80% од лицата кои се грижат за старите лица се жени. Но, постои голема потреба и побарувачка за машки лица кои ќе се грижат за старите лица, вели Ќаније Селими, претседателка на здружението „Милениум“, кое обезбедува бесплатна грижа за старите лица. Родовите улоги влијаат врз изборот на кариерата, и како последица на тоа грижата за старите лица се смета за „женска работа“.
„Родовите улоги влијаат врз изборот на кариерата, и како последица на тоа бројот на мажите во службите за грижа на старите лица е мал. Стереотипите што на овој вид на грижа гледаат како на „женска работа“, социјалната стигма, недостатокот на машки модели на негуватели и традиционалните очекувања, сето ова влијае врз овој феномен. Меѓутоа, се прават напори за промена на оваа перцепција и охрабрување на мажите за ангажирање на овој сектор.“
Покрај родовите улоги што на мажите им го отежнуваат вклучувањето во професии кои се занимаваат со нега, Селими вели дека тие се соочуваат и со недостаток на јавен превоз, но предизвик сам по себе е и концептот на грижа за лица од спротивниот пол.
„Предизвиците се разновидни, почнувајќи од јавниот превоз во руралните средини, па сè до стереотипите за грижата за лица од спротивниот пол кога станува збор за личната хигиена.“
Според Селими демографските промени, индивидуалните потреби и општествените случувања доведоа до потреба за една служба која што ќе овозможи грижа за старите лица.
„Во последниве години во Полошкиот регион младите си заминаа во странство и како резултат на тоа старите лица живеат сами без да имаат во близина луѓе кои можат да се грижат за нив, особено за оние со лошо здравје.“
Селими вели дека жените треба да се охрабрат за да се вклучат на пазарот на трудот, со што ќе се овозможи нивна економска независност, што не само што ја зголемува самодовербата, туку и овозможува една подобра иднина за нив.
„Поддршката за жените на пазарот на трудот, особено на оние кои имаат потешкотии со адаптирањето, кои се невработени подолго време или се самовработени, е од суштинско значење за нивното економско и социјално јакнење. Ова помага да се зголеми самодовербата, да се олесни интеграцијата, да се создадат можности, да се подобрат условите за работа и да се намали дискриминацијата. Во сектори како што е грижата за стари лица, културата на поддршка помага да се зголеми ценењето и благосостојбата на вработените, особено на жените кои се соочуваат со дополнителни предизвици затоа што треба да се грижат и самите за себе си.“
Службата за грижа за стари лица се обезбедува во домашни услови и функционира преку обезбедување низа услуги што им помагаат на старите лица да живеат во безбедни и удобни услови во својот дом, а воедно добиваат поддршка за секојдневните и здравствените потреби. На прашањето како функционира оваа услуга, Ќаније Селими во продолжение ни дава едно детално објаснување.
-
Дефинирање на потребите на старото лице
Проценка на здравствената и социјалната состојба: Пред да се започне со давањето на услугите, професионалци вршат детална проценка за да ги дефинираат здравствените и социјалните потреби на старото лице. Оваа проценка може да опфати анализа на здравствената состојба, способноста за извршување на секојдневните активности, како и потребите за емоционална и социјална поддршка.s
Персонализиран план за нега: Врз основа на извршената проценка се составува план за нега кој е прилагоден на потребите и желбите на старото лице. Овој план може да опфати поддршка за секојдневните активности, здравствена помош и активности за социјализација.
-
Вид на услуги кои се нудат
Селими објаснува дека се нуди широк спектар на услуги од кои можат да имаат корист постарите лица, како на пример:
- Лична нега (за секојдневни активности):
- Грижа за личната хигиена: Помош при активности како што е бањањето, облекувањето и секојдневната хигиена.
- Подготовка на храна и помош при конзумирање на истата. Адаптирање и обезбедување на здрава храна, како и помош за оние кои имаат тешкотии при јадењето.
- Помош при транспорт и мобилност: Доколку лицето има тешкотии со движењето, се обезбедува поддршка за движење низ домот, а помошта може да вклучува и прошетки на отворено.
- Здравствена нега:
- Администрирање на лековите: помош при администрацијата на лековите, со цел да се осигура дека старото лице ги пие соодвентите лекови и во вистинско време.
- Следење на здравјето: Услугата може да опфати редовни здравствени прегледи, како што е мерењето на крвниот притисок, нивото на шеќер во крвта итн.
- Поддршка за специфични здравствени состојби: Грижа за лицата со болести како деменција, кардиоваскуларни заболувања или дијабетес.
- Емоционална и социјална поддршка:
- Емоционална и социјална поддршка:
- Дружење и социјални активности: Вклучување на постарите лица во разговори и активности што го стимулираат умот и духот, како што се читање, прошетки или други заеднички активности.
На прашањето кој се грижи за старите лица, Селими одговори дека за старите лица се грижат стручни лица обучени за таа професија.
„Лицата кои се грижат за старите лица се професионалци кои овозможуваат поддршка и грижа за стари лица, особено за оние на кои им е потребна помош со секојдневните активности и за одржување на нивното здравје. Сите оние лица кои завршиле акредитирана обука и имаат лиценца за оваа услуга можат да се грижат за старите лица.“