Надежта не познава рак, битката на Тренделина со ракот на дојка

Тренделина Деари е повеќе од една пациентка со рак на дојка, таа е пример за издржливост, храброст и љубов кон животот. Нејзината приказна ги инспирира сите жени да сватат дека не се сами и дека внатрешната сила може да биде поголема од која било дијагноза.

Приказната за Тренделина Деари, социолог од Гостивар, е токму една таква приказна. Жена која за краток временски период поминала низ многу болни искушенија, загубата на својата мајка, тешката операција и трагедијата како последица од несреќата во која ја загубила ќерка си, и како ова да не било доволно, таа денес се соочува со уште еден предизвик: ракот на дојка.

Но, таа не се гледа себеси како жртва, туку како борец. Цело ова време Тренделина одлучила да не се крие, одлучила да зборува отворено, да пишува поезија и да биде пример за внатрешна сила. Нејзината сила е поголема од било каков страв, од било каква болка. Таа е жив доказ дека надежта не згаснува ниту во најмрачните денови.

Во продолжение можете да ја прочитате нејзината искрена приказна за животот, болеста и љубовта кон нејзината ќерка, која е нејзиниот најголем извор на сила.

  • Што почувствува во моментот кога ја дозна твојата дијагноза?

Кога ја дознав дијагнозата воопшто не ми беше лесно. Бев во тешка емоционална состојба, 

штотуку ја имав загубено мајка ми, најголемата поддршка во мојот живот, а помалку од година пред тоа ми беше извршена една голема операција на раката. Беше тоа еден двоен шок.

  • Која беше првата мисла што ти дојде на ум во тој момент?

Мојата прва мисла беше: и да умрам таму ме чека Андина (мојата ќерка) и мајка ми, но морам да соберам сила и да живеам за Рина (другата ќерка). Тоа беше длабок момент на судир помеѓу болката и решителноста.

  • Како ја поднесе хемотерапијата, физички и емоционално?

Хемотерапијата сама по себе е борба. Постојано си во делириум, во агонија. Во една од моите песни ја нареков „временски вакуум“ - помеѓу овој и оној свет. Имаш емоционални кризи, промени на расположението, халуцинации, но по 4-5 дена телото и умот почнуваат да се смируваат… сè додека не дојде време за следната терапија и тогаш те облева немир.

  • Која поддршка беше најважна за тебе на ова патешествие?

Најголемата поддршка ми беше семејството: ќерка ми и татко ми, за кои морам да се борам. Од голема помош ми беа и искрените разговори, фактот дека не ја криев мојата болест, пишувањето песни во кои ги изразувам моите чувства и поддршката од блиските пријатели кои секогаш беа тука покрај мене.

  • Дали имало моменти кога си се чувствувала многу силна и моменти кога си се чувствувала скршена?

Да, во оваа болест нема мир. Или ве соборува на земја, ве фрла во очај, или собирате сверска сила за да не се откажете. Секој ден е битка и победник е оној дел од нас кој што најмногу го негуваме.

  • Како се променило твоето размислување за животот по ова искуство?

По трагичната несреќа пред две години во која што ја изгубив ќерка ми , а во која јас и мојата друга ќерка претрпевме сериозни повреди, мојата перспектива за животот се смени. Таму сфатив дека ништо не е во наши раце. Оваа болест уште еднаш ме здрма и ме потсети дека ние сме многу мали воочи нашата судбина. Сега го живеам секој ден како да ми е последен. Еднаш ја победив смртта во таа несреќа, ова е по втор пат. Сега го чекам третиот, навистина… (се смее).

  • Што е тоа што секој ден ти дава сила да продолжиш напред?

Најголема сила ми дава мојата ќерка, која ме гледа како пример, како хероина. Храброста на жените кои го надминале овој предизвик исто така ме инспирира, како и сеќавањата на мојата мајка која се бореше со карцином на матката и на крај го победи.

  • Дали мислиш дека општеството има разбирање за тоа низ што поминува една жена која се бори со рак на дојка?

Мислам дека свесноста е поголема од порано, но за жал сè уште мислиме „сè додека маката не ни затропала на наша врата, ние сме во ред“. Општеството треба да биде повеќе опфатено со бесплатни прегледи, психолошка поддршка, финансиска помош. Оваа болест не е само физичка, туку е и многу скапа и емоционално исцрпувачка.

  • Која е твојата порака за другите жени кои штотуку се дијагностицирале со оваа болест?

Бог ги става пред предизвик силните жени. Ништо не се случува случајно. Вие сте посилни од дијагнозата, посилни од ракот. За секоја една причина за да се откажете, постојат сто причини да се борите. Животот сè уште е убав.

  • Како ја гледаш својата иднина по лекувањето?

Имам многу планови. Сакам да одам на Умре, тоа ми е долгогодишна желба. Потоа сакам да основам едно здружение за жените погодени од рак и да продолжам со докторските студии. И пред сè, 

сакам да бидам жива за да ја видам ќерка ми како дипломира. Таа имаше само 3 години кога се разделив од сопругот и секогаш сум се трудела да не и недостига ништо. Секој ден му се молам на Бога да ми даде живот за да ја гледам како чекори по својот пат.

  • Имаше и силен пример од твојата мајка…

Да. Мајка ми имаше рак на матката. Лекарите не беа надежни, но таа рече: „Ќе се оперирам и ќе живеам, имам три деца што ме чекаат“. Таа беше позитивна, силна, непоколеблива. Живееше 24 години по дијагнозата и почина од срцев удар, а не од рак. Таа беше пример за женска сила. Се надевам дека и јас ќе ја имам нејзината среќа и сила.

  • Дали си го променила начинот на исхрана и начинот на живот?

Не сум многу дисциплиниран пациент (се смее). Се трудам да се хранам здраво, со овошје и зеленчук. Никогаш не сум пушела, ниту сум пиела алкохол. Бев играорка 8 години, живеев здрав живот и болеста повторно ме погоди. Затоа сакам да живеам како што сакам, без да мислам 

секој ден дека сум болна. Според мене, најголемиот непријател е стресот и негативните мисли.

  • Како да го претвориме стравот во храброст?

Стравот е секогаш тука како одбранбен механизам. Но, кога се соочувате со најголемата загуба во животот, како што е загубата на дете, стравот ја губи својата моќ. Она што останува е храброста за да продолжите напред. Не можете да го елиминирате стравот, но можете да го претворите во штитник за борба. Животот е борба и оваа борба не ја добиваат најсилните, туку најсмелите.

  • Надежта не познава рак?

Да. Надежта е дел од животот. Дури и во најмрачните денови таа се појавува како светлина на крајот од тунелот. Особено кога ракот е откриен во раните фази, шансите за излекување се многу големи. Немојте да мислите дека „тоа нема да ми се случи мене“. Тоа доаѓа кога најмалку го очекувате. Но, со сила, храброст, верба во себе и во Бога, секоја жена може да победи.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго