба и дигитални злосторства е исто многу важна. Со последните измени на Кривичниот законик, детската порнографија и сексуалната експлоатација на деца се опфатени и во нивните онлајн форми, а е криминализиран и онлајн контактот со деца за сексуални цели (grooming). Сепак, одредбите остануваат фрагментирани: нема сеопфатен закон за онлајн заштита на децата, а дигиталната заштита е поделена меѓу Кривичниот законик, Законот за заштита на децата и Законот за електронски комуникации. Практичната примена е отежната од недостиг на експертиза во истражните органи за онлајн злосторство.
Судските постапки често се бавни и не секогаш пријатни за жртвите. Интервјуата со деца може да се повторуваат во различни фази, што предизвикува двојна траума или ретрауматизирање. Концептот на „зелена соба“ (Green Room), кој има цел да го заштити детето при испрашување со користење аудио-визуелна технологија за да се избегне директна експозиција, не се применува редовно и задолжително. Во некои случаи, судовите изрекуваат непропорционални казни, испраќајќи слаб сигнал за сериозноста на кривичното дело.“
Метај нагласува дека една од најголемите пречки е недоследното постапување на институциите и недоволната меѓусекторска координација – од полицијата, преку социјалните служби, до судовите. Овој институционален јаз, вели таа, им овозможува на сторителите да избегнат одговорност, додека жртвите и нивните семејства остануваат без соодветна поддршка.
„Сегашниот систем често не ги оспорува структурите на родова нееднаквост и тоа се манифестира на неколку нивоа:
- Обвинување на жртвата и сугестивни прашања:Во судските постапки, девојчињата често се соочуваат со прашања што го доведуваат во прашање нивното однесување, облекување или комуникација. Ова не само што ја ретрауматизира жртвата, туку испраќа јасна порака дека одговорноста делумно паѓа и врз неа, зајакнувајќи ги патријархалните норми кои ги тераат девојчињата да молчат.
- Недостаток од родова перспектива во институционалната заштита:Социјалните и правните служби не секогаш нудат родово-сензитивна заштита. Девојчињата често немаат пристап до психолошка поддршка, механизми за зајакнување или процедури што го минимизираат нивното изложување на сторителот, што ја зацврстува улогата на патријархалните структури во системот.
- Стигматизација и културна тишина:Патријархалните општествени норми, кои ги принудуваат жртвите да молчат, не се оспоруваат од правните практики. Девојчињата често се соочуваат со двојна бариера: стравот од сторителот, особено ако е во семејството, и недостатокот на заштита од системот.
- Слаба превенција и недоволно сексуално образование:Системот не нуди ефективни превентивни инструменти што би ги оспособиле девојчињата да ги препознаат своите права и да пријават злоупотреба. Ова остава простор за репродукција на тишината и родовата нееднаквост.“
За да се намали просторот за злоупотреби и да се зајакне заштитата на децата, неопходни се реформи кои ќе воведат построги санкции, побрзи постапки и задолжителни механизми за поддршка на жртвите. Метај смета дека без јасна политичка волја и без транспарентен систем на одговорност, Македонија ризикува да продолжи да биде место каде сексуалната злоупотреба на деца останува во сенка, а сторителите ретко се соочуваат со последици.
Недостаток на обучен кадар и мала координација меѓу институциите
Според Љупка Трајановска, истражувачка за родови прашања, за девојките и ученичките да се чувствуваат безбедни и заштитени, потребна е (имплементација на) цврста законска рамка усогласена со Истанбулската конвенција која јасно ги санкционира сите форми на РБН, вклучувајќи дигитално (сексуално) вознемирување и сексуално изнудување, заедно со ефикасни институционални механизми за брза реакција и координација меѓу училиштата, полицијата и центрите за социјална работа.
„Ова мора да се надополни со задолжителни училишни протоколи, обука на наставници и стручни служби, пристапни канали за анонимно пријавување, сеопфатно сексуално образование и медиумска писменост, како и бесплатна психолошка и правна помош за жртвите. Ваквиот интегриран пристап ќе обезбеди не само санкционирање на сторителите, туку и превенција, поддршка и зајакнување на младите девојки во заштитата на нивните права и достоинство“, објаснува таа.
Трајановска додава дека и девојките и жените е потребно да се информираат преку посета на работилници, неформални дебати, семинари организирани од граѓанскиот сектор, со цел да започнат да ги препознаваат различните видови на РБН.
„Дополнително, на ваков вид на работилници ќе ги добијат и потребните информации за тоа каде и како можат да го пријават насилството и каде да побараат психосоцијална поддршка, но и бесплатна правна помош“, вели таа.
Според Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА и психолог иако постојат програми за превенција, кај нас тие не се доволни, достапни и доследно применети, а наставниот кадар често нема доволно обука за препознавање и реагирање на вакви ситуации.
„ХЕРА со години се залага за воведување на сексуално образование во училиштата, кое покрива теми како согласност, емоционална интелигенција и родова еднаквост. Нашето искуство покажува дека каде што сексуално образование е присутно, ризикот од насилство и уцени е помал, а учениците полесно бараат помош“, објаснува психологот Матевска.
Според Матевска во однос на препораки за институцинално и системски да се подобри заштитата и безбедноста на ученичките и учениците против ваков тип на врсничко насилство, потребни се неколку паралелни чекори како:
- Воведување на сексуално образование во училиштата.
- Континуирана обука на наставници, педагози и психолози за превенција, рано препознавање и соодветно реагирање во случаите на насилство.
- Јасни и брзи процедури за пријавување на дигитално и сексуално насилство, со гарантирана заштита на жртвата.
- Онлајн платформи и линии за помош специјално дизајнирани за млади, достапни 24/7
- Советувалиштни услуги за превенција и поддршка на менталното здравје за млади.
- Специјализирани услуги, советувалишта за работа со деца и млади жртви на насилство.
- Услуги за третман и работа со деца, млади сторители на насилство.
- Советувања и поддршка на родители/ старатели/ семејства засегнати со случаите на насилство.
- Поголема координација меѓу училиштата, МВР, Центрите за социјална работа и невладиниот сектор за брза интервенција.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека преку спроведување на Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020–2025), работат на зајакнување на институционалните механизми за заштита на децата во сите форми, вклучително и онлајн сексуално насилство.
„Со поддршка на УНИЦЕФ, спроведовме специјализирани мултисекторски обуки за полиција, судии, обвинители, центри за социјална работа и невладини организации. Целта е да се обезбеди координиран одговор и да се минимизира траумата кај децата жртви, како и да се поттикне брза и ефективна интервенција. Истовремено, воспоставен е систем за квалитетен скрининг на возрасните кои работат со деца, кој вклучува психолошки, социјални и криминолошки аспекти, а се развиваат и алатки за редовна евалуација преку интервјуа и тестирања. Работиме и на истражувањето Disrupting Harmкое се фокусира на сексуална експлоатација на деца преку дигитални средини, со цел да се утврди капацитетот на националниот систем да реагира на вакви форми на злоупотреба и да се создаде јасен патоказ за подобрување на заштитата“, ни одговорија од Министерството.
Дополнително, изјавија дека воведен е Посебен регистар на лица осудени за сексуална злоупотреба на малолетни лица, кој е јавно достапен и овозможува превентивно информирање на граѓаните, а изработре и усвоен е Национален акциски план за правата на детето, каде посебен акцент е ставен на онлајн сексуална експлоатација. Акцискиот план вклучува мерки како едукација на деца и родители, дигитална писменост, користење на игри во улога, симулации и онлајн платформи за учење.
Иако законската рамка е проширена и формално ја препознава сериозноста на дигиталното насилство, во пракса институциите често заостануваат зад реалноста. Недостаток на обучен кадар, недоволна соработка меѓу училиштата, центрите за социјална работа и полицијата, како и предолгите судски постапки, оставаат многу деца без навремена заштита. Дополнително, родителите и наставниците честопати немаат доволно знаење за тоа како да ги препознаат првите знаци на злоупотреба или врсничко малтретирање во дигиталниот простор. Ова создава празнина меѓу законите и нивната реална примена, што ја зголемува ранливоста на малолетниците.



