Во текот на 2025 година, во Македонија се регистрирани 38 нови случаи на ХИВ/СИДА, односно 2,1 случај на 100 илјади жители. И покрај неповолната состојба, доколку се споредиме со земјите од Европската Унија, каде што појавата на нови случаи во 2024 година изнесувала 5,3 случаи на 100 илјади жители, состојбата во земјата останува поповолна. Дополнително, евидентирано е намалување на бројот на нови случаи во споредба со 2024 година.
ХИВ вирусот и понатаму претставува еден од главните глобални јавно-здравствени проблеми. По децении напредок, одговорот кон ХИВ се наоѓа на крстопат. Спасувачките здравствени услуги се прекинуваат, а многу заедници се соочуваат со зголемени ризици и ранливости. Сепак, и покрај предизвиците, Светската здравствена организација има цел целосно да се стави крај на ХИВ до 2030 година. По повод одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА-та во Северна Македонија, под мотото „Надминување на прекините, трансформација на одговорот кон СИДА-та“, беше упатен повик за континуирано политичко лидерство, меѓународна соработка и пристапи засновани на човековите права со цел ставање крај на вирусот до 2030 година.
Податоците покажуваат и намалување од 25,5% на бројот на нови случаи во споредба со истиот период во 2024 година, кога биле регистрирани 51 нов случај.
„Најголемиот дел од регистрираните случаи во 2025 година, вкупно 15, се од Скопје, со стапка од 2,5 на 100.000 жители. Останатите случаи се пријавени како спорадични во 14 различни градови во земјата, додека еден случај се однесува на странски државјанин. Во текот на оваа година се регистрирани и осум смртни случаи поврзани со ХИВ, при што дел од нив се однесуваат на случаи дијагностицирани во претходните години. Од 38-те новорегистрирани случаи, 37 се мажи и само една жена, што го потврдува континуираниот тренд на доминација на машката популација кај новите случаи на ХИВ. Просечната возраст на засегнатите е 35 години, со распон од 23 до 64 години, додека 73,7% од случаите припаѓаат на возрасната група од 20 до 39 години, која ја опфаќа најсексуално активната популација“, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Иако Македонија се смета за земја со ниска распространетост на ХИВ, кумулативните податоци укажуваат на растечки тренд во последните години. Од 1987 година до крајот на ноември 2025 година, во земјата се регистрирани вкупно 726 случаи на ХИВ/СИДА, при што 32% од нив се дијагностицирани само во последните пет години.
Во периодот 1987–2025 година, вкупно 138 лица дијагностицирани со ХИВ во Македонија починале од причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 18,2%.
Експертите нагласуваат дека, и покрај ниското ниво на распространетост, зајакнувањето на тестирањето, раната дијагностика и континуираниот пристап до терапија остануваат клучни за спречување на ширењето на ХИВ и за унапредување на јавното здравје во земјата.
Се проценува дека во Северна Македонија околу 620 лица живеат со ХИВ, не сите се дијагностицирани
Според податоците на здруженијата што работат на оваа проблематика, на национално ниво се проценува дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4% од нив се дијагностицирани, што значи дека три од десет лица не знаат дека имаат ХИВ. Овој факт го одржува активен преносот и го отежнува контролирањето на епидемијата.
„Нашата земја мора да го забрза одговорот кон ХИВ: речиси една третина од лицата што живеат со вирусот сè уште не се дијагностицирани. Организациите на граѓанското општество откриваат нови случаи 12 пати поефикасно од здравствениот систем, што е јасен доказ дека стратешките инвестиции во превенција носат најсилни и најбрзи резултати. Ниеден граѓанин не смее да остане невидлив или без пристап до здравствена заштита“, изјави Olivera Stojkovskaпрограмска директорка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Експертите исто така истакнуваат дека Северна Македонија има реална можност целосно да ја елиминира епидемијата на ХИВ во наредните години, доколку тестирањето навреме стане широко достапно, превенцијата систематски се зајакне и институциите продолжат со заедничка соработка со граѓанскиот сектор.
„Континуираната достапност на терапијата е најважна за лицата што живеат со ХИВ; таа овозможува здрав и нормален живот и спречува понатамошно пренесување на вирусот. Оваа година, за првпат, беа обезбедени лекови за 24 месеци, што значително ги намалува ризиците од прекин на терапијата. Но, за реално да се запре растот на епидемијата, мора да инвестираме во тестирање и рана дијагностика, за секое новодијагностицирано лице веднаш да добие современа терапија“, изјави Andrej Senihизвршен директор на здружението за поддршка на лица што живеат со ХИВ „Заедно посилни“.
Во меѓувреме, Националната координаторка за ХИВ, Milena Stevanoviqпосочува дека навременото тестирање е најважната алатка за остварување на целта – елиминација на ХИВ до 2030 година, нагласувајќи дека раното откривање значи итен пристап до терапија и прекин на понатамошното ширење на вирусот.
Во однос на глобалната состојба, преносот на вирусот е присутен во сите земји. Се проценува дека на крајот на 2024 година 40,8 милиони луѓе живееле со ХИВ, од кои 65% во Африканскиот регион на СЗО.
Во 2024 година, околу 630.000 лица починале од причини поврзани со ХИВ, а се проценува дека 1,3 милиони лица биле новоинфицирани со вирусот.





