Пред неколку дена имав можност да модерирам еден настан на кој неколку жени кои потекнуваат од неурбани средини ги споделија своите искуства за тоа како успеале да ги надминат предрасудите и да чекорат напред, да станат жени со кариера, како и експоненти во општеството. И до овој дел можеби се е во ред, затоа што вакви настани не дека не се случувале и до сега, но во говорот на почитуваните дами, она што се истакна е фактот дека и покрај различните искуства, предизвиците биле исти. Овие дами беа политичарки, ривалки и може да се каже дека како такви автоматски стануваат мета на критики од спротивставените табори и како резултат на тоа се соочуваат со бура од реакции. Некои дури би рекле дека и за политичарите интензитетот на коментарите од противниците не е помилостив, ако не и подеднакво навредлив, но, да се биде жена, особено од една рурална средина, наспроти еден виор од навреди, каде што секој ден треба да ги издржите тешките погледи, да го започнете денот со една мртва тишина која како да ти вели „нели ти реков“ без да изусти ниту еден збор, што е уште потешко, не е начин на кој секој од нас го започнува денот. И овие жени тука се разликуваат од другите, затоа што не запираат. Тие дури прават многу повеќе за да ја постигнат таа еднаквост.
Но, зошто го велам и пишувам ова? Предизвикот за еднаквоста почна тој ден уште од дома, кога ќерка ми во еден сосема поинаков разговор за една ситуација во нејзиниот клас ми рече: „Што има врска што сум девојче? Но, има или нема? Растејќи и живеејќи во поурбана средина ваквите прашања можеби не се толку чести во нејзиниот секојдневен живот, можеби и не се дискутираат често. Сè додека и самата не се соочи со истите предрасуди, или визија за еднаквост и како општеството се однесува кон неа. И нормално дека јас сакам да биде еднаква. Но, ова не треба да биде само желба. Затоа што соочувањето со реалноста и предрасудите се насекаде околу нас.
Една мој пријателка пред некој ден ми раскажа една случка која ги извади на површина токму тие предрасуди кон жените без разлика на нивниот живот и искуство, па дури и среде урбаните средини. Еден ден повикала такси, кое не го возело маж, туку жена возач. Ова може, а и не мора да е некакво изненадување за вас, но мора да признаеме дека не е честа појава. Но, приказната не завршува тука. Шоферката била покриена, односно носела шамија, а на рацете носела ракавици. Оваа приказна ја разбуди мојата љубопитност. Се разбира, мојата пријателка, тешка дама со шешир, шал и ракавици и која што некој може да ја гледа како антипод на шоферката со шамија, не можела а да не започне разговор со неа. При нивниот разговор откриле дека и двете се мајки, дека и двете се многу образовани, но и дека жената шофер со шамија била мета на исто толку, ако не и повеќе погледи, малтретирања и коментари од клиентите или од минувачите. Таа раскажала како патниците кои ги возела тајно ја снимале, прикажувајќи ја како нешто крајно необично или како камионџиите и свиреле и реагирале грубо кога ќе виделе жена со шамија зад воланот на едно такси. Мојата пријателка ѝ раскажала дека истата вулгарност ја доживува и таа за нејзината капа или за свирежите на мажите кои реагираат кога таа ја преминува улицата. На крај од нивното возење двете жени се разделиле со длабока почит, бидејќи краткиот разговор од една адреса до друга на површина ги извадил заедничките предизвици кои од далечина можеби и не изгледаа исти за двете жени.
Оваа случка која ми ја раскажа мојата пријателка, а потоа и прашањето на ќерка ми, но и приказната на двете политичарки ривалки за нивните предизвици во нивниот животен пат, ве тераат да мислите дека од витално значење е темата за тоа како ја гледаме еднаквоста. Прво, да почнам од себе. Зошто приказната за жена-шофер која носи шамија треба да привлече толку внимание? Нели суштината на еднаквоста е секој да биде себе си без никакви предрасуди? Зарем не грешиме сите кога слободата, еднаквоста и правдата ја перципираме и ја проектираме според нашите сваќања? Ова значи дека ние воопшто не се слушаме едни со други и поради тоа после сме изненадени од приказните кои се наше секојдневие. Значи, прашањата за родовата еднаквост или за други прашања стануваат проблематични само поради тоа што не ги разбираме целосно. Но, едноставно е. Од моето набљудување на неодамнешните случаи, јасно е дека сите имаме проблем со нашиот менталитет. Жена со шешир, лабилна. Жена со шамија, конзервативна. Професорка политичарка, не е семејна жена. Политичарка која носи шамија, про-патријархатот. Но, дали е така? По се изгледа дека одговорите се подлабоки. Заедничко за сите овие случаи се навредите. Навредите за шеширот, навредите за шамијата, навредите за урбаното, навредите за руралното. Дали сакаме нашите ќерки да растат во ваков виор на осудувања и навреди?
Фазата на нашиот развој, каде што се повеќе и повеќе девојки и жени се образувани, особено од руралните средини, ќе го разниша менталитетот, што веројатно ќе произведе искри на слобода кои, ако нема да ги соборат предрасудите, ќе ја направат поприфатлива реалноста каде што старите убедувања ќе бидат оспорени и од оние жени со шешири и од оние со шамии. Но, дали е доволно тоа?