Миа Ислами е родена во Скопје, во населбата Серово, и е единственото девојче во нејзиното семејство. Таа се занимава со спорт уште од основно училиште, кога нејзиниот наставник по физичко ја вклучил на училишните атлетски натпревари. Ова било само почеток, но главниот мотиватор за таа да продолжи да се занимава со спорт бил нејзиниот брат, Екрем Ислами, кој бил борач, но кој поради повреда бил принуден да се повлече.
Во тоа време не било лесно да се биде жена Албанка која се занимава со спорт, но таа ја имала поддршката од своето семејство. Таа се запишала во средното училиште по физичко образование на македонски јазик, бидејќи во тоа време немало можност да се учи на албански јазик. Паралелно со тоа нејзиниот брат ја запишал во атлетскиот клуб „Вардар“, каде што прв тренер и бил Бучков. Таа таму останала само година и пол, не поради недостаток на успех, туку поради предрасудите на околината во која живеела. Предрасудите од заедницата не ѝ дозволиле да продолжи, бидејќи во нивни очи едно Албанско девојче не можело да се занимава со атлетика и да тренира по 17 часот, бидејќи другиот дел од денот таа морала да оди на училиште.
Но, таа не се откажала. Во 1979/80 година се запишала на Факултетот за физичко образование во Скопјe, каде што во целата нејзина генерација само таа и Ниџар Нагавци биле Албанки. По дипломирањето на факултетот таа почнала да работи како наставничка по физичко образование, а потоа одлучила да ги ангажира младите Албанки во спортот, да ги сруши бариерите со кои самата се соочила. Нејзината цел била да го промени менталитетот на околината во која што живеела и жените да не бидат осудувувани поради нивниот ангажман во спортот, туку да се поддржат нивните соништа.
Таа продолжила да се занимава со еден друг спорт и станала тренер за ракомет за девојки, бидејќи атлетиката е индивидуален спорт, а ракометот нуди можност да се почувствува тимската работа и важноста на поддршката. Мухамед Исмаили и Ајдин Рамадани ѝ помогнале да ја отвори првата школа по ракомет. По неколку години, во 1996/97 година, школото станало клуб „Риниа (Младина)“, каде што покрај девојките, членуваа и момчиња.
Во 1998 година за прв пат со девојките учествувала на државни училишни натпревари. Во тој натпревар меѓу 12 училишта тие го освоиле петтото место, што е голем успех со оглед на тоа што тоа било прв пат девојки од Скопје да се натпреваруваат во ракомет. По некое време, поради условите, таа ја прекинала својата активност во клубот, но не за долго. Во 2008 година таа го отворила првиот албански ракометен клуб само за девојки во Македонија, клубот „Чаир“. Интересот на почетокот бил толку голем што во пионерските, кадетските и јуниорските категории биле регистрирани околу 100 девојки. Клубот учествувал на натпревари и станал дел од Првата лига, а сега е во Супер лигата.
Таа смета дека менталитетот сега е поинаку и дека сега е нешто нормално ако една девојка се занимава со спорт. Многу млади девојки нема да се соочат со предрасудите и предизвиците со кои што таа се соочила, иако дел од општеството сè уште останува на тоа старо мислење. Таа нагласува дека потребно е уште работа за да се постигне напредок на девојките и момчињата и е горда на својата пожртвуваност. И бидејќи годините минуваат и таа не може вечно да биде на чело на клубот на кој што му дала душа и живот, таа има една желба и аманет: клубот „Чаир“ да живее сè дури во неа има живот и сè додека има девојки Албанки во Скопје.
Зошто го избравте ракометот како спорт?
Ракометот е еден од најнапредните и најорганизираните спортови во Македонија. Кога бев помлада мене ме привлекуваше динамиката на овој спорт, тимската работа и можноста да ја покажеме нашата сила и стратегија. Љубовта кон овој спорт ми дојде природно, а потоа стана лична мисија: да ги вклучам девојките Албанки во оваа арена, да ги мотивирам да го развијат својот талент и да бидат дел од спортската заедница.
Што значи за вас основањето на клубот?
Основањето на клубот е достигнување кое е поголемо од личната гордост. Клубот „ЧАИР“ е гордост на Чаир, е еден важен чекор за спортот и за нашата заедница. Како основач се чувствувам привилегирана што можам да создадам средина каде што девојките Албанки имаат можност да се развиваат и да се чувствуваат претставени во спортот. Овој клуб не е само за мене, туку и за сите оние кои веруваат во спортот и во способностите на девојките Албанките.
Кој бил најпосебниот момент за вас досега?
Најпосебниот момент беше денот кога го основав клубот. За мене тоа беше едно незаборавно искуство, бидејќи чувствував дека оставам траен белег во историјата на спортот на нашата земја. Овој момент ми даде уште поголема мотивација да работам неуморно и да ги поддржувам девојките кои ја следат својата страст за спортот.
Кои се предизвиците во развојот на спортот за девојките Албанки?
Има уште многу работи што треба да се подобрат. Нема доволно спортска култура за девојките, а често недостасува институционалната поддршка. Албанките честопати се соочуваат со потешкотии при остварувањето на еднакви можности како момчињата, а ова е предизвик со кој се соочуваме секој ден. Но, со волја, посветеност и напорна работа, можеме да ја промениме оваа реалност и да создадеме средина каде што женскиот спорт може да се развива нормално и со почит.
Што ве мотивира најмногу да успеете?
Мојата мотивација доаѓа од желбата да видам резултат од нашата работа и од страста што ја имам за овој спорт. Кога гледам девојки кои тренираат со посветеност, кои напредуваат и успеваат да ја претставуваат нашата заедница, тоа ми дава енергија и сила да продолжам. Желбата за успех е она што ги исполнува нашите денови со енергија и посветеност.
Колку е важна континуираната работа за постигнување на резултати?
Ништо не може да ја замени работата и дисциплината. Кога има волја за работа и посветеност секоја цел е остварлива, дури и кога изгледа невозможно. Успехот не доаѓа само од талентот, туку и од трпението, напорната и континуирана работа.
Дали има спортистки кои можат да послужат како пример за младите?
Да, има многу спортистки кои можат да бидат примери за младите, не само поради нивните достигнувања, туку и поради нивната посветеност и дисциплина. Но, мојата најголема желба е Албанците да ги достигнат сите највисоки нивоа во спортот, да се натпреваруваат на меѓународно ниво и да покажат дека нашиот талент и волја немаат граници.
Што можеме да кажеме за успехот и посветеноста?
Работата и успехот никогаш не се бришат. Секој искрен напор има резултат, иако понекогаш реализацијата може да потрае. За нас секој еден чекор напред е мала победа што нè доближува до нашата голема цел.
Дали имате поддршка за вашиот клуб?
Нормално дека му помагаме на клубот, бидејќи е успешен и во него нашите девојки можат да се развиваат. Моралната поддршка е одлична, секогаш има луѓе кои нè мотивираат и ни даваат храброст. Но, недостига финансиска поддршка, и тоа е најголемиот предизвик.
Кои се вашите надежи за иднината на клубот?
И покрај предизвиците, ние имаме надеж и продолжуваме со работа. Веруваме дека со текот на времето ќе ја добиеме финансиската поддршка што му е потребна на клубот, за да продолжиме да ги едуцираме и развиваме младите спортисти. Нашата визија е јасна: да создадеме силна и одржлива спортска заедница, каде што секоја Албанка ќе се чувствува претставена и силна.





