Селфиџе Циу, првата жена што објави поезија на албански јазик и предлагаше развод

„Сè додека воспоставуваат диктатура и го убиваат човекот, комунизмот и фашизмот не се разликуваат еден од друг.“ Вака мислеше Мусине Кокалари, блиска пријателка на Селфиџе Циу, и двете по потекло од Ѓирокастра и и двете жени кои кршеа табуа. Селфиџе ја објави првата песна во еден весник и така влезе во историјата како првата жена албанка на поезијата, а пак Мусине го објави првиот роман, односно беше првата жена на албанската проза. Секако дека можеби имало и други кои пишувале пред нив во тајност, но тука станува збор за објавена литература. Со една бистрина што му претходеше на времето Селфиџе ја гледаше опасноста таму каде што другите се надеваа на спас. Мусине ѝ зборуваше на Селфиџе без двоумење: „Ти си просветителка. Како писателка ти никогаш не смееш да прифатиш албанскиот човек да биде убиван и газен.“ Мусине беше одлучна антифашистка. Ние другите не можевме ни да замислиме каква судбина ја чека нашата Албанија. Таа да. „Само очите на Мусине гледаа премногу далеку.“ (Од спомените на Селфиџе Циу (Броја)).

И токму родовата еднаквост беше тоа што ја натера Селфиџе да биде заколната комунистка. Таа се надеваше дека тој систем луѓето ќе ги третира како еднакви, но дали жената се сметаше за човек, дали се категоризираше како таква во тој систем и во сите други што ги знаеме, е средновековна тема за која треба да се дискутира.

„Лажниот бран“ (Vala gënjeshtare) е насловот на песната што беше објавена на 28 ноември 1935 година во весникот „Попули“ и беше потпишана со псевдонимот Коломба. Нејзиното објавување веднаш стана вистински настан: таа им се допадна на читателите, за неа се дискутираше и разбуди и сомнеж. „Не се веруваше дека е напишана од девојка“ се пишуваше дека зад неа се крие машка рака. Некој ја нарече Коломба „единствениот цвет што носи пролет во нашиот печат“ и ѝ упати јавен повик: „Излези на мегдан, сестро, и покажи се целосно.“ Некој би ја дефинирал како „предводничка на нашата еволуција“, која сакаше „да сруши една карпа со табелата на лошите албански обичаи.“

Зад Коломба се криеше една 17 годишна девојка од Ѓирокастра: Селфиџе Циу. Од тој ден таа стана глас кој не бараше дозвола. Глас кој зборуваше за жената, за достоинството, за слободата. „Оваа моја песна,“ пишуваше таа, „ќе пее за налетите на слободата, ќе се лее низ човечките грижи.“ Според Мусине Кокалари Селфиџе Циу била една романтична комунистка и првата писателка во тогашниот печат која пишуваше под псевдонимот Коломба, (покасно ќе пишува под псевдонимот Муза), една девојка со големи соништа и длабока страст за образованието и литературата, но спречена од околностите, семејството и сопствениот идеализам. Во своите мемоари нејзината пријателка Мусине пишува дека Селфиџе лудо го сакала Петро Марко, бидејќи и двајцата биле новинари и се поврзале со комунизмот како со еден идеал за спас. Но, оваа љубов и оваа верба со тек на времето избледеа, оставајќи ја разочарана и незаштитена, една чиста душа која никогаш не помисли дека идеалите можат да се претворат во насилство.

Селфиџе артикулира еден ран граѓански феминизам каде што еманципацијата на жената е директно поврзана со општествениот и националниот напредок. Според неа жената е угнетена од патријархалните структури кои ја држат со презир и потчинетост. Во нејзините дела во „Бота е ре“ жената се портретизира како затвореничка на еден машки поредок кој го негира нејзиниот глас, но и како сила која го чека ослободувањето преку солидарност и колективна акција. 

„Феминизмот на Селфиџе не е индивидуалистички, таа верува во еден сојуз помеѓу жените и младите прогресивни луѓе, гледајќи на родовата еднаквост како дел од една поширока општествена револуција. Пријателството и соработката со Мусине Кокалари ја зацврстува оваа димензија, затоа што пишувањето за нив не е интимно засолниште, туку е средство за борба, форма на политички и морален ангажман за ослободување на жената. И по интернирањето и историското разочарување, фигурата на Селфиџе во својата суштина останува феминистичка, бидејќи таа не се откажа од убедувањето дека жената има право да размислува, да пишува и да гледа преку границите што ѝ се наметнуваат. Нејзиниот феминизам не е бучен, туку е упорен, изграден врз пишаниот збор како чин на отпор и врз идејата дека слободата на жената не е подарок, туку право што се зстекнува. Врз основа на судбините на жените кои ги познавала, таа вели: „Јас сум свесна дека да се биде жена не е несреќа. И оваа мора да се сподели и во семејството и во општеството.“

Таа беше првата жена албанка која објави литература во Албанија, идеолог на разводот на жената доколку таа е погазена, разочарана или малтретирана. Таа се нарекува „идеолог на разводот“ не затоа што правно го измисли, туку затоа што јавно го артикулираше, го бранеше и го легитимираше како право на албанската жена во едно време кога тоа било речиси и незамисливо, затоа што во модерната држава разводот правно беше прифатен многу покасно. Судбината на Селфиџе беше таква што се омажи и преживеа многу интернации заедно со сопругот Џемал Броја. Нејзините идеи сè уште живеат повеќе во форма на легенди отколку во пишана форма, а нејзината фигура е инспирација за многу млади жени кои слушаат за девојката со прекар на Гулабица (Коломба), која беше голема активистка за слободата.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго