Бременоста кај адолесцентките и натаму претставува присутна појава во Северна Македонија, особено во услови на ниска употреба на современа контрацепција и ограничен пристап до рани, сигурни и доверливи здравствени услуги. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на 2024 година, мајки под 15-годишна возраст реализирале 12 породувања во Северна Македонија. Во меѓувреме, според податоците на УНИЦЕФ, стапката на адолесцентски раѓања се намалила на 13,4 раѓања на 1.000 жени на возраст од 15 до 19 години во 2023 година, од 14 во 2022 година, односно 16 во 2018 година. И покрај овој тренд на намалување, стапката и понатаму е значително повисока од просекот на Европската Унија и нешто повисока од просекот во регионот на Западен Балкан. Според истите податоци, 58,1 отсто од овие раѓања се регистрирани во урбани средини.
Раководителката на Програмата за сексуално и репродуктивно здравје во организацијата ХЕРА, Оливера Стојковска, за Mollëkuqja изјави дека бременоста кај адолесцентите во Северна Македонија останува сериозен проблем, иако во последните години се забележуваат одредени подобрувања. Таа истакна дека голем дел од овие бремености се случуваат во тишина, проследени со чувство на срам и страв од осуда, што дополнително го отежнува навременото барање помош.
„Раната бременост најчесто е резултат на испреплетување на повеќе фактори, меѓу кои доминира недостатокот на соодветни наставни програми во училиштата, како што е сеопфатното сексуално образование. Младите често влегуваат во сексуални односи без доволно знаење за сопственото тело, за методите на заштита и за последиците од незаштитениот сексуален однос, а информациите ги добиваат од неформални и често неточни извори. Дополнително, ограничениот пристап до контрацепција – било од финансиски причини, било поради страв од стигматизација при барање здравствена услуга – значително го зголемува ризикот од непланирана бременост. Социјалните и економските услови, како што се сиромаштијата, ниското ниво на образование и раното напуштање на училиштето, исто така играат важна улога, особено кај девојчињата кои живеат во средини каде родовите улоги се строго дефинирани, а раното мајчинство се смета за ‘нормален’ животен пат“, вели Стојковска.
Според неа, постојат значителни разлики меѓу урбаните и руралните средини, како и меѓу различните заедници. Во урбаните подрачја, младите имаат подобар пристап до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје, што придонесува за превенција на раните бремености. Наспроти тоа, во руралните средини и помалите населени места, услугите се ограничени или целосно недостапни, а темите поврзани со сексуалноста и понатаму се табу, што го зголемува ризикот од непланирани бремености.
„Дополнително, постојат значајни разлики и меѓу различните заедници. Кај дел од ромската заедница, на пример, детските бракови и раните бремености сѐ уште се присутни и често се поврзани со сиромаштијата, социјалната исклученост и раното напуштање на образованието. Во вакви услови, раната бременост не претставува изолиран индивидуален случај, туку дел од поширок круг на структурни нееднаквости и ограничени животни избори“, нагласува Стојковска.
Покрај недостатокот на информации, младите често се соочуваат и со други бариери, како што е стигмата поврзана со сексуалното и репродуктивното здравје, која ги обесхрабрува да побараат навремена помош или совет. Стравот од осуда од семејството, здравствените работници или пошироката заедница често резултира со одложување или целосно избегнување на здравствените услуги.
„Дополнително, трошоците за контрацепција и недостигот од бесплатни и доверливи услуги претставуваат реална пречка, особено за младите од семејства со ниски приходи. Според искуствата од терен, сериозен проблем е и недостигот од точни и разбирливи информации, бидејќи формалното образование речиси и не нуди систематски и сеопфатни знаења за овие прашања. Сите овие бариери заедно создаваат средина во која младите остануваат сами да се соочат со последиците од недостигот на поддршка“, изјави Стојковска.
Според експертите, раната бременост има длабоки и долгорочни последици врз образованието и целокупната благосостојба на младите девојки. Во многу случаи, бременоста доведува до прекин или целосно напуштање на образовниот процес, со што значително се намалуваат можностите за понатамошно образование и вработување. Ова, пак, ги зголемува ризиците од економска зависност и сиромаштија во текот на целиот живот. Покрај образовните последици, раната бременост носи и зголемени здравствени ризици, како за младата мајка, така и за детето, особено кога бременоста не е следена со соодветна здравствена грижа. Психолошкиот товар, чувството на изолација и социјалната стигматизација дополнително ја нарушуваат емоционалната благосостојба на девојките, оставајќи траги кои често се чувствуваат и многу години подоцна.





