Говорот на омраза во Северна Македонија останува сериозен предизвик, најчесто насочен кон етничките заедници и лицата од LGBTIQ+ заедницата. Политичките настани и изборните процеси дополнително ја зголемуваат можноста за појава на вакви содржини. Според извештајот на Хелсиншкиот комитет, објавен во декември, најголемиот дел од случаите на говор на омраза и вознемирувачки говор се регистрирани на социјалните мрежи, во форма на коментари или објави на лични профили.
„Само преку платформите за документирање беа регистрирани 230 пријавени случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Најголемиот дел од случаите се случиле на социјалните мрежи, каде што беше забележано изразено ширење на хомофобичен и трансфобичен говор во контекст на настани како Скопје Прајд, како и за време на претседателските избори. Иако беа иницирани најмалку осум правни постапки – вклучително и кривични пријави за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски системи – институционалната реакција беше слаба. Дел од пријавите беа отфрлени од обвинителствата без образложение што би ја одразило тежината на делото, додека во други случаи одговорот сè уште се очекува“, се наведува во извештајот.
Покрај говорот на омраза, документирани се и случаи на директна дискриминација и насилство. Еден од најзагрижувачките примери беше случајот со ученик во Велес, кој бил изложен на континуирано булинг-однесување во училиште поради претпоставена сексуална ориентација и етничка припадност. Во меѓувреме, состојбата останува проблематична и во здравствениот систем.
„Дополнително, лицата што живеат со ХИВ и натаму се соочуваат со дискриминација, особено на работното место и во здравствените институции. Во неколку документирани случаи, пациентите биле принудени да приложат тестови за ХИВ или им биле одбиени услуги. Недостигот од доверба во институциите ги принудува многу лица од LGBTIQ+ заедницата да не ги пријавуваат прекршувањата, што дополнително ја продлабочува нивната маргинализација“, продолжува извештајот.
Од друга страна, аналитичкиот извештај за правата на LGBTI во Северна Македонија 2023–2025, објавен од Институтот за европска политика (ИEП), наведува дека законската рамка што ја третира дискриминацијата и злосторствата од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет е во голема мера консолидирана и усогласена со правото на Европската Унија и европските стандарди. Сепак, нејзината примена останува недоволна и бара значителни подобрувања.
„Напорите за промовирање на еднаквоста и санкционирање на говорот на омраза, злосторствата од омраза, дискриминацијата и нетолеранцијата треба да се зајакнат. Дополнително, политичарите треба да се воздржат од употреба на дискриминаторски говор. Кривичниот законик нема јасна и сеопфатна дефиниција за говорот на омраза, оставајќи им на органите за спроведување на законот широк простор за дискреција при одлучувањето кои случаи ќе бидат истражувани и кривично гонети. Злосторствата од омраза кон лицата од LGBTI+ заедницата остануваат недоволно пријавени, главно поради страв од одмазда и недостиг од доверба во институциите, додека постојните законски заштити слабо се применуваат. Дополнително, злосторствата мотивирани од предрасуди не се регистрираат соодветно и не се истражуваат целосно од полицијата и обвинителствата“, се наведува во анализата на ИEП.
Од Институтот дополнуваат дека говорот на омраза, како кривично дело во Кривичниот законик, е опфатен и со Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде што член 10 го дефинира вознемирувањето како секое несакано однесување кон поединец или група, засновано на дискриминаторска основа, со цел или последица на повреда на достоинството или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина.
„Сепак, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не ги третира овие случаи преку кривични постапки. Нејзините одлуки и препораки, иако значајни, не се правно обврзувачки. Доколку сторителот не постапи по препораката, може да се иницира прекршочна постапка пред надлежен суд. Но, овој процес не обезбедува обештетување за жртвите на дискриминација. Дополнително, преклопувањето меѓу одредбите за говор на омраза во Кривичниот законик и одредбите за вознемирување во Законот за спречување и заштита од дискриминација создава правна нејасност. Овој двоен систем го отежнува остварувањето на правдата, бидејќи отвора прашања поврзани со принципот res judicata – односно дека едно лице не може да биде судено двапати за исто дело. Ако сторителот биде санкциониран во прекршочна постапка, не може повторно да биде кривично гонет за истиот акт“, нагласуваат од ИEП.
За подобрување на состојбата со говорот на омраза, Хелсиншкиот комитет препорачува засилена модерација на социјалните мрежи, односно поголем ангажман на платформите (Facebook, Instagram, X, TikTok) за отстранување содржини со говор на омраза и санкционирање на профилите што ги шират. Исто така, се препорачуваат законски измени за поголема транспарентност, односно да се разгледаат можностите за измени што би ѝ овозможиле на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пристап до податоците за сторителите на вознемирувачки говор.




