Оралните контрацептиви: Како треба да се користат и дали имаат несакани ефекти?

Оралните контрацептиви денес се дел од секојдневието на многу девојки и жени кои ги употребуваат или за да се заштитат од несакана бременост, или пак поради други медицински причини. Оралните контрацептиви првпат беа одобрени од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) за регулирање на менструалниот циклус во 1957 година, а 3 години подоцна администрацијата ги одобри Enovid контрацептивите за заштита од бременост. Пронајдокот на оваа мала таблетка во втората половина на 20 век им даде на жените моќ да одлучуваат за своето тело, бидејќи сега можеа да планираат самите кога ќе го добијат епитетот мајка.

Но, ако погледнеме на социјалните мрежи, таму голем број на девојки и жени зборуваат за различните негативни ефекти што ги доживеале како последица на користењето на овие апчиња, често споменувајќи ја намалената сексуална желба или либидото како несакан ефект од употребата на оралните контрацептиви. Дали оралните контрацептиви навистина можат да влијаат на нашето либидо? За да добие медицински одговори, Молекуќја се обрати до Резеарта Елези ендокринолог и Аријан Алили - гинеколог..

Резеарта објаснува дека оралните контрацептиви се една хормонална комбинација на естроген и прогестерон, како и антиандрогена компонента. Тие дејствуваат на тој начин што ја инхибираат овулацијата (процесот на формирање на јајце клетки за време на менструалниот циклус), предизвикуваат промени и во внатрешната обвивка на грлото на матката, матката и мобилноста на фалопиевите туби, со што се намалува можноста за имплантација на ембрионот. Но, бидејќи либидото е индивидуално чувство, мерењата за промените во либидото при употреба на оралните контрацептиви се вршеше преку анкети, вели Елези.

„Бидејќи не постои вистински квантитативен метод за одредување на ефектот на контрацептивните средства врз либидото (имајќи предвид дека либидото е индивидуално чувство), спроведени се епидемиолошки научни студии со анкети за либидото и употребата на контрацептивните средтства, а во една неодамнешна студија беше објавено дека 43% од жените кои користат контрацептиви се изјасниле дека имаат намалување на либидото. Научните студии овој ефект на намалување на либидото го припишуваат на намалувањето на циркулирачките андрогени (тестостерон и андростендион), кои се хормони одговорни за либидото“.

Интервенирањето на работата на хормоните со помош на овие апчиња ќе предизвика и несакани ефекти, вели Резеарта,но дали една жена ќе има некои од овие ефекти, кои од овие несакани ефекти ќе се манифестираат и во која мера, тоа ќе зависи од организмот на секоја жена индивидуално.

„Употребата на контрацептивни средства и која било друга форма на таблети кои се употребуваат со цел манипулација со хормоните во себе носи и одредени несакани ефекти. А бидејќи расположението, перцепцијата за себе и за околината, самодовербата, сексуалната желба и перспективата се директна последица на играта меѓу хормоните и невролошките невротрансмитери, тогаш секоја промена во количеството на хормоните и соодветното врзување на хормонот со соодветниот рецептор ќе предизвика физиолошки промени, како што се акни, зголемена коагулација (згрутчување) на крвта, психолошки промени, промени во косата. Меѓутоа, тие ќе варираат многу од една личност на друга, во зависност од бројот и афинитетот на споменатите рецептори.

Препишувањето на апчињата од страна на гинеколозите и ендокринолозите се врши во следниве случаи:

  • Нарушување на менструалниот циклус,
  • Проблеми со кожата и косата поради хормонални пореметувања
  • и поради спречување на несакана бременост.
  • PCOS

 

Арјан Алили гинеколог.вели дека контрацептивни средства се користат и во случаи кога едно лице има синдром на полицистични јајници. Алили вели дека покрај спречувањето на несакана бременост, оралните контрацептиви се користат и кај младите девојки, поточно кај адолесцентките кои имаат симптоми на синдромот PCOS (синдром на полицистични јајници). Според Алили, контрацептивните средства не се само ефикасни во спречување на бременоста, туку се ефикасни и за одржување на хормоналниот статус. Кога оралните контрацептиви се земаат редовно и според упатствата, нивната ефикасност е 99%.

Пред да се препишат орални контрацептиви претходно секогаш се прават соодветни тестови на крвта за да не се загрози здравјето на девојките и жените. Алили вели дека од неодамна се практикуваат и други тестови пред да се почне со употреба на контрацептивни средства.

„Во нашата секојдневна пракса на пациентките им предлагаме орални контрацептиви, но прво треба да имаме еден физиолошки преглед на крвната слика. Вообичаено, пред да се планира употреба на контрацептивни средства, девојката/жената треба да направи една обична анализа на крвта, а во последните години дел од практиката станаа и тестовите за коагулација на крвта со Д-димери, ултрасонографијата на дојката и липидниот статус. Ако препорачаме орални контрацептиви како третман за синдромот на PCOS, тогаш прво треба да направиме хормонски тестови. Употребата на контрацептивни средства во никој случај не треба да го загрози здравјето на девојката или жената.

Арјан Алили наведува 7 несакани ефекти кои можат да се појават како последица од употребата на оралните контрацептиви:

  • Висок крвен притисок
  • Ризик од згрутчување на крвта и срцев удар (кај жените со прекумерна телесна тежина)
  • Ризик од рак на дојка
  • Промени во расположението
  • Стрес
  • Депресија
  • Зголемување на телесната тежина
  • Мигрена и
  • Нарушувања на менструалниот циклус“

 

Организмот на една девојка или жена е единствен и е различен од кој било друг организам, така што она што може да функционира кај едно лице може да има негативни ефекти кај друго, и токму поради ова оралните контрацептиви секогаш треба да се употребуваат по препорака на соодветен лекар кој ќе ги препише врз основа на индивидуалните потреби.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго