Oдгледувањето на децата со долгорочни последици и сè уште на товар на мајките, државата не прави доволно

Околу 36% од жените во РСМ се откажуваат од своето работно место или не учествуваат на пазарот на труд за да се грижат за своите деца. Главна причина за ова е недостатокот на институционални услови за згрижување на децата кои сè уште не наполниле шест години, и кои на државно ниво се над 75 илјади деца. Според експертите ова има долгорочни последици не само за семејствата, туку и за целото општество. 

Во истражувањето спроведено од Центарот за еднаквост и правда (ЦЕП), онлајн се анкетирани 646 лица и се реализирани 4 фокус групи со родители, при што е потврдено дека недостатокот на еден систем за згрижување на децата е главната причина поради која жените се повлекуваат од пазарот на труд. 

„Вкупно 36% од мајките, споредено со 2% од татковците, одговориле дека се грижат за децата до 2 години за време на работното време. Недостатокот на градинки кои би се грижеле за децата под 6 годишна возраст директно влијае на пасивноста на жените на пазарот на труд и нивното економско зајакнување.“

Институционалната грижа за децата кои сè уште не наполниле шест години не ги исполнува потребите на секое дете. Над 75 илјади деца не се вклучени во овој систем пред да наполнат шест години.  

„Официјалните податоци покажуваат дека земјата има ограничено покривање на грижата за децата до шестгодишна возраст, со вкупно 36.291 згрижени деца, или 34,5% од децата на возраст од 0 до 6 години и 45,5% од децата на возраст од 3 до 6 години. Ова значи дека 75.874 деца во земјата остануваат невклучени во предучилишното образование.“

Економскиот експерт Абил Бауш објаснува дека овој феномен што ги остава жените надвор од пазарот на труд, а кој доаѓа како од општествените норми така и од недоволноста на јавните услуги, доведува до „родов пеналитет за грижа“ (care penalty). 

„Оваа ситуација ја зајакнува структурната родова еднаквост, каде што жените се „пенализираат“ економски за нивната репродуктивна улога и улогата на згрижувачи. Во економијата ова е познато како „родов пеналитет за грижа“ (care penalty), кој се манифестира со пониски плати, послабо учество на пазарот на труд и длабоки нееднаквости во долгорочната економска сигурност.“

Иако овој феномен изгледа дека ги засега само родителите и потесното семејство, како економски последици со кои се соочува Северна Македонија Абил Бауш ги набројува и загубата на продуктивноста и БДП, недостатокот на работна сила, пониските даночни приходи и притисокот врз државниот буџет.   

„Кога 36% од жените се надвор од пазарот на труд поради причини како што е грижата за децата, последиците за економијата на РСМ се повеќекратни и сериозни:

  • Економијата губи значителен дел од човечкиот капитал. Жените се сè пообразовани, но нивното неактивирање на пазарот на труд ја намалува: вкупната продуктивност, потенцијалот за раст на БДП и повратот од јавните инвестиции во образованието.
  • РСМ веќе се соочува со недостаток на работна сила, а исклучувањето на жените поради грижата за децата го влошува овој дефицит и ја прави економијата помалку конкурентна.
  • Помалку вработени жени значи: помалку даноци на доход, помалку социјални придонеси и поголема зависност од социјалните трансфери.“

НЕВРАБОТЕНОСТА, ПРИНУДЕН ИЗБОР ЗА ЖЕНИТЕ

Останувањето на жените дома не е економско решение, туку симптом на неуспехот на јавните политики за згрижувањето на децата и родовата еднаквост. Жените треба да имаат можност да станат мајки и да не се откажуваат од епитетите кои претходно ги носеле, посебно оние од својата кариера и работа. 

Жртва на системот кој не успеал да го направи ова е и М.Ч. Таа за „Молекуќја“ раскажува дека недостатокот на услови за паралелно да биде мајка и да работи, ја принудил да се повлече од пазарот на труд. 

