Roli i Franit, një dyzim mes sakrificës dhe ndjenjës: Bisedë me Drita Kaba Karagën

Во играниот филм „Мажот на куќата“, познатата актерка од Северна Македонија, Дрита Каба Карага, ја игра главната улога, таа на бурнешата Фран (стара традиција на северот на Албанија, која ѝ овозможува на жената да ја преземе улогата на маж во семејството ако се заколне на чедност), жена која живее како маж за да го заштити своето семејство и да ја сочува својата чест. За оваа улога таа мораше да помине низ една интензивна емоционална и физичка подготовка, како и низ длабока рефлексија за реалноста на жените кои се жртвуваат себе си за другите.

Темата за бурнеша во албанската кинематографија е еден од елементите што привлекол голем интерес во целиот свет. Преку овој филм приказната за жените кои ги предизвикуваат традиционалните родови норми и улоги преминува преку локалните граници, придонесувајќи кон глобалната дискусија за силата, храброста и пожртвуваноста на жените. Во ова интервју Дрита зборува за најголемите предизвици за време на развојот на својот лик, за начинот на кој таа ја чувствувала и толкувала приказната на Фран.

  • Како ја прифативте улогата на Фран и што ве привлече најмногу во оваа приказна?

Штом го прочитав сценариото Фран ме импресионираше со начинот на кој одбрала да се соочи со животот, да се саможртвува. Таа се жртвува не само за себе, туку и за своите најблиски. Ова пожртвуваност, силата што се крие во една голема нежност, веднаш ме привлече.

  • Како се подготвивте емоционално и физички за да ја портретирате оваа бурнеша? 

Фран се обидува да биде груба, да пцуе како „маж“, да пие ракија, да се турка за да фати ред и да биде арогантна. Но, длабоко во неа се крие срце на една жена што некогаш сакала, нешто што таа го изразува преку односот со својата пријателка, по несреќата. За да влезам во оваа улога морав да ги урамнотежам надворешните сили со скриените емоции, кои понекогаш и самата Фран не ги признава.

  • Кои беа најголемите предизвици при олицетворувањето на овој лик?

Суровиот однос на Фран со децата, особено со Зана, беше предизвик сам по себе. Ми беше тешко да ја оддржам суровоста што ја бараше улогата, бидејќи јас самата никогаш не би го направила тоа. Меѓутоа, преку овој однос излегува на виделина и наивноста на Фран, која мисли дека суровоста е најдобриот начин за да се воспита едно девојче.

  • Како е да се игра една ваква улога што во себе носи една толку тешка животна приказна?

Тоа е едно искуство кое те обзема емоционално. Фран остави трага врз мене бидејќи го носи товарот на еден тежок живот, но без никогаш да се жали. Таа се справува со сè со чесна работа, иако се уморува многу, а заработува малку.

  • Дали контактиравте или се советувавте со жени кои ја живееле истата реалност како Фран?

Не директно, но преку приказните на силните жени што сум ги запознала во текот на целиот мој живот успеав да почувствувам многу од духот на бурнешите. Тоа чувство на пожртвуваност што ја трансформира болката во сила.

  • Што претставува Фран за вас лично?

Фран е жена која избира да се спаси криејќи се зад машката облека, но никогаш не ја губи својата човечка суштина. Таа е симбол на преживување, на љубовта што не се изразува со зборови, туку со дела.

  • Како гледате на ликот на бурнешата во албанското општество?

Фигурата на бурнешата е преполна со митови, но и со трагедија. Таа е жена која ја жртвувала својата женственост за честта, за семејството, за опстанокот. И се восхитувам, но ми причинува и болка.

  • Каква порака сакате да испратите до публиката преку овој лик?

Дека силата не секогаш се манифестира со викање или суровост. Вистинската сила е да се остане човек, дури и кога животот ве принудува да бидете нешто друго.

  • Дали семејниот товар влијае врз животот и изборот на Фран?

Многу. Целиот свој живот Фран го гради врз одговорноста. Таа го става семејството над сè и често се заборава себеси. Ова ја прави силна, но и осамена.

  • Дали мислите дека улогата на Фран е форма на отпор или пожртвуваност?

И тоа и тоа. Таа се спротивставува преку пожртвуваноста. Таа е личност која не се откажува, но и која не живее целосно за себе си.

  • Како оваа улога ве промени вас како актерка?

Оваа улога ме натера да разберам подобро колку слоеви има во една жена. Ме научи дека зад секоја суровост лежи болка, а зад секоја болка голема неискажана љубов.

  • Дали ова искуство влијаеше на начинот на кој ги гледате жените и нивната улога во семејството?

Да, дефинитивно. Ме натера да размислам за жртвите што жените честопати ги прават молкум. Често пати оние се тие што го носат најтешкиот товар, без никогаш да побараат признание.

  • Кој беше најтрогателниот момент за време на снимањето?

Имам многу убави спомени со децата. За време на паузите се смеевме и се шегувавме, но за време на снимањето морав да се однесувам како Фран. Првиот ден едно од децата ме праша: „Чичко Фран, дали си момче или девојче?“ Не одговорив, а од нивните коментари сфатив дека изгледам убедливо во мојата улога. Тоа беше моментот кога почувствував како Фран заживеа во мене. 

  • Дилемите на Фран за родовата определба беа очигледни, но таа повеќе личеше на една жена која избрала да се спаси со помош на облеката на еден маж. Се согласувате ли со ова?

Да, токму така гледам на тоа и јас. Фран не сакаше да биде маж, таа сакаше да преживее. Тоа беше еден начин за да се спаси себеси и своето семејство во еден свет во кој што жените имаа малку можности.

  • Ако некогаш имате можност да ја сретнете Фран, што би и рекле?

Би и рекла: „Сега можеш да одмориш. Доста е. Нема потреба да бидеш силна цело време.“

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго