Пишуваат: Фатос Груби и Марта Стевковска
Изминативе месеци сме сведоци на зголемен број случаи на малолетничко насилство особено дигиталното родово базирано насилство и сексторцијата каде се почесто се случува малолетници да бидат уценувани за сексуални односи или пари, со закана дека ќе биде споделен експлицитен материјал за нив. Сексуалното насилство кое го доживуваат малолетниците според експертите што ги консултиравме на оваа тема е аларм за системските пропусти, непрепознавањето на насилството, недостигот од превенција, нерегулираниот дигитален простор и изложеноста на мизогини содржини и дезинформации, но и слабата едукација, односно отсуството од ССО во училиштата.
Случаите во Битола, Велес, Тетово, Гостивар и други градови низ земјава бараат координиран одговор од повеќе институциите, како и психолошка интервенција и социјална одговорност.
Случај Велес
Малолетници од Велес кои не наполниле 15 години снимиле сексуално експлицитно видео на нивните мобилни телефони со дете кое исто така нема 15 години. Тие со видеото го уценувале детето и сo oва сториле кривични дела уцена и полов напад врз дете кое не наполнило 15 години. Видеото кружи меѓу ученици од основните училишта. Снимено е на летниковец на улица „Браќа Капчеви“. Сите деца се од различни основни училишта од градот. Едно дете се појавува во изминатите неколку месеци како сторител на кривичните дела насилство и тепачка во неколку наврати.
Случај Битола
Двајца малолетници од Битола во неколку наврати со закана принудувале две малолетни девојчиња на секс, заканувајќи им се дека поседуваат видеоматеријал од нив, соопштија од СВР Битола. Случајот во полиција го пријавила 37-годишна битолчанка, мајка на едно од девојчињата.
Случај Гостивар
Основното јавно обвинителство Гостивар до судијата за деца во гостиварскиот Суд поднесе барање за поведување подготвителна постапка и предлог за определување мерка притвор за 15-годишно дете во судир со законот за кое постои сомнение дека сторило продолжено кривично дело – Силување дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик. Осомничениот, во неколку наврати, искористувајќи отсуство на родителите, намамувал петгодишно девојче во куќа и го силувал. Судијата за деца го прифати предлогот и определи притвор за детето во судир со законот.
Случај Тетово
Полициски службеници од СВР Тетово и ПО Камењане во с.Горно Седларце и во Тетово уапсиле 18 годишник и малолетник, двајцата од Тетово, постапувајќи по пријава од 37-годишна жена од Тетово дека во неколку наврати ги силувале нејзините две малолетни ќерки, а притоа и снимале со мобилен телефон и едната малолетничка ја принудувале на сексуален однос со други лица.
Бројките растат од година во година
Покрај овие овие вознемирувачки случаи, за зголемувањето на бројот на насилствата меѓу малолетници говорат и податоците од Јавното обвинителство каде според Извештајот за работата на јавните обвинителства на ниво на државата во 2024 година, до ОЈО биле поднесени кривични пријави против 1.260 деца,што во вкупен обем на работа по кривични пријави против познати сторители на кривични дела претставува учество со 5,9%. Според истиот извештај се бележи и раст на лицата кои извршиле полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од 35 лица во 2023 година до 39 лица во 2024 година.
Според збирната анализа на МВР за вкупен криминалитет бројот на случаи за силување на дете кое не наполнило 15 години од 2022 година до 2024 година е зголемен за отприлика 32 проценти, односно од 25 на 33 случаи.
За зголемувањето говорат и податоците според Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2023 година,последниот достапен извештај. 940 деца во 2023 година извршиле прекршок, а најголем број прекршоци се извршени во Тетово (302), а најмалку во Струмица (30). Поголем дел од извршителите – 909 деца или 97% се машки деца, додека 31 детe или 3% се од женски пол. Исто така за првпат се забележува зголемување на бројот на женски деца во ризик, чијшто број во 2023 е зголемен за 52% во однос на 2022 година.
Мажосферата онлајн претставува опасност за младите момчиња
Сè повеќе млади момчиња стануваат мета на токсични онлајн содржини кои промовираат мизогинија и насилство. Во отсуство на систематска едукација и поддршка, тие простори – познати како „мажосфера“ – стануваат опасна замка во која младите лесно усвојуваат погрешни и штетни модели на машкост. Случаите на малолетничко сексуално насилство во кои повеќето сторители се млади момчиња се директна последица од овие токсични содржини.
Зашто се случуваат сè повеќе случаи на малолетничко сексуално насилство, според Љупка Трајановска, истражувачка за родови прашања, првичната причина е недостаток на превенција.
„Во училиштата сè уште немаме соодветна програма со која децата ќе научат да препознаат различни форми на родово базирано насилство во реалниот свет, но и во онлајн просторот, вклучувајќи и сексуално насилство. Непостоењето капацитети, волја и/или мотивација кај наставниците да разговараат со децата на овие теми, како и неспособноста на родителите да се справат со овие феномени сами доведува до се повеќе случаи на насилтво помеѓу и врз младите. Дополнително, во дигиталниот свет, апликациите за комуникација создаваат можност сторителите анонимно и брзо да воспостават контакт со малолетници, да градат доверба и потоа да вршат притисок, уцени или изнуди. Многу млади немаат целосна свест за тоа колку трајно и неконтролирано се шири содржина еднаш споделена онлајн. Недостигот на систематска сеопфатна сексуална едукација и разговори за дигитална приватност, како и несоодветното санкционирање оставаат простор за создавање на насилници и сексуални предатори“, објаснува Трајановска.
Според неа мизогинијата и мажосферата онлајн исто така придонесуваат младите момчиња да добијат погрешни и опасни информации, особено во формативните години на нивниот идентитет и вредности.
„Онлајн простори, особено оние кои се кријат позади завесата на патриотизмот и патријархалните вредности каде што жените се прикажуваат како непријатели, манипулатори или како „недолжни“ за почит, ја поткопуваат емпатијата и го поттикнуваат гледањето на жените како објекти, а не како рамноправни партнери. Некои екстремни сегменти од мажосферата го романтизираат или оправдуваат сексуалното и физичкото насилство како начин за „враќање на моќта“ или „дисциплинирање“ на жените, што може да влијае врз подготвеноста на младите да прифатат насилно однесување како легитимно. Во образованието и јавната дебата често недостигаат позитивни, здрави модели на машкост, па така без критичко размислување и медиумска писменост, младите се поподложни да прифатат токсични онлајн пораки како „вистина“, вели Трајановска.
Според Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА и психолог, Онлајн просторот денес е полн со содржини кои промовираат токсични модели на машкост, мизогинија и агресија кон жените.
„Инцел културата и „токсичноста машкост“ често поттикнуваат чувство на фрустрација, омраза и изолација кај младите момчиња, особено кај оние кои веќе се соочуваат со ниска самодоверба или социјални потешкотии. Овие заедници создаваат погрешна слика за врските и жените, ја нормализираат агресијата и ги одвлекуваат момчињата од конструктивни начини за справување со личните предизвици. Последиците врз менталното здравје можат да бидат сериозни – од депресија и анксиозност до развивање насилни ставови. Може да се посегне и по алкохолол и/или дрога, со цел да се преброди кризата, непријатната ситуација или да се реши проблемот кој го имаат“, вели Матевска.
Таа додава дека причините се комбинација од незрелост, недоволно разбирање на последиците и силно влијание од врсничката група.
„Дел од младите ја гледаат ваквата „шега“или „предизвик“ како начин за стекнување статус, некогаш одмазда поради не возвратена љубов. За жал, секогаш е без да сфатат дека станува збор за кривично дело со долгорочни последици и за жртвата и за нив. Недостигот на формално сексуално образование ја зголемува оваа опасност, бидејќи младите немаат алатки за препознавање на границите, согласноста и дигиталната безбедност“, објаснува Матевска.
ХЕРА го отвори и првиот Центар за поддршка и советување на мажи чија основната цел е да се поддржат мажите во нивниот личен развој и со тоа прераснат во одговорни луѓе кои преземаат одговорност за себе и за своето однесување. Услугите се бесплатни, доверливи и можат да ги користат сите момчиња и мажи кои се соочуват со определен предизвик во својот живот.
Според Матевска, ова е важен чекор, бидејќи традиционално момчињата и мажите се соочуваат со силен општествен притисок да бидат „силни“ и да не покажуваат ранливост.
„’Не плачи, машко си’, е честа порака која се праќа. Овој стереотип создава бариери за барање помош. Нашето искуство покажува дека младите момчиња кои стигнуваат до Центарот обично доаѓаат поради конкретна криза – проблеми во врските, семејни конфликти, проблеми во училиште, анксиозност или последици од врснички притисок. Одзивот расте, особено кога добиваат информација дека услугата е доверлива, бесплатна и без осуда. Советувањето може да биде со физичко присуство или онлајн“, додава Матевска.
Психолошката димензија: препознавање, превенција и заздравување од траума
Додека е важно да ги знаеме структурните и културните причини зад порастот на сексуалното насилство кај младите, психолошката перспектива ја открива важноста на раната интервенција и професионалната поддршка. Психологот Сумеа Рамадани нагласува дека препознавањето на знаците на сексуална злоупотреба кај децата е клучно и за превенција и за заздравување. Овие знаци често се суптилни, но кога се занемаруваат, можат да прераснат во долготрајна траума со длабоки последици.
