Реалноста во РСМ не се совпаѓа со законските барања за прифатилишта за жртвите на семејно насилство

Ниту едно прифатилиште нема тим од професионалци, даватели на услуги како што се психолози/психотерапевти и социјални работници кои би ѝ пружиле помош на жртвата. Тимот на центарот за социјална работа ги посетува жртвите во прифатилиштата, обезбедува храна и хигиена, но не обезбедува никаква специјалистичка поддршка.

Жртвите на родово базираното насилство и жртвите на семејното насилство откако ќе го пријават насилството имаат право да бидат сместени во прифатилиштата во РСМ во временски период од три месеци. Целта на прифатилиштата е да ја гарантираат физичката безбедност на жртвата и нејзините деца (доколку ги има) и да ги заштитат од повторување на насилството. Исто така во овие прифатилишта треба да се обезбеди интервенција и психолошка поддршка на жртвата, помош во остварување на правата од социјална заштита, правна помош и поддршка за економско зајакнување во случај кога жртвата е невработена. Но, според Елена Димушевска, извршен директор на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, реалноста не се совпаѓа со овие законски барања.

„Она што во моментов се нуди во прифатилиштата е сосема спротивното, така да освен физичко обезбедување, не се нуди никаква друга помош. Жртвите не само што не добиваат помош и поддршка во прифатилиштата за надминување на траумите од доживеаното насилство, туку и по заминувањето се оставени сами на себе. Сè додека жртвите се во прифатилиштето, тие не смеат да го напуштат прифатилиштето, да одат на работа или да се пријават за работа, или пак да одат на интервју, па дури и веројатноста да ја загубат работата што ја имаат е многу голема“.

Во графиконот во продолжение е прикажан бројот на жртви сместени во прифатилиштата наменети на жртви на родово базираното насилство и семејното насилство на републичко ниво, односно податоците од 30 центри за социјална работа на целата територија на РСМ.

Кога станува збор за семејното насилство, но и за насилството врз жените, едно од најважните прашања е безбедноста на жртвата, спречувањето на можноста да дојде до продолжување на насилството или негово ескалирање во убиство. Но, според информациите добиени од жените кои се сместени во прифатилиштaтa, Елена кажува дека тоа ниво не базбедност кое се нуди не е доволно.

„Од информациите кои што ги добиваме од жените кои преживеале насилство и биле сместени во прифатилиштата и кои откако го напуштиле прифатилиштето се обратиле во нашите советувалишта за помош, нема 24/7 обезбедување. Иако засолништата во некои градови се наоѓаат во близина на полициски станици, тоа не секогаш е доволно или пак гаранција за безбедност. Се разбира дека нивната локација се чува во тајност за да се заштитат жртвите, но сепак постои страв дека во помалите градови информациите брзо се шират и дека може да се открие локацијата“.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика (сега Министерство за социјална политика, демографија и млади) за извештајот ГРЕВИО, во земјава има 13 прифатилишта, со 8 од кои управуваат општинските центри за социјална работа во градот каде што се наоѓаат, и со 5 граѓанските организации, чие финансирање делумно го покрива Министерството. Според Димушевска, овој број на прифатилишта не ги исполнува условите наведени во Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

„Точниот број на семејни места (според Советот на Европа едно семејно место се однесува на просторот за сместување на една жена со просечен број на деца) не се знае. Според минималните стандарди на Истанбулската конвенција, на 10.000 жители треба да има едно семејно место, односно на национално ниво да има скоро 200 семејни места. Со исклучок на две засолништа кои се посебни објекти, другите засолништа се станови со многу мал капацитет, така што слободно можеме да кажеме дека државата не е ни блиску до минималниот стандард“.

Со оглед на тоа што основната должност на Народниот правобранител е да ги штити правата на граѓаните, се обративме до нив да видиме дали тие како институција биле да ја видат реалната состојба во засолништата во РСМ и како живеат жртвите додека се сместени во нив, како што беше случајот со затворите во земјата. Но, од канцеларијата од Народниот правобранител нé информираа дека никогаш не ги посетиле прифатилиштата бидејќи не добиле никаква претставка или жалба во врска со ова.

„До Народниот правобранител не е поднесена претставка од лице/жртва на семејно насилство сместено во прифатилиштата, ниту пак има жалба од некој друг во врска со нивната работа. Но, секако, останува можноста да доколку се појави потреба, било по поднесена претставка или по сопствена иницијатива, Народниот правобранител согласно објективните можности и расположливите капацитети да ја процени состојбата и да подготви анализа за работата на прифатилиштата“.

За да се обезбеди безбедност и да се спречи контакт на жртвата со насилникот и и со тоа да се загрози нејзината безбедност, локацијата на прифатилиштата останува тајна. Но, од „Молекуќја“ предлагаат Народниот правобранител или другите институции редовно да ги посетуваат прифатилиштата за да проверат дали се загрозени правата на жртвите поради немање услови, поради недостаток на кадар или недоволно професионализам.

„Се разбира, локацијата на прифатилиштето мора да остане тајна, но институциите се должни да ги обезбедат неопходните услови за овие жртви на насилство во прифатилиштето. И институциите имаат механизми за известување и мора да бидат одговорни за ова. Мониторингот е неопходен за да се осигураме дека се обезбедени условите“, вели Рита Бехадини од „Молекуќја“.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго