Косово и Северна Македонија дозволуваат, но не финансираат замрзнување на јајце клетки за жени

Пишуваат: Рита Бехадини и Ера Ѓакова

„Животот е многу брз и динамичен“, вели Н.С., „и колку и да сте добар во управување со времето, постојат работи што едноставно не можат да се постигнат“. Адвокатката Н.С., самата ја искористила можноста за замрзнување на јајце-клетки. Според неа, жените кои имаат финансиски можности треба да си овозможат „одложување на рокот“ за мајчинство. 

Вклученоста на жените на пазарот на труд и нивните кариерни амбиции го прават „отчукувањето“ на биолошкиот часовник дополнителен предизвик за оние кои сакаат подоцна во животот да се реализираат и како мајки. „Добро размислив дали треба или не треба да го направам тоа“, изјавува таа, „се информирав детално за целиот процес и заклучив дека вреди“. 

„Замрзнувањето на јајце-клетки не е тежок процес и претставува многу добра можност за жените да се реализираат во семејниот аспект. Искрено, тоа е чекор што секоја жена која има економска можност и ја чувствува потребата, треба да го направи без двоумење“.

Ниту Министерството за здравство, ниту Фондот за здравствено осигурување во Северна Македонија немаат податоци за жените кои се одлучуваат за замрзнување на јајце-клетки со цел раѓање дете во иднина. Оваа постапка не се изведува во државните клиники и болници во РСМ и не е покриена како процес од страна на Фондот за здравствено осигурување. Единствена можност за ова постапка е нејзиното спроведување во приватни клиники.Истото важи и за Република Косово. 

„Бидејќи замрзнувањето (криопрезервацијата) на јајце-клетки како здравствена услуга не е покриено од средствата на Фондот, ние немаме податоци со кои би можеле да одговориме на вашите прашања.“

Фонд за здравствено осигурување на РСМ

Недофинансирањето на оваа постапка од страна на државата создава дискриминација и ја прави недостапна за жените кои не работат, имаат пониски приходи или работат помалку платени професии. 

Според пратеничката на Ветевендосје (Самоопределување) во Косово, Албена Решитај, замрзнувањето на јајце-клетки може да им даде на паровите, односно на жените, повеќе можности за планирање на семејството и зачувување на плодноста, особено кога се соочуваат со медицински третмани што би можеле да ја оштетат. „Оваа постапка може да создаде дополнителна можност за многу жени да имаат деца во иднина“, вели таа. „Сепак, многу е важно ова да биде проследено со целосна медицинска информираност и јасна правна рамка која гарантира безбедност и етички стандарди во користењето на овие технологии“.

Што вели законот во РСМ и Косово?

Во Северна Македонија, замрзнувањето и зачувувањето на јајце-клетки е детално регулирано со Законот за биомедицински потпомогнато оплодување,при што процесот се спроведува во овластени здравствени установи. Што се однесува до Косово, сè уште не постои целосен и функционален закон кој сеопфатно го регулира медицински потпомогнатото оплодување. Во моментов, оваа област главно се потпира на општите одредби од Законот за репродуктивно здравје (2007) и Административното упатство за медицински потпомогнато оплодување (2013), кои не го регулираат доволно овој сложен и чувствителен сектор.

„Замрзнувањето и чувањето на јајце-клетки е едно од репродуктивните права на жената, како дел од основните човекови права и слободи“, објаснува за “Mollëkuqja”, 

Арта Меро 

Во Законот за биомедицински потпомогнато оплодување, процесот на замрзнување на јајце-клетки во Северна Македонија е регулиран од член 30 до член 33, каде се утврдува кои институции можат да го извршат овој процес, под кои услови и кои се обврските на здравствените установи за обезбедување и зачувување на интегритетот на половите клетки. Законот исто така нагласува дека: Маж и жена на кои врз основа на медицинските сознанија или искуство од медицинските науки им се заканува опасност од неплодност заради здравствени причини, можат во овластена здравствена установа со согласност во писмена форма да ги зачуваат своите сперматозоиди, јајце клетки, ткиво од јајник или семеник, за сопствено користење (член 33 став 1).

„Жената има апсолутно право врз своето тело, како и право да одлучува за судбината на својот репродуктивен материјал, односно да одлучи за замрзнување и чување на јајце-клетки од различни причини, вклучувајќи субјективни, медицински или хумани: за лична употреба, за одложување на мајчинството, за чекање соодветен момент за брак, од кариерни причини, за каков било медицински третман, заради репродуктивно здравје, надминување на неплодност, донација на јајце-клетки, планирање самохрано родителство и сл.“, истакнува Арта Меро. 

Државната комисија за биомедицински потпомогнато оплодување при Министерството за здравство во РСМ е одговорна за процедурите спроведени согласно законот. Во Косово, ова тело се нарекува Комисија за медицински потпомогнато оплодување (ФАО). 

„Косово има итна потреба од јасен и добро структуриран закон што ќе ја регулира биомедицинското потпомогнато оплодување. Многу парови се соочуваат со неплодност и често се принудени да бараат третман во странство, поради што е неопходна добра законска рамка“, вели Решитај. Според неа, добар закон треба да воспостави баланс помеѓу три елементи: потребите на паровите, заштитата на интересите на детето и правната сигурност. Без овој баланс, вели таа, ризикуваме да создадеме нови проблеми во иднина.

„Во моментов, Универзитетскиот клинички центар на Косово не нуди услуга за замрзнување јајце клетки сè додека не се создаде законска рамка за ова, но технички, Гинеколошката клиника изјавува дека ја има оваа можност. Значи, на жените во Косово им е тешко да извршат таква постапка во државните институции, додека во приватните цените се високи.“

Паулина Нуши Мухаџири

Во Косово, предлог-законот за репродуктивно здравје и медицински потпомогнато оплодување во 2023 година предизвика јавна дебата бидејќи предвидуваше спроведување на ин-витро постапката и за самохрани мајки на кои им беше дозволено да основаат семејство и ако не се во брак. Предлог-законот за репродуктивно здравје и медицински потпомогнато оплодување не е одобрен во Собранието на Косово, иако е ставен на гласање неколку пати од октомври 2023 година. 

„Во однос на Предлог-законот за репродуктивно здравје и медицински потпомогнато оплодување (Косово, 2023), во принцип тој претставува важен чекор кон регулирање на оваа област. Сепак, во својата сегашна форма содржи недостатоци кои треба да се адресираат пред неговото конечно усвојување. Особено е важно јасно да се регулираат прашањата поврзани со донаторите на репродуктивни клетки, транспарентноста на постапките и заштитата на правото на детето да го знае своето биолошко потекло.“

Албена Решитај

Колку чини замрзнувањето на јајце-клетки?

“Mollëkuqja” истражуваше неколку приватни клиники во Скопје и Приштина за да ги утврди трошоците за оваа постапка. Во Северна Македонија, исто како и во Косово, девет здравствени установи имаат валидна лиценца за нудење услуги за медицински потпомогнато оплодување, и сите се приватни.Сепак, здравствените институции во Косово се покажаа многу порезервирани и нетранспарентни во споделувањето информации за цените. 

Адвокатката Н.С. платила 2000 евра за процесот на замрзнување на јајце-клетки и месечно плаќа 250 евра за нивно складирање. Цените за процесот на замрзнување, почнувајќи од иницијалната терапија, хормоналната терапија, цена до пункција на јајце-клетките и нивното складирање, варираат во зависност од индивидуалните потреби на секоја пациентката и од понудите или пакетите што ги нудат самите здравствени установи. 

Некои од овие здравствени установи ја нудат услугата за замрзнување на јајце-клетките како пакет, додека други ги пресметуваат трошоците за секоја фаза од процесот одделно. Така, хормоналните тестови може да чинат од 15 до 30 евра, индивидуалната хормонална терапија, во зависност од болницата и потребите на пациентката, може да започне од 300 до 1300 евра. Што се однесува до процесот на извлекување, замрзнување и чување на јајце-клетките, здравствените установи имаат различни понуди.

„Mollëkuqja“ ги истражуваше цените до моментот на пункција на јајце-клетките, цените за една година складирање, цените за индивидуални хормонални терапии и времетраењето на целиот процес. Според нашите податоци највисоката цена за услугата на пункција на јајце-клетки изнесува 2000 евра, додека најниската е 200 евра. Складирањето на јајце-клетките по процесот на пункција зависи од бројот на јајце- клетките и од времетраењето. Така, цените почнуваат од 245 евра и достигнуваат до 2700 евра. Целиот процес трае од 8 до 30 дена, во зависност од индивидуалните потреби на пациентката. 

Анализирајќи ги горенаведените параметри, „Mollëkuqja“ пресмета колку средства треба да има една жена на располагање на почетокот од оваа постапка, вклучувајќи го и складирањето на јајце-клетките според пакетите што ги нудат болниците. Најниската пресметана цена изнесува 1500 евра, додека највисоката достигнува приближно 4300 евра. Ова несомнено претставува висок трошок, особено ако се земе предвид дека постапката не е покриена од државата. Според професорката Арта Меро, оваа практика создава простор за дискриминација на жените кои не можат финансиски да си ја дозволат, оставајќи ја како опција достапна претежно само за повисоките општествени класи. 

„Иако можноста за замрзнување и зачувување на јајце-клетките е регулирана со законските норми на Северна Македонија, сè уште постои застој во нејзината употреба врз основа на културната традиција на нашето општество. Дополнително, со оглед на високите трошоци за складирање или нивна набавка за алогено оплодување (во случаи кога оплодувањето не може да се изврши со сопствени јајце-клетки) не сите жени имаат материјални можности да си го овозможат овој начин на семејно планирање. Затоа, не сите жени имаат пристап до оваа метода за одложување на мајчинството“Арта Меро

„Со оглед на тоа што моето семејство добро ме познава, тие не беа изненадени и добро го прифатија тоа. Лично, не сум зборувала за ова во средини кои немаат капацитет да го разберат процесот и каде би се соочила со предрасуди. Но, таму каде што сум зборувала, реакциите беа многу позитивни“, изјавува Н.С. за „Mollëkuqja“.

Сепак, ова не е реалноста за многу други жени кои се соочуваат со предрасуди за начинот на кој сакаат да се реализираат како мајки. Социјалниот притисок, покрај високите трошоци, често ги обесхрабрува жените да ги искористат можностите што им ги нуди законот.

„Товарот на притисокот паѓа врз жените од кои се бара да станат мајки, да генерираат приход и да продолжат со своето образование и еманципација. Државата треба да работи на создавање законска рамка што им овозможува на жените да ги замрзнат своите јајце-клетки во УЦКК, за да можат да ги спроведат планираните бремености според нивната возраст кога сакаат. Бременоста не треба да биде општествен притисок, туку желба и реализација на целите на жената кога и како сака“, вели новинарката Паулина Нуши Мухаџири за Mollëkuqja. 

Развојот на науката и технологијата ги прошири границите на репродуктивната возраст на жената, овозможувајќи ѝ да ги постигне своите професионални цели без да биде условена од брак или од притисокот на „биолошкиот часовник“. Замрзнувањето на јајце-клетки претставува основно репродуктивно право што ѝ овозможува на жената самостојно да одлучува за своето тело и за својата репродуктивна иднина, без разлика дали причините се субјективни, медицински или хумани. Во суштина, оваа технологија претставува форма на зајакнување на жената да избере кога и како ќе стане мајка.

Друго