Сексуалните злосторства во Кривичниот Законик на Северна Македонија: Чија е вината за истите?

Сексуалните злосторства отсекогаш биле казнувани од општеството и државата, но со признавањето на човековите права како вродени, апсолутни и капитални права се промени и пристапот кон сексуалните злосторства. Кодексот на Хамураб, кој претставува најрана збирка на пишани закони, силувањето на девојка девица го сметаше за имотна штета врз нејзиниот татко. Долго време силувањето на жената се сметало за имотно злосторство против сопругот или таткото на жртвата. За старите Грци, како и за Римјаните, законите за сексуалното однесување, вклучувајќи го силувањето, прељубата и заведувањето се фокусирале на жената, не за физичка заштита на жената по нејзино право, туку затоа што таа била неопходното средство за продолжување на семејството и поради оваа причина била од државен интерес.

Но, денес дефиницијата за сексуалните злосторства целосно се фокусира на жртвата и нејзината волја. UN Women сексуалниот криминал го дефинира како секој вид на штетно или несакано сексуално однесување кое му се наметнува на едно лице. Тоа опфаќа акти на присилен сексуален контакт, принудно инволвирање во сексуални дејствија, обид или вршење на сексуални дејствија со една жена без нејзина согласност, сексуално вознемирување, вербална злоупотреба, закани, изложување без нејзина согласност, несакано допирање, инцест и други. Сексуалните злосторства во Северна Македонија се криминализирани во Кривичниот законик во Глава XIX, именувани како кривични дела против половата слобода и половиот морал. Според спроведената анкета соодносот меѓу оние кои доживеале ваков вид на сексуално злосторство и оние кои не доживеале е 135:43.

Според Кривичниот законик на Република Северна Македонија, половите деликти ги вклучуваат следните кривични дела: 

  • Полов напад и силување (член 186)
  • Обљуба врз немоќно лице (член 187)
  • Полов напад врз малолетник кој не наполнил 15 години (член 188)
  • Обљуба со злоупотреба на положбата (член 189)
  • Задоволување на полови страсти пред некој друг ( член 190)
  • Сексуално вознемирување (член 190-а)
  • Посредување во вршење на проституција (член 191)
  • Прикажување порнографски материјал на малолетник (член 193)
  • Производство и дистрибуција на детска порнографија (член 193-а) 
  • Намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години (член 193-б) 
  • Родосквернавење (член 194)

Со криминализирање на овие дејствија се овозможува заштита на физичкиот и моралниот интегритет на секој поединец. За жал овие кривични дела, за разлика од другите кривични дела како што се: кражбата, кривичните дела против службената должност или кривичните дела против државата, извршувањето на овие кривични дела покрај повредата на сексуалната слобода на човекот, оставаат и други повеќекратни последици. Во електронската анкета спроведена од „Молекуќја“, 76% од испитаниците признале дека тие самите или некој што го познаваат доживеал сексуално насилство. 55% од вкупниот број на испитаници признале дека кога ќе се случи сексуално злосторство општеството најчесто ја обвинува жртвата.

Во оваа анкета учествувале вкупно 178 испитаници, од кои 146 се девојки и жени, 31 момче и маж и едно лице се изјаснило како небинарно. Што се однесува на возраста, најголем дел од испитаниците припаѓаат на возрасната група од 19 до 25 години (35%). Најмал е бројот на испитаници кои припаѓаат на возрасната група од 36 до 45 години (8% од испитаниците) и на возрасната група од 46 до 55 години (4% од испитаниците). 

Кривичниот законик на РСМ минатата година, во 2023 година, претрпе големи измени во повеќе области, вклучително и на оние кои се однесуваат на сексуалните злосторства. Овие измени се направија подари потребата од усогласување на Кривичниот законик на барањата и обврските кои ги наметнува Истанбулската конвенција на секоја држава што ја ратификувала оваа Конвенција. Како резултат на тоа, поглавјето XIX беше ажурирано со потребите на современото општество. Така, покрај измените во именувањето, беше криминализирано и сексуалното насилство во рамките на семејното насилство, конкретизирано е што подразбираме под насилни сексуални односи, несогласноста за сексуални односи е сега веќе доволно за поведување кривична постапка, додека возраста до која сексуалниот однос за децата се смета за нелегален е сменета од 14 години на 15 години. Според анкетата, 48% од испитаниците не се запознаени со овие измени на Кривичниот законик, 9% не знаат за што се работи. 

КОЛКУ ДЕВОЈКИ БИЛЕ ЖРТВА НА НЕКОЈА ОД ФОРМИТЕ НА СЕКСУАЛНИ ЗЛОСТОРСТВА?

Околу 60% од испитаниците или некој што го познаваат биле жртва на кривичното дело „Демнење“ кое е криминализирано во член 144а од Кривичниот законик на РСМ. Според нашата легислатива, демначот се дефинира како: „Тој што на неовластен начин следи, прогонува или се меша во личниот живот на друг, или создава или сака да создаде несакани контакти со движење во/просторот каде што е тоа лице, злоупотребува користење на податоци лични информации, користење средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психолошки злоупотребува, вознемирува или заплашува со цел да предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата безбедност или за безбедноста на блиска личност“. 

Што се однесува до кривичното дело „Сексуално вознемирување“ кое е предвидено во член 190-а од Кривичниот законик на РСМ, анкетата покажува дека 61% од испитаниците лично или некој што го познаваат доживеале ваков вид на кривично дело.

Вознемирувачки се одговорите на испитаниците во врска со кривичното дело „Полов напад и силување“ кое е инкриминирано со член 186 од Кривичниот законик. 76% од испитаниците одговориле дека тие лично или некој што го познаваат доживеал сексуален напад или силување, додека пак само 24% од испитаниците сè уште не се допрени од ова кривично дело. Соодносот меѓу оние кои го доживеале ова кривично дело и оние кои не го доживеале е 135:43.

КОЈ Е ВИНОВНИКОТ КАЈ ОВИЕ ЗЛОСТОРСТВА?

На прашањето кон кого се вперува прстот во случаите кога е сторено кривично дело од сексуална природа, испитаниците дадоа различни мислења за тоа кого тие обвинуваат, а кого општеството. Па така, 91,6% од испитаниците би го обвиниле сторителот, додека 3,4% би ја обвиниле жртвата затоа што „таа требала да биде внимателна“. Меѓутоа, во реалноста работите не се толку црно-бели. Според оваа анкета 55,3% од испитаниците сметаат дека во вакви случаи општеството ја обвинува жртвата, додека пак 30,2% сметаат дека прстот би бил вперен кон сторителот. Во општества како нашето, прстот често е вперен и кон семејството, па така 12,3% од испитаниците сметаат дека општеството би го обвинило семејството на жртвата.

Поради природата на сексуалните злосторства тие во една или друга форма се поврзани со сексуалниот аспект на жртвата, и вината не секогаш му се припишува на сторителот на делото. И покрај тоа што општеството е подготвено да го казни сторителот со драконски казни, според нив жртвата никогаш не е целосно ослободена од вината, туку секогаш има свој придонес во злосторството што и се случило. Ова се прави преку напад врз начинот на облекување на жртвата, друштвото, местата што најчесто ги посетува, романтичните врски, нејзините ангажмани. И семејството на жртвата во овие случаи е ставено пред обвинителната клупа, судејќи го нивното родителство бидејќи „да ја воспитале како што треба, немаше да и се случи“.

КАКВИ КАЗНА ТРЕБА ДА ИМ СЕ ИЗРЕЧАТ НА СТОРИТЕЛИТЕ НА СЕКСУАЛНИ ЗЛОСТОРСТВА?

Во зависност од тоа за какво кривично дело се работи и со кој мотив е сторено тоа кривично дело, законодавецот определил различни санкции. Но, генерално, сексуалните злосторства се казнуваат со затворски казни, во зависност од делото сторителот може да биде осуден на од помалку од 1 година затвор до доживотен затвор. На пример, за кривичното дело „Осакатување“ сторителот може да се казни од 6 месеци до 5 години, но во случај при извршување на кривичното дело „Силување на малолетник кој не наполнил 15 години“ да е предизвикана тешка телесна повреда, смрт, други тешки последици, или кривичното дело е сторено од повеќе лица, или е сторено на особено груб, понижувачки начин или е сторено од омраза, сторителот ќе се казни со најмалку 10 години затвор или доживотен затвор.

На прашањето каква казна треба да се изрече за сторителите на полови злосторства, испитаниците дале различни одговори, но доминира казната доживотен затвор (36%) како најадекватна санкција за овие кривични дела. Потоа, 20% од испитаниците сметаат дека овие сторители треба да бидат осудени на 1-5 години затвор, 19% од испитаниците сметаат дека во овие случаи треба да се примени смртна казна, 18% од нив сметаат дека треба да биде изречена казна затвор од над 10 години, додека пак 7% од нив сметаат дека треба да се примени казна затвор од 5 до 10 години.

ДАЛИ БИ ГИ ПРИЈАВИЛЕ СЕКСУАЛНИТЕ ЗЛОСТОРСТВА?

Кога станува збор за сексуалните злосторства, секогаш станува збор за злосторства чиј број е многу поголем. Недоволното пријавување е последица на мноштво причини. Со оглед на тоа дека девојчињата се најчести жртви на овие злосторства, тие не го пријавуваат случајот поради осудувањето што ќе го доживеат. Не ретко слушаме изрази кои ја обвинуваат жртвата поради нејзината облека или околината во која се наоѓала, или го осудуваат нејзиниот морал и нејзината чест. Друга причина зошто пријавувањето на сексуалните злосторства е ниско е и недовербата во органите на прогонот и недовербата дека правдата ќе го каже последниот збор, а сторителот ќе биде санкциониран. Последното прашање во оваа анкета се однесува токму на пријавувањето, односно тоа дали испитаниците би пријавиле доколку знаат дека се случило кривично дело од сексуална природа, а испитаниците се изразиле вака:

  • 162 од испитаниците би ги пријавиле овие кривични дела
  • 6 од испитаниците би разговарале со жртвата и доколку таа се согласи, тогаш случајот би до пријавиле во полиција
  • 3 од испитаниците воопшто не би го пријавиле случајот во полиција
  • 2 од испитаниците изјавиле дека би го убиле сторителот
  • 1 испитаник рекол „Би му ја исекол главата со секира“
  • 1 испитаник
  • 1 испитаник смета дека полицијата не презема ништо
  • 1 испитаник би ги известил другите и
  • 1 испитаник не знае што би направил

Со неодамнешните законски измени во Кривичниот законик Северна Македонија направи чекор напред кон усогласување на правните норми на потребите и барањата на општеството на 21 век. Но, непријавувањето на овие кривични дела, поточно големиот број на напријавените сексуални злосторства, кој сеуште е висок, у натаму е причина за загриженост. Постојниот Кривичен законик овозможува гонење на сите форми на кривични дела и тоа треба да се гледа како мотивација за пријавување на овие кривични дела, но недовербата во надлежните институции за гонење и истрага на делото го отежнува патот до казнување на сторителите на кривични дела од сексуален карактер.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго