Сами Фрашери: „Цивилизираните нации ја издигнуваат жената, затоа се издигнуваат и самите “

На крајот на XIX век, кога албанското општество сè уште имаше цврсти патријархални структури, Сами Фрашери се издигна како еден од најпрогресивните гласови на тоа време. Неговото дело „Жените“ (1887) останува еден од најраните и најмоќните текстови на албанската феминистичка мисла. Со ретка јасност за тоа време, Сами сфатил дека еманципацијата на една нација започнува со еманципацијата на жената и дека секое доцнење во таа насока е доцнење во националниот развој. Поради тоа неговата идеја не беше само одбраната на правата на жените, туку една целосна визија за општествена модернизација, преку примери аргументирајќи дека жените се поспособни од мажите во многу професии, дека се поостроумни. Тој не беше од оние мажи кои едно зборуваат, а друго прават, такви мажи со двојни стандарди има многу меѓу нас. Неговата сопруга, за времето во кое живееше, беше слободна и силна; преземаше обврски кои тогаш се сметале за машки и сама управуваше со кочија. Сопругата на Сами, Емине, беше родена како слободна жена, а на Сами му се допада нејзиниот слободен дух и таа останала таква со своите преференции во спортот и планинарењето, што дури и ден денес се табу за некои жени. (По се изгледа, Галатасарај што го основа синот на Сами и Емине, на крај на краиштата ѝ се припишува на една жена како муза, како и многу други работи). Емине остави трага во историјата и со една ретка фотографија за тоа време, бидејќи тогаш жените не се фотографирале, такво нешто било забрането.

Што се однесува до делото „Жените“, Сами го напишал пред да ја запознае својата сопруга. Во центарот на неговата филозофија e убедувањето дека „развојот на една нација најмногу зависи од состојбата на жените“; таму каде што жената е потчинета и неука, таму и општеството останува слабо и заостанато. Оваа суштинска идеја ја става жената во срцето на прогресот, давајќи ѝ не само семејна, туку и историска и општествена улога.„За Сами, националниот напредок е невозможен без образована, силна и слободна жена. Затоа, образованието на девојчињата е најсилниот столб на неговата филозофија. Знаењето на жената тој го опишува како „сонце на куќата“, гледајќи на тоа како на една сила која ја осветлува не само фамилијата, туку и целото општество.

Како мајка и воспитувач на новите генерации жената не смее да остане во мрак: за да одгледа образовани генерации таа самата мора да биде образована, велеше тој. Неговиот аргумент е дециден: развиените нации не постигнуваат напредок оставајќи ги девојчињата необразовани; нивното образование е темелот на иднината.

Друг важен столб на неговата мисла е критиката за изолацијата на жената. Нејзиното затворање дома тој го нарекува „ропство, а не морал“, предизвикувајќи една од највкоренетите практики на тоа време. Според него жената мора да учествува во општествениот, културниот, па дури и во професионалниот живот. Само така таа станува целосна личност и придонесува во општеството. Еднаквоста, според него, не е модерен луксуз, туку природен поредок: „Бог ги создал мажите и жените еднакви во умот и во душата.“ Неправдите што им се прават на жените не извираат од природата, туку од лошите обичаи, кои тој отворено ги оспорува.

Во овој дух Сами силно го брани и правото на жената на слободен брак. Присилниот брак за него бил тешко прекршување на достоинството и човечката слобода. Тој јасно вели: жената не е предмет што се дава и зема. Слободниот избор е темелот врз кој се гради едно здраво семејство.

Неговото дело директно удира врз патријархалните обичаи кои ја лишуваа жената од наследство, работа, слобода и образование. Тој ги нарекува истите како лоши обичаи, нагласувајќи дека тие немаат врска ниту со моралот, ниту со религијата, туку се продукти на едно заостанато општество. Наспроти нив тој издигнува нов идеал: жената како граѓанка со целосни права и како еднаков дел на нацијата. Визијата на Сами Фрашери беше една модерна, европска и трансформативна визија. Тој им се восхитуваше на општествата што ја издигнуваа жената и забележа дека нивниот прогрес не може да се оствари без тоа издигнување. „Цивилизираните нации ја издигнуваат жената, затоа и самите се издигнуваат“ , повик за дистанцирање од неукоста, и да се оди кон една иднина во која што мажот и жената одат заедо рака под рака.

Денес, повеќе од еден век по пишувањето на „Жените“, голем дел од размислувањата на Сами Фрашери сè уште звучат свежи и неопходни. Тие не се само сведоштво за еден извонреден мислител, туку и покана за размислување за патот што сме го изоделе и за патот што е пред нас. Неговиот феминизам не беше борба против мажите, туку борба против неправдата. Тој велеше дека жената не се раѓа нееднаква по природа, туку дека неправдите ѝ ги нанесуваат мажите. Беше тоа повик за еднаквост, знаење и достоинство за ендо општество кое се издигнува издигнувајќи ја жената. Текстот нагласува дека жената е реалниот центар на семејството и дека семејството не го одржуваат само структурата или правилата, туку грижата, љубовта и емоционалните врски кои таа ги создава. Мажот е претставен како фигура која заминува на работа и се враќа, но жената постојано го носи товарот на семејниот живот — организирајќи, хранејќи и одржувајќи ги односите во семејството. Според Сами, мажот никогаш не созрева целосно, а и кога ќе порасне станува само еден „надворешен екстремитет“ на семејството. Сами Фрашери останува еден од најсветлите умови: хуманист, преродбеник и феминист кој беше пред своето време, кој свати дека воздигнувањето на жената е и воздигнување на нацијата.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго