„Ова не е за девојки“: Како Арјета Пуца го создаде првиот албански воен тенк?

Создавањето на првиот албански тенк од жена се уште е голема „вест“ по списанијата, весниците и порталите од многу причини. Арјета Пуца го произведе истиот инспирирана од машините за чистење на снегот што ги произведувал нејзиниот татко. Таа за „Молекуќја“ раскажа како го создаде првиот тенк на Албанија, наречен „ШОТА“.

Инспирирана од нејзиниот татко таа ја основа компанијата „Тимак“ преку која сакаше да создаде нешто поинакво. Но, пазарот во Албанија ја принудил да отстапи од дејноста на нејзиниот татко.

„Основањето на „Тимак“ дојде како продолжение на патот на мојот татко, кој имаше компанија за производство на машини за чистење снег и солење во Турција. Кога се вратив во Албанија се обидов да продолжам во истата област, но сфатив дека пазарот овде е различен. Решив да се ориентирам на други сектори и почнавме да градиме амбулантни возила и други специјални возила. Тоа беше природен процес што произлезе од желбата да се изгради нешто одржливо и влијателно во мојата земја.“

Секој почеток е тежок, но кога си жена и сакаш да конкурираш во поле доминирано од мажи, патот станува речиси невозможен. Дури ни Арјета не можеше да ги избегне овие предрасуди, особено кога целата компанија е составена главно од девојки и жени.

 „Имаше многу тешкотии, како и секое претприемачко патување, но за мене најголемиот предизвик беше стекнувањето доверба во индустрија која традиционално била доминирана од мажи. На почетокот имаше скептицизам, особено кога видоа дека нашата компанија е водена од жена и дека се состои главно од девојки. Но, верувам дека работата и резултатите се најдобриот одговор на секоја предрасуда. Кога почнаа да ги гледаат нашите производи на терен, користени од големи меѓународни организации, сите сомнежи исчезнаа.“

На прашањето дали во текот на ова патување се соочила со скептицизам, но и со сомнежи за професијата и областа во која одбрала да работи, таа вели дека биле бројни.

„Нормално дека имаше! Имаше многу конфузија, скептицизам, па дури и од моите најблиски пријатели ги слушав типичните коментари: „Како ќе успееш ти во овој сектор?“, „Премногу е тешко“ или „Ова не е за девојки“. Но, ова само ме поттикна уште повеќе да го докажам спротивното. Денес, истите луѓе се меѓу првите што ми честитаат и се чувствуваат горди на нашите достигнувања. Навикната сум прво да има сомнежи, а потоа да ги претворам во поддршка.“ 

Покрај бројните успеси, „Тимак“ под водството на Арјета Пуца направи револуција со создавањето на првото блиндирано возило произведено во Албанија. Именувано како „ШОТА“ ова возило докажува дека девојките и жените од Албанија се способни да доминираат во области кои отсекогаш се сметале за „машки работи“. На прашањето како дошла до идејата да го создаде првото целосно албанско воено возило, Пуца одговара дека до ШOTA се дошло природно.

„Идејата се роди природно, откако добивме неколку барања за оклопни амбулантни возила за конфликтни зони. Тогаш се роди идејата и прашањето: „Зошто да не се создаде целосно албанско воено возило? Со оглед на тоа дека самите сме инженери и имаме фантастичен тим од способни девојки, се зафативме со овој предизвик и успеавме да ја дизајнираме и изградиме ШОТА“

Што се однесува до името, Арјета вели дека карактеристиките на военото возило се совпаѓаат со оние на Шоте Галица.

„Името „ШОТА“ е почит кон албанската хероина Шоте Галица, фигура која ја отелотворува храброста и силата на албанските жени - два елементи кои се и суштината на овој проект.“

Создавањето на военото возило ШОТА не само што докажа дека девојките и жените се способни да бидат успешни во која било област без оглед на тоа колку мажествено може да изгледа тоа во општеството, туку докажа и дека Албанија може да конкурира на пазарот за воени производи. Пуца вели дека се очекува почеток на сериско производство на военото возило „ШОТА“.

„ШОТА не е само возило, туку доказ дека Албанија има потенцијал да стане важен играч во одбранбената индустрија. Веќе сме во преговори со неколку земји и штом ги финализираме договорите, ќе започне сериското производство. Верувам дека многу наскоро Албанија ќе извезува не само „ШОТА“, туку и други одбранбени производи, создавајќи силен албански бренд на меѓународно ниво.“

Освен што се чувствува почестена и горда, Пуца за крај вели дека својата работа ја гледа и како чекор кон елиминирање на родовите улоги во професионалниот живот.

„Да бидам искрена, тоа е посебно и тешко чувство во исто време. Се чувствувам почестена и горда, но знам дека носам голема одговорност на моите рамења затоа што треба да го отворам патот за други девојки и жени кои сонуваат да влезат во области каде што сè уште постојат родови бариери. Сакам на ова да гледам како на чекор кон нормализирање на присуството на жените во секоја индустрија, дури и во „најсилните“ и најтехничките.“

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот." 

Друго