„Решив да ја оставам работата затоа што немаше кој да се грижи за моите деца додека бев на работа. Недостатокот на градинка има големо влијание бидејќи си принуден да останеш дома и да не работиш. Нема друга алтернатива, освен ако немаш помош од семејството. Се чувствував бескорисно иако се грижев за двете деца и ги извршував другите обврски. Оваа ситуација имаше многу лош ефект врз мене и врз моето ментално здравје.“

Запрашана дали би работела доколку би имала поддршка за згрижување на децата, таа децидно одговори со да. 

„Да, кога би имала поддршка, дефинитивно би работела.“

И Мирвете Алили, мајка на четири ќерки, избрала да се повлече од работното место за да се грижи за децата бидејќи немала доверба во институционалната грижа. 

„Секогаш ми било важно да и се посветам 100% на семејството и на моите ќерки, да бидам присутна како во растењето, така и во едукацијата. Немав целосна доверба во безбедноста и грижата што можеше да им се понуди на моите деца во Македонија, па затоа мојата одлука беше конечна самата да ја преземам грижата за нив.“

НЕВРАБОТЕНОСТА НА МАЈКИТЕ ЈА ЗГОЛЕМУВА СТАПКАТА НА СИРОМАШТИЈА

Без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини, жените се тие кои се грижат за децата и не работат, но разликата се продлабочува во зависност од времетраењето на невработеноста и нејзиното влијание врз економските услови, вели Димовска.

„Разликата е во тоа што невработеноста кај жените од руралните средини е подолготрајна, имајќи предвид дека во урбаните средини поголем процент од децата почнуваат да одат во градинка, додека во руралните средини тие ја немаат таа можност. Ова особено влијае на финансиската состојба на семејството, како и на поддршката што семејството може да му ја понуди на детето за да го достигне својот максимален потенцијал.“

Зголемувањето на бројот на деца е во правопропорционална врска со продлабочувањето на сиромаштијата во семејството. Димовска ова го поврзува со невработеноста на жените.  

„Статистички, како што се зголемува бројот на деца во семејството, се зголемува и стапката на сиромаштија. На оваа ситуација директно влијае невработеноста на мајките кои мора да се грижат за децата од предучилишна возраст. Ова секако влијае на кариерата на жените и на нивната економска моќ и финансиска независност.“

Но, повлекувањето од пазарот на труд не влијае само на финансиската независност; Абил Бауш нагласува дека жените во овој случај се соочуваат со долгорочни загуби. 

„Од економски аспект отсуството на жените на пазарот на труд поради недостаток на градинки и високите трошоци за грижа за децата создава структурни и долгорочни загуби, не само лични, туку и општествени. Тие се соочуваат со:

  • Кумулативна загуба на приходите во текот на целиот работен животен циклус;
  • Прекин на кариерата, загуба на искуството и професионалните вештини;
  • Пониски пензии, поради изгубените години на придонеси;
  • Повисока економска зависност, особено во случај на развод, невработеност на партнерот или економско насилство.“

Конзервативните струи образложуваат дека кога жените остануваат дома и се грижат за децата, семејствата всушност штедат во трошоците, како што се трошоците за градинка или за други форми за згрижување на децата. Но Бауш не се согласува со овие ставови. Тој вели дека на долгорочен план загубата што ја трпи семејството од невработеноста на жената е поголема од заштедите на трошоците за институционално згрижување на децата. 

„На краток рок некои семејства можат да имаат перцепција дека се 'подобри' финансиски избегнувајќи ги плаќањата за државните или приватните градинки. Но, економската анализа покажува дека долгорочните загуби значително ги надминуваат краткорочните заштеди. Реалните загуби вклучуваат: загуба на една цела или делумна плата, загуба на напредувањето во кариерата и поголем ризик од сиромаштија.“

Со повлекувањето од пазарот на труд жените не само што ја губат финансиската независност и можноста за понатамошно напредување, тие се предодредени да бидат и жртви на семејно насилство. 

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго