Elena Dimushevska (foto nga uebi i Rrjetit Nacional Kundër Dhunës), fotoja e edituar nga Mollëkuqja
Elena Dimushevska (foto nga uebi i Rrjetit Nacional Kundër Dhunës), fotoja e edituar nga Mollëkuqja

ИНТЕРВЈУ | Елена Димушевска: Жртвите на семејно насилство во Македонија немаат реална заштита

Родовото базирано насилство останува еден од најсериозните општествени проблеми во Северна Македонија. И покрај постојната законска рамка, нејзината примена во практика сè уште сериозно заостанува. Во разговор за Mollëkuqja, Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, зборува за институционалните пропусти, улогата на организациите на граѓанското општество и реалните предизвици со кои се соочуваат жртвите.

Од вашето теренско искуство, кои се најчестите пропусти на институциите во справувањето со родово базираното насилство и како тие се одразуваат врз жртвите? 

Најчестите пропусти се некоординираното постапување меѓу институциите, формалистичкиот пристап кон правењето на проценка на ризик и недоволната примена на постојните законски механизми. Често институциите реагираат откако насилството веќе ескалирало, наместо превентивно, а проценките на ризик се сведуваат на административна обврска, без реално следење и заштита.

Ова директно се одразува врз жртвите преку чувство на небезбедност, недоверба во институциите кои постапуваат односно во системот и повторна виктимизација на жртвите. Наместо систем што нуди заштита и поддршка, жртвите често се соочуваат со одолговлекување, префрлање од институција на институција и недостиг од јасни информации за нивните права.

Колку реално се слуша гласот на активистите и граѓанските организации во процесите на донесување одлуки, или застапувањето останува повеќе симболично отколку со конкретно влијание? 

Гласот на граѓанските организации формално е присутен, но неговото реално влијание често е ограничено. Консултациите најчесто се одвиваат во доцна фаза, кога клучните одлуки веќе се донесени, а препораките ретко се интегрираат суштински во политики и практики.

Иако има позитивни примери на соработка, застапувањето сè уште во голема мера останува симболично и зависи од политичката волја. Искусните организации кои работат со жртви на родово засновано и семејно насилство секојдневно располагаат со значајна практична експертиза, но таа не секогаш се вклучува систематски во процесите на креирање политики. Наместо континуирано и структурирано учество, нивниот придонес често се користи повремено, зависно од конкретниот процес или институционалната подготвеност за соработка.

Институциите често се повикуваат на недостаток на капацитети. Дали тоа е изговор или недостаток на политичка волја за сериозно справување со родово базираното насилство? 

Недостатокот на капацитети е делумно реален проблем, но во голема мера станува збор за недостаток на политичка волја и приоритизација. Законската рамка постои, меѓународните обврски се јасни, но нивната имплементација не е системски поддржана со ресурси, континуирани обуки и јасна одговорност.

Кога нешто е вистински приоритет, капацитети се создаваат. Во случајот со родово базираното насилство, често гледаме декларативна посветеност, но без соодветно буџетирање, мониторинг и санкционирање на институционалните пропусти.

Кои обврски денес ги преземаат граѓанските организации, а всушност би требало да бидат одговорност на државата, и колку оваа состојба е одржлива? 

Граѓанските организации денес обезбедуваат широк спектар на услуги за жртви на родово базирано насилство, вклучително психосоцијална помош и поддршка, психотерапевтска поддршка, правна помош и адвокатско застапување, како и кариерно советување и поддршка за економско зајакнување. Покрај директната работа со жртвите, тие имаат значајна улога и во мониторингот на институционалното постапување и укажувањето на системски пропусти во заштитата.

Иако овој придонес е од суштинско значење, ваквата поставеност тешко може да се одржи на долг рок. Таа укажува на потребата државата постепено да воспостави постабилен и поодржлив систем на заштита, во кој сите овие услуги ќе бидат институционално обезбедени, континуирани и еднакво достапни на национално ниво, а граѓанските организации ќе имаат јасно препознаена и комплементарна улога во системот.

Во оваа „борба“ против родово базираното насилство, дали граѓанските организации се препознаваат како рамноправни партнери од страна на институциите или сè уште како критички глас што често се игнорира? 

Граѓанските организации и понатаму почесто се препознаваат како критички глас, отколку како рамноправни партнери во креирањето и спроведувањето на политиките. Иако нивната експертиза и теренско искуство се користат во одредени процеси и консултации, тие не секогаш се вклучени на систематски и континуиран начин. Во таков контекст, критичките забелешки понекогаш се доживуваат како спротивставување, наместо како конструктивен придонес насочен кон унапредување на системот.

Вистинско партнерство ќе се изгради тогаш кога институциите ќе ја препознаат улогата на граѓанските организации како сојузници во заштитата на жртвите и ќе ја прифатат критиката како важен извор на информации и препораки. Активното и рамноправно вклучување на граѓанскиот сектор, особено на организациите со долгогодишно практично искуство, е клучно за создавање поефикасни, координирани и одржливи политики во борбата против родово базираното насилство.

И покрај законските унапредувања и постојните механизми, справувањето со родово базираното насилство во Северна Македонија и понатаму се соочува со сериозни предизвици. Недостигот од институционална координација, задоцнетите реакции и недоволните капацитети продолжуваат директно да се одразуваат врз жртвите, додека улогата на граѓанското општество честопати останува ограничена.

Друго