Закани, дискриминација и недостаток на безбедност – реалноста на новинарките во РСМ

Во една средина во која што новинарството е од суштинско значење за едно демократско и информирано општество, заштитата на новинарите од закани и насилство е поважна од кога и да е порано. И покрај напредокот постигнат низ сите овие години, Северна Македонија останува едно небезбедно место за новинарите, со посебен акцент на медиумските работници од женскиот пол. Извештаите покажуваат дека новинарките често се мета на напади и закани. Во 2020 година од 14 регистрирани напади врз новинари, во девет од нив мета биле новинарки кои ги извршувале своите новинарски должности. Во 2021 година од 5 евидентирани напади, три биле врз новинарки, во 2022 година е евидентиран еден напад врз новинарка, а во 2023 и 2024 година биле евидентирани 2 напади врз новинарки. 2025 година започна со палење на возилото на една новинарка во Охрид.

Анкетата спроведена од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА,со кое беа опфатени 103 новинарки во Република Северна Македонија, покажа дека 81,6% од нив се соочиле со вознемирување и закани на интернет. Истражувањето покажа дека од 81,6% од новинарките во земјата кои се соочиле со вознемирување на интернет поради нивната работа, речиси половина од нив (43,7%) не го пријавиле воопшто вознемирувањето, а дел од останатите (32%) го пријавиле до својата редакција. Над 29,7% од новинарките изјавиле дека нивните фотографии биле споделени до одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. 22% од новинарките се соочиле со демнење на интернет, а 18,7% од нив биле мета на оркестрирани кампањи.

Покрај нападите, медиумските работнички во нашата земја се соочуваат и со родова дискриминација по однос на работните позиции и платите, како и со недостаток на ефективни политики за решавање на овие прашања. За да се подигне свеста, да се обезбедат обуки и да се влијае на медиумските политики за поправедна родова застапеност, неодамна во Северна Македонија беше формирана мрежата на жени во медиумите „Еднаква“. Интервју со новинарката Фатљуме Дервиши од мрежата на жени во медиумите „Еднаква“.

  • Ти си една од иницијаторите за формирање на мрежата на жените во медиумите „Еднаква“. Можеш ли да ни кажеш од каде произлезе потребата за формирање на една ваква мрежа во нашата земја?

Мрежите за родова еднаквост во медиумите не се нешто ново и непознато. Некои од нив во регионот се и многу активни и имаат постигнато резултати. Но, што се однесува до еднаквоста во медиумите кај нас ова е прва, сериозна и значајна организација по бројот на учесници и поддржувачи. Анкетите спроведени во последниве години го докажаа она што новинарките и медиумските работници веќе го знаеја, го доживуваа или за што беа свесни, но што не го кажале отворено. Жените кои работат во медиумите се дискриминирани, тие се мета на физичко и онлајн демнење, мета на закани, дискредитација на социјалните мрежи, тие доживуваат психичко и сексуално насилство, нивните лични податоци се злоупотребуваат, не се сметаат за исто способни како нивните машки колеги и ретко им се доверуваат раководни позиции. Ова се индивидуални изјави на над 80% од вработените од женски пол во медиумите. Оваа статистика е многу загрижувачка. За овие работи многу е важно да се дискутира. Токму поради тоа, мрежата на жени во медиумите има за цел да ја подигне свеста на највисоко ниво, да се солидаризира, да биде гласот на жените во медиумите и да биде на нивна страна во сите од горенаведените случаи.

Во иднина, се надеваме не многу далечна, медиумите во земјата мора да ги променат своите внатрешни политики на работење, да усвојат кодекси на однесување со родово сензитивен јазик и мора да внимаваат и да користат родово сензитивен јазик не само во редакциите, туку и при емитувањето на информациите. Меѓународната федерација на новинари како еден од главните услови за родова еднаквост на работните места во медиумите ги нагласува и континуираните обуки за подигање на свеста, но и за едно одговорно лице во улога на супервизор, специјално обучен за овие теми, кај кого жените ќе можат да се обратат кога ќе почувствуваат некаков вид на дискриминација или родово базирано вознемирување.

Мрежата, се разбира, ќе се грижи и за тоа како се прикажуваат во медиумите жените кои се на јавни позиции, како се известува за родово базираното насилство и за други теми кои имаат родова позадина. Состојбата во редакциите не може да се промени доколку не се работи паралелно за промена на начинот на формирање на јавното мислење за овие теми.

  • Името на мрежата „Еднаква“ звучи моќно и прилично одлучно. Од твоето долгогодишно искуство во медиумите, може ли да ни кажеш зошто жените не се еднакви во медиумите дури и ако работат исто колку и мажите?

Родово базираната дискриминација е присутна во сите облици на општественото организирање. Медиумите не се исклучок од останатото општество. Како се дискриминирани жените кои работат во медиумите? Како прво, тие не се сфаќаат сериозно, се сметаат за послаби, покревки и помалку способни. Во однос на родовото учество во новинарството во земјава доминираат жените, но на раководните позиции најчесто се мажите. Внатрешните политики за работа во медиумите не се родово сензитивни политики. Кога се бремени или кога се млади мајки кои поминуваат дел од своето време грижејќи се за децата жените на работното место се гледаат како товар.

  • Колку сметаш дека жените во медиумите се свесни дека нивната работа не е еднакво вреднувана со онаа на мажите и колку е тешко за една жена да стекне професионален терен во медиумите во нашата земја?

Од средбите што сме ги оствариле со многу колешки низ целата држава како дел од иницијативата за формирање на мрежата, произлезе дека жените се свесни за родовата нееднаквост на нивните работни места и во оваа професија воопшто. Во една или во друга форма, сите тие ја почувствувале таа нееднаквост. Кога велам дека треба да работиме на подигање на свеста, јас мислам на свеста кај мажите, или другата половина од општеството. Голема е веројатноста колегите да не ја приметат или да не ја препознаат дискриминацијата. Затоа е многу важно конкретните примери да се третираат и за нив да се зборува јавно. Затоа што со премолчувањето на конкретните случаи што се случуваат, тој дел од општеството што не ги доживува, можеби и нема да поверува.

  • На колкава поддршка наиде оваа иницијатива, без разлика дали таа доаѓа од колеги или од колешки? И како можеме да станеме и ние дел од оваа мрежа?

Секој една жена вработена во медиумите може да стане член на мрежата на жените во медиумите на наједноставен можен начин. Се што е потребно е да се пополни еден формулар на интернет и апликацијата се прифаќа автоматски. Целта на ова е зачленувањето да не се комплицира со бирократски процедури. Нашата цел е проширување на мрежата, а со тоа и влијанието и исходот. Досега ја имаме поддршката од медиумските организации и новинарите во земјава, особено од Синдикатот на новинарите и медиумските работници, под чија капа функционираме.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго