Во општество во кое сеопфатното сексуално образование и понатаму е проследено со дебати и дезинформации, неговото вклучување во образовниот систем останува бавен процес, оптоварен со политички притисоци и општествени табуа. И покрај тоа што се преземени конкретни чекори кон пилотирање и институционална подготовка, недостигот од одржлив и системски пристап и понатаму директно влијае врз здравјето и благосостојбата на младите. Во врска со овие предизвици и улогата на граѓанското општество, Mollëkuqja.mk разговараше со претставници на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, кои зборуваа за досегашните достигнувања, постојните пречки и итните чекори што треба да се преземат со цел сеопфатното сексуално образование да стане достапна и одржлива реалност.
Во земјата веќе се преземени одредени чекори кон воведување на сеопфатното сексуално образование. Што е постигнато досега во пракса и кои процеси се запрени или се соочиле со пречки?
Во изминатите години навистина се направија значајни чекори за постепено воведување на сеопфатното сексуално образование (ССО), и од институционална гледна точка процесот не беше запрен ниту попречен. Најнапред, Владата ја донесе Одлуката за пилотирање на предметот, по што следеше и обука на наставници и стручни служби за да се подготват за реална имплементација. За првпат се помина од концептуално прифаќање кон практична примена во училниците.
По успешното пилотирање и добиените позитивни резултати од евалуацијата, се продолжи со развивање на наставната програма, со дополнителни обуки за наставниот кадар и стручните служби, како и со подготовка на соодветни наставни материјали. Бидејќи градењето институционални капацитети е долгорочен процес, обуките се одвиваат континуирано, а дел од веќе обучените наставници веќе ја реализираат програмата како воннаставна активност во 9-то одделение. Се очекува од следната учебна година ССО да може да се понуди и како изборен предмет во училиштата каде што има обучени наставници.
Она што го забави процесот е влијанието на антидемократските движења, кои преку дезинформации и невистини создадоа страв, недоверба и дилеми околу содржината и намената на ССО – иако доказите покажуваат дека програмата носи значајни придобивки за менталното, емоционалното и физичкото здравје на младите.
Кои се главните политички, институционални или општествени бариери што го попречија вклучувањето на сексуалното образование во наставните програми?
Сеопфатното сексуално образование (ССО) со години е заложник на политички калкулации и идеолошки судири. Наместо да се третира како јавноздравствен и образовен приоритет, темата често се користи за политичка промоција или дискредитација на одредени функционери. Во предизборни периоди, политичките актери најчесто се дистанцираат од ССО поради страв од негативна реакција кај дел од јавноста – реакција која, во голема мера, е резултат на долго пласирани дезинформации. Политичката волја, која мора да биде стабилна и долгорочна, не смее да се разнишува од краткорочни интереси, особено кога станува збор за најдобриот интерес на децата и младите.
Институционално, веќе постои силна основа: успешно пилотирана наставна програма за основно образование, обучен стручен кадар, развиени и стандардизирани наставни материјали и постоечки механизми за поддршка на училиштата кои се соочуваат со отпор или дезинформации. Но сè уште недостасуваат некои системски решенија – континуирана обука на наставниците на сите степени на образованието, јасни процедури за надзор и мониторинг, како и редовна, транспарентна комуникација со јавноста за придобивките од програмата. Недостасуваат и буџетски средства што е всушност клучен знак дали политичката поддршка е декларативна или суштинска.
Општествено, главен предизвик е непознавањето на тоа што навистина претставува ССО. Дел од родителите и јавноста го доживуваат како „прерано“ или „опасно“, најчесто поради митови, стереотипи и дезинформации. Темите поврзани со сексуалноста кај младите и понатаму се табу во нашето општество, што создава отпор дури и кога содржините се научно засновани, возрасно прилагодени и фокусирани на здравје, безбедност и превенција – а секако не на поттикнување сексуално однесување.
Како ја оценувате улогата на граѓанското општество, особено ХЕРА, која со години бара воведување на сеопфатно сексуално образование? Колку гласот на граѓанскиот сектор се слуша од институциите?
Граѓанското општество, а особено ХЕРА, има значајна и конструктивна улога во развојот на сеопфатното сексуално образование, бидејќи со години обезбедува едукации за млади, подготвува научно засновани материјали, обучува наставници и стручни служби и спроведува истражувања што им помагаат на институциите да носат информирани одлуки. Организациите придонесуваат и со конкретни модели и практични решенија што можат веднаш да се применат во училиштата. Соработката помеѓу институциите и граѓанскиот сектор постои, иако секогаш има простор да се продлабочи, особено во моментите кога се носат стратешки одлуки. Она што е важно е дека токму континуираната работа на граѓанските организации овозможи темата за сексуално образование да остане присутна во јавниот дискурс и да продолжи да се развива во правец на одржливо системско решение.
Зошто е важно сексуалното образование да не остане само преку проекти на невладини организации и неформални иницијативи, туку да стане составен дел од образовниот систем? Со кои ризици се соочуваат младите денес поради овој недостаток?
Алармантните податоци од истражувањата укажуваат на потребата од итно системско решение и интегрирање на овие содржини во формалниот образовен систем. Деновиве беа промовирани, повторно, многу загрижувачки податоци добиени од ХБСЦ Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата од училишна возраст (11, 13 и 15 г.). Девојчињата на 15-годишна возраст повторно, во многу голем процент, се соочуваат со психосоматски тегоби, високи 67% од вљубените девојчиња на оваа возраст и со депресивно расположение 57% од вљубените девојчиња. 94% од сексуално активните 15-годишни девојчиња се соочуваат со психосоматски тегоби. Од претходните истражувања увидовме дека стапката на просечно стапување во прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата.
За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст. Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години. Стапката на раѓања кај девојки од 15-19 години изнесува 11.7 на 1000 раѓања од девојки на таа возраст. Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
Сексуалното образование ја губи својата суштина ако остане во рамки на проектни активности, бидејќи тие се ограничени по времетраење, опфат и ресурси. Формалниот образовен систем, напротив, обезбедува еднаква достапност за сите ученици и гарантира дека секој млад човек, без оглед на социјалната средина или местото на живеење, ќе има пристап до точни, проверени и возрасно соодветни информации. Само системски пристап може долгорочно да обезбеди конзистентност, квалитет и јасни стандарди.
Во отсуство на вакво образование, младите се изложени на бројни ризици, од дезинформации што ги добиваат од интернет и порнографија, до непознавање како да препознаат или пријават насилство. Ова често води до појава на врсничко насилство, непланирани бремености, сексуално преносливи инфекции и различни ментални предизвици поврзани со телесен срам или ниска самодоверба. Посебно ранливи се маргинализираните групи млади, кои без соодветна поддршка растат во средина што не ги препознава нивните потреби. Затоа, ССО не треба да се гледа како дополнителна активност, туку како важен механизам за заштита и развој, кој им помага на младите да градат здрави односи, да донесуваат информирани одлуки и да се чувствуваат безбедно и поддржано.
Често сексуалното образование погрешно се прикажува како „контроверзна“ тема. Колку сметате дека оваа нарација е последица на недостаток на информации, а колку на политички манипулации? Кој сноси одговорност за создавање на оваа клима на недоверба?
Сексуалното образование често погрешно се прикажува како „контроверзна“ тема, и тоа најчесто поради недоволно познавање на неговата суштина и цел. Многу граѓани се соочуваат со дезинформации, пласирани претежно преку социјалните мрежи, кои создаваат страв и заблуди за темите што ги опфаќа програмата. Во реалноста, ССО е засновано на научни стандарди и се фокусира на здравје, безбедност, емоционален развој и превенција од насилно или опасно однесување – а не на промовирање вредности што се надвор од образовниот и здравствениот контекст.
Истовремено, дел од погрешните наративи се резултат и на организирани кампањи од различни анти-родови актери, меѓу кои највокални се групите „Коалиција за заштита на децата“, „Родителски фронт“, „Од Нас за Нас“, „Превземи Одговорност“ и „Учебници и настава мора да има“. Нивните пораки добиваат поддршка и на политички настани, а со протестот против Законот за родова еднаквост се приклучија и верски лидери, јавни личности, интелектуалци и академици. Овој сплет на фактори придонесува да се создаде клима на недоверба околу ССО, иако неговата цел е токму спротивната, да обезбеди здрав, информиран и безбеден развој на младите.
Имајќи ја предвид актуелната ситуација, кои се итните чекори што Владата, Министерството за образование и училиштата треба веднаш да ги преземат за сексуалното образование да стане одржлива и достапна реалност за младите во земјата?
Со оглед на актуелната состојба, првиот неопходен чекор е институциите јавно и недвосмислено да ја потврдат важноста на сексуално образование како дел од грижата за здравјето, безбедноста и благосостојбата на младите. Потребно е да се ревидираат сите политики и практики кои создаваат забуни или ги ограничуваат содржините поврзани со здравствено образование, родова еднаквост и превенција од насилство. Воедно, важно е да се продолжи со конзистентен развој на наставните програми, да се обезбедат акредитирани материјали и да се зајакнат обуките за наставниците и стручните служби, бидејќи нивната подготвеност е суштинска за квалитетна имплементација.
Паралелно со тоа, потребни се и активности насочени кон јавноста — транспарентна комуникација за тоа што претставува сексуалното образование, редовно информирање за придобивките и отворени канали за дијалог со родителите и заедницата. Училиштата треба да добијат јасни насоки и поддршка како да го имплементираат предметот, особено во ситуации кога се соочуваат со неизвесност или дезинформации. Доколку овие чекори се преземат координирано и доследно, сексуалното образование може да стане одржлива и достапна реалност за сите млади, како дел од квалитетен и современ образовен систем.
Во училиштата во Северна Македонија сè ушte нема посебен предмет за сексуално образование. Иако се преземени обиди тоа да се воведе како изборен предмет и беа спроведени пилот-програми во неколку училишта, сеопфатното сексуално образование сè уште не е дел од наставните програми.





