Во едно општество каде што родовата еднаквост е артикулирана како вредност, но не се применува како таква, одрекувањето од наследството останува еден нормализиран феномен, тивка, но моќна форма на економско насилство врз жените. Не остава модринки на кожата, но остава длабоки траги врз животот, изборите и иднината на жените. Оваа форма на насилство се спроведува преку притисокот на културата, обичаите, очекувањата и „срамот“ наследен од генерација на генерација. Во рамките на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, да размислиме за оваа доминација на „почитта“ која со години економски ги осиромашува и емоционално ги „заробува“ жените и девојчињата во многу семејства.
Член 3 од Законот за наследувањето е јасен, гарантирајќи целосна еднаквост меѓу жените и мажите во наследувањето. Но, реалноста е сосема поинаква. Во пракса жените ретко се појавуваат во постапките за наследство, бидејќи нивното присуство е непотребно, додека пак голем дел од нив „своеволно“ потпишуваат дека се одрекуваат, оставајќи го така целиот имот на својот брат или на мажот на куќата. Не знам колку од нив се свесни дека овој чин не е слободен, преку овој чин не се изразува љубовта кон својот брат, сопруг или син. Овој чин е резултат на еден систематски и легитимиран притисок од традицијата и менталитетот наследен уште од Канунот на Лека Дукаѓини. Уште од детството девојчињата се учат дека „ти немаат право на дел“, дека со земање на наследството таа „го збогатува сопругот“, дека земањето на делот е нешто „срамно“, „неморално“, „деструктивно за семејството“, израз на „себичност и на присвојување на делот кој му следува на братот“. Нашите девојчиња се плашат од исклучување, од тешки етикетирања, од влошување на односот сестра-брат. Но, јас и дел од ова општество кое го почитува семејството, родителите, децата, овие постапки ги нарекуваме најеклатантни форми на непочитување на семејните вредности. Ова насилство е невидливо во телото, но е доста моќно. Тивко, но штетно.
Патријархалниот систем што доминира во голем дел од нашите семејства жените ги класифицира како „туѓинки“, како некој што ја напушта куќата (ќерка) или доаѓа како гостин (невеста), кој нема право да наследува од семејството од кое потекнува, но ниту и да создаде економска сигурност во новото семејство, бидејќи честопати таму нема ниту имотни права. Во пракса недвижниот имот стекнат во брак се регистрира речиси исклучиво на име на сопругот, создавајќи една искривена правна реалност што ја поткопува економската сигурност на жените и ги изложува на нееднаквости и на економска зависност. Затоа, регистрирањето на недвижниот имот само на име на сопругот, исклучувањето на мајката од наследството на починатиот татко, притисокот врз ќерката да се одрече од наследството во корист на својот брат и многу други нелегални и неетички ситуации, создаваат еден синџир на економско осиромашување за жените. Во балканските семејства, а особено во албанските, оваа практика е толку распространета што станала непишана и многу почитувана норма. Одрекувањето од наследство не влијае само на жената. Кога таа потпишува изјава за одрекување, таа често пати не е свесна дека се одрекува не само за себе, туку и за своите деца, негирајќи им го правото на наследување. Ова е двојна дискриминација: против себе и против нејзините потомци, како „недостојни“ да го наследат богатството создадено од бабите и дедовците, а не од вујковците.
Една од главните причини за исклучување на жените е недостатокот на информации, што ги убива тивко, тие можеби ова го пренесуваат и на своите ќерки, снаи, сестри. Малку жени знаат дека имотот стекнат во брак е заеднички имот, без оглед на чие име се води. Уште помалку жени знаат дека заедничкиот имот не се смета за дел од наследството. Таа и само таа има право да бара имотот создаден во бракот да се подели на половина, а нејзиниот дел да не се третира како наследство. Исто така, малку жени се свесни дека не можат да бидат исклучени од наследство без лично да потпишат, дека никој нема право да „зборува во нивно име“, а тие дури и не знаат дека можат да покренат постапка за поништување на изјавата ако некој го сторил тоа без нивно знаење, или со заблуда, измама или ЗАКАНА. Ова неинформираност не е наивност, туку е ризик што во себе носи други последици. Ова неинформираност или дезинформираност ја храни структурната сиромаштија што ги погодува жените за време на и по бракот, особено кога тие се невработени или се занимаваат само со неплатена работа во домот. Со ова се прекршува нејзиното право на финансиска стабилност. Ова ѝ дозволува да издржи секаков друг облик на насилство, бидејќи таа нема морална, материјална и семејна поддршка.
Зошто жената не го пријавува насилството, зошто не бега од маѓепсаниот круг на насилството? Жена без имотни права е жена без сигурност, жена која трпи, жена која гази врз своето достоинство при брачни кризи. Таа останува заробена во насилен брак затоа што нема каде да оди. Нема заштеди. Нема приходи. Нема наследство. Нема дом каде да се врати затоа што ѝ се вели дека „ја напушташ оваа врата во бел фустан и се враќаш во ковчег“. Затоа, одрекувањето од наследството не носи само правни последици, туку влијае и врз преживувањето, трпењето на сите други форми на насилство.
За родова правда во наследувањето потребно е повеќе од измени на законот. Овој пат немаме проблем со законот, бидејќи тој е многу јасен, императивен и праведен. Проблемот што овој пат го имаме е со вкоренетиот, прифатен менталитет што го ние гордо го чуваме.
Затоа, денес повеќе од кога било, ви се обраќам вам жени, девојки, мајки: Не се одрекувајте од вашето наследство! Тоа е ваше право. Тоа е ваше достоинство. Тоа е ваша економска сигурност. Тоа е иднината на вашите деца.
И вие мажи, браќа, татковци: Не го земајте делот што не ви припаѓа, тоа е казниво со закон, но и неприфатливо со вера. Не градете богатство врз неправдата и насилството врз вашата сестра, сопруга, ќерка. Не хранете систем што осиромашува половина од вашето семејство. Не ја злоупотребувајте економски вашата мајка, сопруга, сестра, ќерка!
Ако сакаме праведно општество, мора да почнеме од нашиот дом и нашето семејство. Рамноправноста не се создава само со предавања, туку на семејната трпеза, каде што сестрата има право на наследство; каде што мајката е почитувана како наследничка; каде што сопругата е регистрирана како сопственик; каде што синот учи дека богатството не е привилегија на неговиот пол.
Девојки, со одрекување од наследството, не ја зајакнувате семејната љубов, туку ја продолжувате традицијата на нееднаквост за идните генерации. Се лишувате од правото да бидете третирани како личности со исти права и ја прифаќате улогата на „постојан гостин“, и во татковата куќа и во куќата на сопругот.
Жени и девојки, не се откажувајте толку лесно од она што е ваше. Наследството е вашиот глас, тоа е вашиот витален дел. Не молчете и не дозволувајте никој да гази врз она што е ваше, од вашите родители, од семејството од каде што потекнувате. Како братот, и вие сте еднакви деца.
И за крај. Колку и да ме критикуваат дека „ги туркам девојките и жените кон непослушност кон традиционалните норми“, дека „ги поттикнувам да создаваат семејни конфликти“, дека „ги терам против нивното семејство убедувајќи ги да земаат работи што не им припаѓаат“, јас нема да се откажам. Секогаш ќе бидам нивен глас. Ќе ги поучувам како да постапат кога не се повикани во постапката за наследство. Ќе ги поучувам како да ги бараат своите права кога друг ќе се изјаснува за нив, како тие воопшто да не постојат. Ќе ги научам како да создаваат „правни проблеми“ не за да го растурат семејството, туку за да го заштитат своето правно достоинство. Без никакво двоумење и со целосна компетентност ќе им покажам колку права имаат, како да ги бараат и како да ги остварат со достоинство и храброст. Ќе продолжам да се залагам за девојките, жените, мајките, исто како што сум правела за себе.