Нашата култура, како и многу други, негува норми кои ја идеализираат тишината, трпението и жртвата, минимизирајќи ги реалните искуства на насилство” вели Рамадани. “Овој систем произведува симптоми кои понекогаш не се поврзуваат веднаш со насилството, но се класични знаци на траума: најчести универзални симптоми на сексуално насилство се: нарушувања на спиењето (кошмари, несоница, одбивност кон допир); проблеми во емоционалните врски: недоверба, страв од интимност; нарушувања во исхраната (анорексија, булимија); самоповредување (сечење, обиди за самоубиство); вина, срам, депресија скриена зад агресивно однесување или повлекување; развивање двојни идентитети како механизам за бегство од траумата (како што го опишува Алиса Милер во „Драмата на талентираното дете“)“.
Училиштата, како примарни средини каде што децата го поминуваат поголемиот дел од времето, играат критична улога. Наставниците и стручните служби во училиштата често се првите возрасни надвор од семејството што забележуваат промени во однесувањето, но многумина немаат обука или ресурси за да препознаат дека таквите промени може да укажуваат на злоупотреба. Рамадани ја истакнува важноста да се опремат овие професионалци со знаење и алатки за да реагираат навреме.
„Психолозите и едукаторите не можат да дејствуваат само како информирачи, туку како посредници на промената на семејниот менталитет, носејќи ја темата за согласност и лични граници од „табу тема“ во образовна и спасоносна тема за иднината на децата. Психолозите и едукаторите имаат витална улога во посредувањето помеѓу професионалното знаење и културната реалност на албанските семејства, каде што многу чувствителни теми, како телото, сексуалноста или личните граници, често се затворени во молк, срам или забрана. За да се поттикнат отворени и едукативни разговори за согласноста и превенцијата на сексуалното насилство, суштински е нивниот пристап да не биде само информативен или дидактичен, туку длабоко хуман, емпатичен и чувствителен на традицијата и менталитетот на заедницата во која работат.“
Во исто време, семејствата мора да бидат дел од решението. Поимите како граници — што се тие, како се почитуваат и како да им се објаснат на децата за да можат да ги заштитат — сè уште се слабо разбрани или дури и табу во многу домаќинства. Без оваа свесност, децата остануваат ранливи, а штетните однесувања се нормализираат или игнорираат.
Конечно, стигмата околу посетите на психолози или советници и понатаму спречува многу жртви и нивните семејства да побараат помош. Рамадани потенцира дека професионалната психолошка поддршка не е наменета само за моменти на криза, туку претставува и клучен чекор кон заздравување, издржливост и прекинување на циклусите на злоупотреба.
Реченицата „оди кај психолог“ сè уште носи товар на стигма која се преведува како „ти си луд/а“. Поради оваа причина, многу жртви на сексуално насилство молчат — не само поради траумата, туку и од стравот дека ќе бидат обвинети, потценети или игнорирани. Токму тука лежи еден од најсуштинските и најневидливите проблеми во нашите заедници: недостатокот на емоционална и сексуална писменост во семејствата. Многу родители, па дури и воспитувачи или членови на заедницата, не знаат точно што претставува сексуално насилство. Тие го перцепираат насилството само во неговите најтешки форми, како физичко силување, игнорирајќи ги почестите и подеднакво трауматични форми: несоодветни допири, коментари за телото, заканувачки погледи, вербално вознемирување, па дури и нарушувања на телесната приватност на детето во име на воспитување или дисциплина. Овој недостиг од знаење често прави родителите, несвесно, да минимизираат, оправдуваат или нормализираат однесувања кои се реално злоупотребувачки. Конкретен пример е кога роднина вербално вознемирува мало девојче за нејзиното тело во развој, а семејството тоа го минува со насмевка, велејќи „не е ништо, само се шегува“. Или кога едно девојче не се чувствува удобно со прегратките на возрасен, но е принудено да се однесува „културно“ и да го прифати физичкиот контакт за да не го „срами семејството“. Во ваква реалност, каде самиот концепт на лични граници не постои во раното семејно воспитување, детето расте без чувствителност за своето тело и правото да каже „не“. И кога тоа ќе се случи, дури и ако доживее јасна злоупотреба, тој или таа ги нема зборови да го опише искуството, не разбира што се случило и, најважно, не ја чувствува слободата да го раскаже.
Собирајќи ги овие нишки, влијанието на маносферата, отсуството на сеопфатно сексуално образование и недостигот на психолошки поддржувачки структури, се открива вознемирувачки екосистем во кој насилството врз децата и се произведува и останува непосочено. Справувањето со ова бара и системски реформи и културна промена кон препознавање на детските права, нивната психолошка благосостојба и итната потреба нивните гласови да се сфатат сериозно.





