Недостигот на законска регулатива или забраната на сурогат мајчинството претставува повреда на репродуктивната слобода на еден поединец. Од неодамна и Италија стана дел од земјите кои што сурогат мајчинството го забраниле не само на национално, туку и на меѓународно ниво. Така, луѓето кои имаат медицински индикации и не можат да го носат детето поради отсуство на матката или абнормалност на матката, во Италија нема да можат да ја искористат оваа можност, а немаат право ни да го донесат во земјата детето родено надвор од Италија од една сурогат мајка.
Арта Меро, професор по семејно право на Правниот Факултет при УЈИЕ рече дека иако сурогатството им помогнало на голем број на парови да се реализираат како родители, таа сеуште наидува на бариери во меѓународната сфера поради правната презумција дека мајка на детето е таа што го раѓа тоа дете.
„И покрај многуте позитивни страни сурогат мајчинството отворило многу филозофски, етички, правни и религиозни дебати. Првата причина што многу од земјите на меѓународно ниво не прифаќаат или одбиваат да го регулираат овој начин на конституирање на родителството во своето семејно и репродуктивно законодавство е токму валоризацијата на биолошкиот процес на бременоста, како и отстапувањето на добро- позната римска максима Mater semper certa es (Мајката секогаш се знае - таа што го раѓа детето).“
Арта Меро
Меро истакнува дека државите имаат право да не опфатат ниту еден од методите на вештачко размножување во својата политика за наталитет, а во групата земји кои забрануваат раѓање деца за други има значителен број на држави, за разлика од државите кои имаат многу полиберален однос кон овој процес, па дури имаат и регулирано комерцијално сурогат мајчинство. Според една студија на здружението „Лука Косиони“, сурогат мајчинството е легално во 65 земји во светот, како во форма на солидарност (каде нема парична награда) така и во комерцијална форма (каде што мајката што го носи детето добива одредена компензација).
Во продолжение Арта Меро кажува дека комерцијалниот аспект на сурогат мајчинството е најважниот аргумент кој влијае тоа да не биде дозволено од одредени земји, но и да не биде прифатено како современ облик на раѓање на деца.
„Комерцијалното сурогат мајчинство најчесто се маскира како репродуктивен туризам од причина што се искористува тешката финансиска и социјална состојба на сурогат жените. На телото на жената му се прави уште една стигматизација со искористување за комерцијални цели, на женската матка и се препишуваат различни поими, нарекувајќи ја „матка за изнајмување“, „инкубатор без мајчински чувства“; мајчинството се третира како репродуктивна „проституција“ поради продажбата на матката во замена за дете; жените и децата се предмет на купопродажба, со што се нарушува нивното достоинство и ова е нешто што никако не може да се прифати во едно општество со традиционални семејни вредности“.
Сè додека сурогат мајчинството е израз на слободна волја и лична автономија и се додека еден таков процес не се злоупотребува, нема оправдана причина за ограничување на родителските права на еден пар или еден поединец и тоа не ги разнишува темелите на традиционалното семејство, вели Арта Меро.
„Преку сурогат мајчинството се овозможува остварување на интересите на родителите без да се загрози традиционалното семејство во овој поглед, од причина што детето е генетски поврзано со двајцата родители или барем со едниот родител. Од биолошкото раѓање се разликува само по процесот кој е потпомогнат со медицински процедури, сурогат жената во никој случај нема генетска поврзаност со детето (гестациско сурогат мајчинство), таа само прави еден хуман чин за да им понуди можност на паровите да се реализираат како родители“.
Меро вели дека иако државата може да не дозволи сурогат мајчинство, паровите можат да имаат деца преку сурогат мајчинство со посредништво на агенции со седиште во држави во кои сурогат мајчинството е дозволено.
„Инаку, многу парови, и хетеросексуалци и хомосексуалци, од земји каде сурогат мајчинството не е дозволено и регулирано, имаат опции да ангажираат жени преку агенции кои посредуваат во овој процес од зачнување до породување. Родителите имаат можност да стапат во контакт со жената која го носи нивното дете, грижејќи се за нивното здравје и сите трошоци за процесот. По раѓањето, детето се евидентира како родено во клиниката што посредувала и преку амбасадата на земјата на родителите се добива дозвола тоа дете да се донесе во матичната земја“.
Арта Меро
Меро додава дека оваа метода ја користеле и многу парови од РСМ до 2014 година, кога со Законот за измени и дополнувања на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување и кај нас се дозволи алтруистичко и гестациско сурогат мајчинство, исклучиво за сопружници во брак кои се државјани на РСМ.
Преку овие промени Северна Македонија е дел од либералниот спектар во однос на сурогат мајчинството, но и други методи на потпомогнато оплодување кои не само што ги штитат човековите слободи и права, туку и овозможуваат да еден поширок спектар на луѓе станат родители со помош на лабораториски методи.
"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."