Итни и привремени мерки: Како може да се заштитат жртвите на родово базирано насилство?

Од вкупниот број жртви на семејно насилство кои побарале привремени заштитни мерки, на околу 80% им е одобрена ваква мерка, која има за цел да ја заштити жртвата на семејно насилство и родово базирано насилство од тековното насилство што го доживува и да го спречи насилникот да продолжи да врши насилство. Но, за жал, нема податоци дали овие мерки се почитуваат од страна на сторителите на семејно насилство, вели Ана Аврамовска – правен советник во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

„Во моментов немаме статистички податоци колку мерки се изречени и колку пријави се поднесени за кривична постапка за нивно прекршување. Жените кои имаат активни привремени заштитни мерки доаѓаат во нашето советувалиште и некои од нив имаат нивно прекршување. Поради тоа, соодветните постапки се водат преку надлежното јавно обвинителство. Имаме случај кога сторителот ја прекршил привремената мерка и со правосилна пресуда му е изречена алтернативна мерка условна казна со заштитен надзор, а сега повторно за истото дело бидејќи ја прекршил привремената мерка, постапката се води пред надлежен кривичен суд.“

И почитувањето на привремените мерки, и прашањето за нивната ефикасност останува прашање што зависи од секој случај поединечно, но Ана вели дека со изрекувањето на овие мерки ги гледаме и двете страни на паричката. Според Ана, во некои случаи, се чини дека дури и со изрекување на привремени мерки се постигнува целта да се заштитат жртвите и да се спречи идното насилство. Во други случаи тие се покажале како недоволни, па се преземаат дополнителни дејствија за заштита на жртвата, како што се поведување кривична постапка, барање за продолжување на привремените мерки.

Но, Марта Гусар, адвокатка која се занимава со случаи на семејно насилство, вели дека мерките се ефективни, но нема контрола од страна на Министерството за внатрешни работи дали насилниците ги спроведуваат овие мерки.

„Мерките се ефективни, но делот каде што МВР треба да провери дали се почитуваат мерките или не, не се спроведува соодветно бидејќи Министерството не врши редовни проверки. Од Центарот за социјална работа се сигурни дека овие проверки се вршат, но не како што налага законот, континуирано. Проверките треба да бидат периодични и тековни, а не еднаш на секои 3 или 4 месеци. Овој период е многу долг и жртвата во некои случаи можеби и не е свесна дека мерките се прекршуваат“.

Главната цел на итните и привремените мерки е да се заштити жртвата на семејното насилство и родово базираното насилство од моменталното насилство што го доживува и да се спречи сторителот да продолжи да го врши истото. Затоа е од особена важност што е можно повеќе жртви да бидат заштитени преку привремени мерки кои Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство ги предвидува во член 58. Во следната табела е претставен бројот на поднесени барања и бројот на одобрени барања обезбедени од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Со цел заштита на жртвите на родово засновано насилство и семејно насилство, Законот за заштита и спречување од родово и семејно насилство предвидува два вида на мерки, итни мерки и привремени мерки. Ана Аврамоска ја објаснува разликата меѓу овие две мерки.

„Итни мерки се оние мерки што Министерството за внатрешни работи му ги предлага на судот за непосредна заштита на жртвата, односно во оние случаи кога постои непосредна закана по животот и физичкиот и психолошкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство. За изрекување на овие мерки не е потребна согласност од жртвата. Нивното времетраење може да биде од 10 - 30 дена. А за нивното одобрување судот мора да одлучи најдоцна во рок од 24 часа. Во меѓувреме, привремени мерки предлага надлежниот Центар за социјални работи, со согласност на жртвата, но предлог до граѓанскиот суд може да поднесе и самата жртва. Привремените мерки може да се издаваат за период од 3 месеци со можност за продолжување до 1 година. По прием на предлогот, судот мора да одлучи најдоцна во рок од 7 дена.

Со цел да се запре насилството, да се отстранат последиците од извршеното насилство и да се преземат ефективни мерки против сторителот на насилството, како и да се отстранат причините за повторување на насилството, овие мерки вклучуваат неколку забрани и обврски за сторителите, како што се: забрани на заканување, злоупотребување, вознемирување, повикување на телефон, контактирање или комуницирање директно или индиректно со жртвата, забрана за доближување на 100 метри до живеалиштето, работното место или одредено место што жртвата редовно го посетува, забрана за поседување огнено или друго оружје или одземање на истото, како и обврски за враќање на предметите неопходни за исполнување на секојдневните потреби на жртвата и нејзиното семејство.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго