Оној кој прв го изодел еден пат добро се сеќава на тоа, особено кога тоа го платил со живот. Денес зборуваме за силувањата и постои законска артикулација која сторителот ја зема предвид пред да го изврши кукавичкиот чин. Но, не секогаш било така.
Сексуалното насилство отсекогаш било присутно, без разлика дали е идентификувано како такво. Еден од најраните познати случаи на правен третман на сексуалното насилство е случајот што се случил во 14 век и врз кој е базиран филмот „Последниот дуел“. Овој случај се смета за еден од првите случаи каде што обвинението за силување било сериозно сфатено и ставено во центарот на еден јавен судски процес. Во средновековна Франција леди Маргерит де Карож го обвинила Жак Ле Грис за силување. Ова обвинение, без преседан во тоа време, не само што било јавно, туку станало и предмет на судски процес кој завршил со правен дуел. Овој случај би бил последниот случај решен со дуел, па оттука произлегува и насловот на филмот.
Тоа било еден шокантен случај, бидејќи за првпат една жена била сослушана на суд и тоа за нешто што во тоа време не ни можело да се замисли. Во тоа време жените имале многу малку права и не се сметале за веродостојни сведоци. Па така, наместо со традиционална истрага, обвинението за силување било решено со дуел до смрт меѓу нејзиниот сопруг Жан де Карож и обвинетиот Жак Ле Грис. Ова било посебен случај бидејќи со дуел обично се решавале имотни или политички спорови, а не обвинувања за сексуално насилство. Но, зарем жените сè уште не се третираат како сопственост на нивните сопрузи во некои земји, како што е средновековната Франција?!
Но, она што ја отежнувало ситуацијата е фактот што ако сопругот на Маргерит загубел на дуелот, таа ќе се сметала за лажга и ќе била осудена на смрт. Така се решавала правдата по Божја волја, бидејќи во средниот век вистината воопшто не била важна.
Зошто овој случај се смета за прва јавна пријава за сексуално насилство?
Иако овој случај е меѓу најпознатите во историјата, сексуалното насилство секако дека не започнало тука, но пријавувањето да. Имало и други недокументирани случаи каде жените зборувале против сексуалното насилство во блиски кругови, но ова е прв јавен случај со кој се занимавала цела Франција. Во традиционалните и древните општества, пријавувањето на сексуалното насилство често останувало во приватни кругови, поради стравот, општествените норми и недостатокот на поддржувачки правни системи. Случајот на Маргерит де Карож е ран и инспиративен пример за храброста да се зборува против насилството, и покрај ризикот и последиците.
Филмот „Последниот дуел“ е во режија на Ридли Скот, улогата на Лејди Маргерит де Карож ја игра Џоди Комер, Жак Ле Грис мајсторски го игра Адам Драјвер, а нејзиниот сопруг Жан де Карож го игра Мет Дејмон. Врз основа на хрониките од тоа време, „Дуелот“, кој означи историски преседан, се одржа на 29 декември 1386 година и се смета за еден од последните спорови решени со дуел во Франција. Всушност, пред да се сними овој филм, оваа приказна беше книга која потоа беше адапирана во сценарио. „Вистинска приказна за злосторството, скандалот и судењето од војната во средновековната Франција“ е книга од 2004 година на американскиот автор Ерик Џегер.
Приказната е раскажана од три перспективи: онаа на Жан де Карож, на Жак Ле Грис и на Маргерит де Карож. Ридли Скот и сценаристите Мет Дејмон, Бен Афлек и Никол Холофсенер, преку овој филм направија настаните да резонираат дури и во современиот контекст на познатите движења кои се проширија и во РСМ, како што е #MeToo.
Во филмот, Маргерит се соочува со едно општество кое не ја поддржува, како што често се случува и денес кога прстот често се вперува за да се обвинат жените. Ако нејзиниот сопруг го загуби дуелот, таа ќе биде осудена на смрт поради „лажно сведочење“. Овој факт го одразува екстремниот страв и последиците со кои се соочувале жените жртви на сексуално насилство во тоа време. Филмот не е само историски наратив, туку и актуелен коментар на предизвиците со кои се соочуваат жртвите на сексуално насилство и денес. Акцентот е ставен на угнетувањето на жените во патријархалните општества и како сексуалното насилство се користи како алатка за моќ над жените. Ја изразува потребата за правда и доверба кон жртвите, рефлектирајќи за предрасудите и стигмата со кои се соочуваат. И ја артикулира важноста на откривањето на вистината, и покрај личните ризици и предизвици.
Така, „Последниот дуел“ е филм кој не само што раскажува една трагична приказна, туку покренува и една длабока дискусија за динамиката на моќта и родовата нееднаквост, создавајќи паралели меѓу минатото и модерната реалност. Во тој апсурден свет материјален надомест му се исплаќало на машкото лице, на таткото или во случајов на сопругот, без разлика што делото е извршено врз жена.
Фактот дека зборуваме за најскандалозниот настан во Франција, за филм базиран на хрониките од тоа време што произлегоа од гласините поради кои една жена се зароби зад вратите од нејзината куќа и за малку ќе полудеше, не го прави тоа далечно по менталитет, бидејќи такви жени, безнадежни кои се мета на зли усти, и ден денес има многу, и нека биде овој случај мотивација дека постои начин за спас од сексуалното насилство.