Добра вест: Семејното и родово базираното насилство ќе се гони кривично, со или без предлог од жртвата

Веќе нема да биде неопходен предлог од жртвата за кривично гонење во случаите на семејно насилство. Измените на Кривичниот законик овозможија укинување на гонењето по предлог во случаите кога делото е сторено, меѓу другото, во рамки на родово базирано насилство, насилство врз жени и семејно насилство. Потсетуваме дека семејното насилство продолжува да бележи загрижувачки пораст во Северна Македонија.

Според официјалните податоци, во текот на 2025 година се евидентирани вкупно 1.260 жртви на семејно насилство, од кои 932 се жени, што укажува дека жените остануваат најзагрозената група од оваа форма на насилство. И покрај големиот број случаи, семејното насилство досега се гонеше исклучиво по приватна тужба. Минатата недела, само во текот на еден ден, полицијата евидентирала четири одделни случаи на семејно насилство.

Со најновите измени на Кривичниот законик, повеќе нема да се бара согласност од жртвата за кривично гонење на сторителот, туку полицијата и Јавното обвинителство ќе имаат можност да го гонат семејното насилство по службена должност. Односно, одредбата според која кривичното дело се гонеше „по приватна тужба“ ќе биде избришана, а жртвата повеќе нема да има обврска да поднесе пријава, бидејќи делото ќе се гони без оглед на тоа дали жртвата сака или не да поднесе тужба.

„Со предложените одредби во Предлог-законот се овозможува и понатамошно усогласување со Истанбулската конвенција, преку рeформулирање на кривичното дело ‘Телесна повреда’ (член 130) од Кривичниот законик. Со овие измени се укинува кривичното гонење по предлог во случаите кога делото е сторено во рамки на родово базирано насилство, насилство врз жени, семејно насилство, кривични дела од омраза или кон лица особено ранливи поради возраст, физичка или ментална попреченост или бременост, со што оваа форма на кривично дело ќе се гони по службена должност, во согласност со одредбите на Истанбулската конвенција“, се наведува во текстот.

Од Министерството за правда за Mollëkuqja изјавија дека реформулирањето на кривичното дело ‘Телесна повреда’ (член 130) е направено со цел да се зајакне кривично-правната заштита од семејно насилство, како и да се постигне репресивен и превентивен ефект.

„Со ова реформулирање се укинува кривичното гонење по предлог во случаите кога делото е сторено како родово базирано насилство, насилство врз жени, семејно насилство, кривично дело од омраза или кон лица особено ранливи поради возраст, физичка или ментална попреченост или бременост. Во овие случаи, оваа форма на кривично дело ќе се гони по службена должност, во согласност со одредбите на Истанбулската конвенција“, соопштија од Министерството.

Министерството за правда очекува дека оваа реформа ќе придонесе кон зголемување на одговорноста на сторителите и охрабрување на жртвите да побараат помош, што ќе доведе до општо подобрување на состојбата со семејното насилство во земјата.

Како дел од измените, усвоено е и воведување на ново кривично дело во Кривичниот законик: злоупотреба на фотографии, видеа, аудиоснимки или текстови со сексуално експлицитна содржина, без согласност на засегнатото лице.

„Поради утврдените злоупотреби на приватноста и правните празнини во постојните одредби на Кривичниот законик при нивната примена во пракса, оценето е како неопходно воведување на ново кривично дело, односно инкриминирање на ‘Злоупотреба на снимки, фотографии, аудиоснимки или текстови со сексуално експлицитна содржина’. Со ова кривично дело, како заштитен објект се утврдува приватноста, а дејствието на извршување се состои во ставање на располагање на трети лица видео или друг вид на снимка, фотографија, аудиоснимка или писмен материјал со сексуално експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое се однесува материјалот, односно без согласност на лицето прикажано на снимката или фотографијата, или чиишто глас е снимен во аудиоснимката“, се наведува во текстот на новите законски измени.

Потсетуваме дека, според Истанбулската конвенција, „насилство врз жени“ се смета за повреда на човековите права и форма на дискриминација врз жените. Тоа ги опфаќа сите дејствија на родово базирано насилство што предизвикуваат или е веројатно да предизвикаат физичка, сексуална, психолошка или економска штета врз жените, вклучително и закани за извршување на такви дејствија, принуда или произволно лишување од слобода, без оглед на тоа дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

Друго