Foto: Bjanka Stankoviq (arkivi privat, e përdorur me leje)
Foto: Bjanka Stankoviq (arkivi privat, e përdorur me leje)

Интервју | Бјанка Станковиќ: Без тематски медиуми, за родовите прашања би се известувало само за 8 март 

Тематското новинарство игра суштинска улога во проширувањето и продлабочувањето на медиумскиот простор, ставајќи во фокус теми кои честопати остануваат на периферијата на секојдневното известување. Тоа создава континуитет, експертиза и поаналитички пристап кон прашања како родовата еднаквост или социјалната правда, третирајќи ги не како изолирани настани, туку како општествени процеси кои бараат трајно внимание.

Во разговор за Mollëkuqja.mk, претседателката на Платформата за истражувачко новинарство ПИНА, Бјанка Станковиќ, го нагласува токму значењето на овој модел на новинарство и потребата од медиуми кои даваат простор за продлабочено и континуирано известување.

Потпирајќи се на своето долгогодишно искуство, таа објаснува како тематското новинарство помага во градењето на поинформирана и покритична публика, особено кога станува збор за прашања поврзани со структурните нееднаквости и човековите права.

Во овој контекст, таа се задржува и на улогата на ПИНА како еден од ретките медиумски простори во земјата кој на систематски начин го практикува тематското новинарство. Преку програмите за жени во новинарството, тие придонесуваат за професионалниот развој на новинарите и за зголемување на видливоста на темите кои честопати се маргинализирани во традиционалните медиуми.

Во нашата земја има малку тематски медиуми; еден од нив е ПИНА, која има програма за жени во новинарството. Колку е важно да постојат вакви медиуми и како нивното отсуство влијае врз медиумската сцена?

Таканаречените „тематски“ медиуми се исклучително важни затоа што отвораат простор за теми кои често остануваат на маргините или за нив се известува „кампањски“ во мејнстрим медиумите. Кога постојат редакции кои систематски се занимаваат со родова еднаквост, социјални политики или човекови права, тие создаваат знаење, експертиза и континуитет во известувањето. Во земји како нашата, каде медиумскиот простор е релативно мал и често оптоварен со дневнополитички теми, па затпа медиумите како ПИНА имаат улога да ги продлабочат дебатите и да внесат една поинаква перспектива.

Во таа насока е и значењето на Програмата за новинарки на ПИНА. Од година в година продолжува интересот за Програмата и тоа укажува на фактот дека ваков тип на поддршка им е потребна на новинарките. Преку оваа Програма досега повеќе од 30 новинарки од домашната медиумска сцена се вклучиле во различни форми на соработка, а како резултат се објавени и повеќе од 100 новинарски текстови. Програмата освен што овозможува професионален развој и финансиска поддршка за новинарките, ваквите програми придонесуваат и за поголема видливост на теми поврзани со родовата еднаквост и општествените прашања. На тој начин, постепено се гради поразновиден и поквалитетен медиумски пејзаж.

Недостатокот на таканаречените „тематски“ медиуми значи и помалку простор за аналитичко новинарство и за приказни кои ги ставаат луѓето и нивните искуства во фокус. Тогаш многу важни општествени прашања се појавуваат само повремено со „кампањско новинарство“ односно, кога има конкретен настан или статистика, наместо да се третираат длабински како континуирана тема.

Како тематското новинарство може да придонесе за создавање на попросветена јавност за родовата еднаквост?

Тематското новинарство има потенцијал да ја образува и информира јавноста на подлабоко ниво. Кога медиумите редовно известуваат за родовите прашања, како што тоа го прави ПИНА, преку истражувања, интервјуа, податоци и лични приказни, публиката почнува да ги препознава структурните проблеми зад поединечните случаи. Со тек на време се гради и медиумска писменост, но и поголема чувствителност кон дискриминацијата, стереотипите и нееднаквоста.

Според тебе, колку се подготвени новинарите да известуваат етички и сензитивно за родовите прашања и каде лежи главниот јаз?

Во Македонија постои едно мало, но силно јадро на новинар(к)и кои известуваат на етички и сензитивен начин за родовите прашања, но мојата перцепција е дека голем дел од медиумите се водат од стереотипите што не опкружуваат во секојдневието, а тоа подразбира дека медиумите ги јакнат веќе постоечките традиционални родови стереотипи.

Зошто е тоа така? Одговорот е многу јасен. Стереотипизирањето и сензационализмот носат кликови, а кликовите носат пари. Токму затоа сметам дека главниот јаз се наоѓа помеѓу добрата намера и секојдневната практика во деск-редакциите. Брзината на објавување често го жртвува етичкото известување. Најголемиот проблем не е само во новинарите, туку и во уредничките филтри. Честопати сензационалистичките наслови ги „јадат“ етичките текстови само за да се добие поголема видливост. Недостига постојана едукација и јасни редакциски политики за тоа како да се известува за одредени проблеми кои ги засегаат жените, како се интервјуираат жртви на родово базирано насилство без двојна виктимизација, како достоинствено и темелно се известува за историски женски личности, фемициди, силувања, демнења, итн.

Професионалниот новинар мора да ги разграничува сопствените мислења и ставови и фактите кои се од јавен интерес. И секако, не треба да ја заборавиме нашата улога на (watch-dog) куче чувар на демократијата, но и одговорноста и моќта да иницираме и инспирираме промени особено кога станува збор за жените. Ако имаме постојано и квалитетно известување, тогаш на публиката и даваме до знаење дека родовата еднаквост е прашање на човекови права и напредок на едно општество коешто се стреми кон демократски и европски вредности, а не само „женско прашање“.

Дали сметаш дека медиумите често ја инструментализираат темата на родовите прашања само за кампањи или симболични датуми?

Токму така. Класичен пример се датумите како 8 Март, 16 дена активизам против родово базирано насилство, празниците ккои одбележуваат важни денови поврзани со жени од историјата, итн. Тогаш најчесто и забележуваме дека се известува за родовите прашања бидејќи има повеќе соопштенија, кампањи и настани. Но по завршувањето на тие периоди, интересот на медиумите да известуваат за овие теми значително опаѓа.

Вистинската промена би значела родовата перспектива да биде интегрирана во секојдневното известување во кој било сектор: во економија, политика, образование, здравство итн. Само така, родовоите прашања ќе станат „нормален“ дел од јавната дебата.

Во нашата земја има многу новинарки, но малку жени на раководни позиции. Како го гледаш овој феномен?

Сметам дека овој „феномен“ е резултат на длабоко вкоренетиот патријархат и (не)видливите бариери. Жените често го носат најголемиот товар на работата, но кога станува збор за стратешки одлуки и финансии, моќта се концентрира кај мажите. Тоа е парадокс кој не е специфичен само за Македонија, туку се појавува и во многу други медиумски системи.

Иако во новинарството како професија доминираат новинарките, нивниот пат до раководни позиции често е потежок. И тоа поради внатрешните бариери во медиумите, општествените очекувања и неформалните мрежи на влијание кои историски биле доминирани од мажи.

Сакам да верувам дека ситуацијата постепено се менува и мило ми е што гледам дека сè повеќе жени се позиционираат како уреднички, директорки, основачки на медиуми и медиумски организации или организации коишто се занимаваат со родови прашања и политики. Важно е да се создаваат услови каде лидерството на жените ќе биде поддржано и препознаено, наместо обесхрабрувано од оние стереотипи и предрасуди кон нив.

Често пати ги слушаме тие искуства од колешките, на коишто им е „сугерирано“ или биле „советувани“ да „не си ја бараат бељата со уште повеќе обврски“ туку „да гледаат си поминат полесно како вработен наместо како работодавач“. Да градат семејство, наместо кариера. Да не прифаќаат високи работни позиции зошто „тоа не е за нив бидејќи се многу емотивни суштества и нема да го издржат притисокот на работата“. Ако жените се охрабруваат ии подржуваат во кариерниот развој, медиумите и те како може да добијат поразновидни перспективи во одлучувањето.

Друго