Попатетично од мажот кој воопшто не се грижи за својата сопруга е невнимателниот маж кој постојано подарува цвеќе без воопшто да знае зошто го прави тоа. Очигледно не ја слушнале славната фраза на Монро која вели: „дијамантите се најдобар пријател на жената“. Па, ако мислите дека она што им треба на жените се купува со пари, тогаш тоа нека чини пропорционално на нејзиното достоинство. Што сакаат жените за мажите сè уште останува една енигма, токму затоа што наместо да ги прашаат жените, тие се обидуваат одговорот да го најдат меѓу мажите. Францускиот литературен гениј Ги Де Мопасан рекол дека жената има потреба само од милувања, Чарли Чаплин мислел дека ако можеш да насмееш една жена, тогаш можеш да постигнеш што сакаш кај таа жена. Ошо инсистира на тоа дека „жената треба да се сака, а не да се разбере“, а истото мислење го делел и Оскар Вајлд. Бонапарта бил циничен и рекол дека битките со жените се добиваат само ако бегате од нив, а врв на цинизмот е Ниче кој вели: „ако одиш кај жената, земи го камшикот“. Има илјадници и илјадници мислења, од кои ниту едно од нив не ве води до апсолутната вистина, до една единствена вистина, бидејќи не постои такво нешто како две исти жени. Во продолжение ќе ви ги пренесеме мислењата на неколку интелектуалки албанки од Република Северна Македонија кои практикуваат различни професии, и што според нив „ треба да знаат мажите за жените“:
Анита Љатифи, поранешна новинарка, инфлуенсерка
Мажите не се замараат да читаат литература која би им дала одговор на ова прашање.И денес кога цело време седат на нивните мобилни телефони на кои гледаат „memes“ и „reels“ на оваа тема, тоа пак ме им остава никаква трага. Мажите претпочитаат да живеат со констатацијата на Фројд: „И покрај 30 години истражување, сè уште не сум успеал да го најдам одговорот на прашањето „Што сакаат жените?“ И ако Фројд не успеал да го најде одговорот, зошто би се мачеле тие? Мора да бидеме искрени дека нашиот внатрешен свет е комплициран и знаеме да му дадеме збунувачки сигнали на партнерот кога сакаме да споделиме нешто од тој свет. Сепак, еве ќе спомнам една сосема вообичаена (да не речам банална)работа, сакам да разбере дека ми причинува задоволство да шетам со часови низ продавниците за покуќнина и да анализирам производи кои не ги користам или за кои немам буџет. Едноставно го сакам тоа време само за себе, но во негово присуство. Сакам да разбере колку ми е важно да ја средувам косата на фризер, без разлика што за неколку часа ќе ја врзам во опавче на главата. Да ја разбере тежината на тој постојан секојдневен облак над мојата глава со бескрајни формули кои сакам/треба да ги решам и што ја сочинуваат една мајка и домаќинка (и покрај сите мои обврски), и покрај тоа што не сум ниту прва ниту последна во оваа задача. Сакам да разбере дека го сакам процесот на дискусија за донесување една одлука, исто како што сакам на крајот да ја одбереме мојата одлука. Не сме толку комплицирани, нели!?
Рудина Бектеши, пијанистка, професорка
Знаеме дека женскиот род по природа е малку „послаб“ физички во споредба со машкиот пол.
Но, многу мажи не знаат што навистина доживува жената цело време во своето тело.За време на пубертетот жената за прв пат се соочува со хормоналните промени кои се случуваат во нејзиното тело, промени кои само жените ги забележуваат и ги доживуваат секоја на свој начин. Промена која продолжува да се случува во текот на нејзиниот живот, секој месец.
Ова е факт за кој мажите само слушаат и нив им е тешко да разберат како се случува и што всушност е тоа. Но, бидејќи и самата сум мајка на син, мислам дека најтешката фаза или процес за жената која сака разбирање и поддршка од партнерот е фазата во која за прв пат стануваш мајка. Зошто го велам ова?
Бидејќи како природен феномен кој се јавува по породувањето, многу девојки или млади мајки доживуваат депресија. Тоа е фаза која почнува со процесот на зачнување на детето и 9-те месеци од бременоста, една целосна промена на хормоните која предизвикува промени во расположението и емотивни турбуленции. Зголемување на килограмите и една деформација на телото, феномен кој што жените тешко го прифаќаат. А потоа доаѓа постпородилната фаза каде што за миг тебе ти се менува целиот живот. Раѓањето на детето за кое до вчера размислуваше какво ќе биде, сега е во твоите раце и воопшто немаш поим како треба да се однесуваш и како да се грижиш за него. Мислам дека ова е моментот кога сите жени би сакале нивните партнери да знаат повеќе и да ја имаат најголемата можна поддршка од нив.
Љуље Муљаку, гинеколог
Жените би сакале мажите да ја разберат длабочината и светоста на процесот на раѓање како чин на создавање што ја отелотворува моќта на животот и трансформацијата. Раѓањето не е само биолошки чин, туку е една врска помеѓу привременото и вечното – чин што ја комбинира болката, пожртвуваноста и љубовта во нејзина најчиста форма. Раѓањето е доказ за внатрешната моќ што ја имаат жените, сила која ги надминува границите на физичкото тело и станува духовно патување. Жените би сакале мажите да разберат дека во текот на овој процес се соочуваат со целосна трансформација, станувајќи не само носители на животот, туку и негови чувари. Раѓањето е еден циклус на почеток и континуитет во кој што жената станува мост кој го поврзува минатото со иднината. Тоа е еден момент кој го симболизира не само создавањето на нов живот, туку и повторното раѓање на самата жена, која од овој процес излегува посилна, почувствителна, поемпатична и често посвесна за нејзината поврзаност со природата, животот и универзумот. Жените би сакале мажите да го гледаат овој чин не само како нешто што едноставно се случува, туку како секојдневно чудо што заслужува почит и понизна благодарност.На крајот на краиштата, раѓањето не е само физички процес, тоа е чин на љубов кој создава нов живот и една нова реалност. Жените го доживуваат овој чин како возвишена одговорност и божествен дар и би сакале мажите на ова да гледаат со иста длабочина и почит.
Ваљдета Касапи, истражувач по комуникациски студии
Бракот би бил комплетиран ако мажите се свесни за безусловната љубов која нивните сопруги ја имаат кон нив, а потоа за сите добри особини или каприци на нивните жени. Некој би рекол, зошто каприци, јас немам никакви каприци и пороци?! Колку повеќе се трудиме како жени да ги игнорираме нашите лоши страни, толку повеќе го отежнуваме нашиот живот, а потоа и бракот. Па така, колку побрзо нашите каприци и пороци се транспарентни и прифатливи за мажите, толку побрзо мислам дека ќе биде многу полесен животот меѓу мажите и нивните сопруги. Можеби неправедно почнав со пороците, но бидејќи тие се малку во број и за да ги елиминирам и нив, мислам дека дадов формула за што верувам што би било добро мажите да знаат за своите жени. Несомнено дека има многу добри работи, почнувајќи од мајчинството, за што иако би сакале мажите да знаат за овој инстинкт, тие никогаш нема да го разберат. За ова сум убедена и ние како жени мора да се предадеме затоа што дека никогаш нема да можеме да ги внесеме во тој свет.
Има многу жени кои се поромантични и бараат од своите мажи да знаат дека тие имаат потреба да им се дарува цвеќе, но еве јас барам љубезни постапки, почит, емотивно, професионално и едноставно човечко разбирање.
Сум сретнала многу парови и имам впечаток дека жената на нивниот живот ја доживуваат како да се во ринг со публика. Мажите треба да знаат дека нивните жени треба да се третираат како животни пријатели, а не како ривали, иако понекогаш соочувањето со нив е нешто неизбежно, а не каприц. Убавината и чувствителноста на жената не е само во нејзината физичка форма, туку и во длабочините на нејзината душа, која често останува непозната за оние кои не гледаат преку физичкото. Жената е поезија на мирот и еден заеднички универзум на чувствителноста и силата.
Фљутур Белули, професорка по албански јазик
Постојат некои важни работи кои жените често посакуваат нивните сопрузи да ги разберат подобро.
Според мене, жените често не бараат решенија за нивните проблеми, туку едноставно имаат потреба некој да ги ислуша. Чувството да се биде сослушан е начин на кој една жена може да почувствува блискост и да се почуствува ценета. Понекогаш жените доживуваат различни емоции и бараат од мажите да бидат трпеливи и да имаат разбирање, без да ги минимизираат или осудуваат. Жените сакаат мажите да ги почитуваат и ценат нивните тела онакви какви што се,фокусирајќи се повеќе на личноста и љубовта што ја даваат во една врска. Иако за ова можеме да зборуваме бесконечно, јас би завршила со еден совет за мажите:
Ако ги разберат овие работи, мажите можат да ја зајакнат врската и да имаат една подлабока поврзаност со своите партнерки.
Акиме Насуфи Реџепи, сликарка
Се разбира дека без жените, мажите се изгубени. (Се смее)
Треба почесто да им кажуваат на своите сопруги дека го направиле вистинскиот избор, дека покрај себе ја имаат жената што ја сакаат и дека се среќни со изборот што го направиле. Верувам дека секоја жена сака да го слуша ова почесто. Ниту една жена не бара заштита од мажите, туку само има потреба од неговата поддршка. Всушност, имав повеќе поплаки, но не знам зошто во моментов не се сеќавам на ниту една друга. (се смее)